вторник, ноември 26, 2024
домаНасловнаДонација од интернет картички за 30.000 ученици од социјално загрозени семејства

Донација од интернет картички за 30.000 ученици од социјално загрозени семејства

Македонски телеком“ ќе донира картички со мобилен интернет од 10 ГБ месечно за децата од социјалните семејства со цел да можат да се вклучат во онлајн-наставата, информираше министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски.

Договорот за донација од 18 400 картички за мобилен интернет за деца од основно и средно образование, кој ќе биде наменет за пристап само до платформите за учење го потпишаа министерот Манчевски и директорот на Телеком Никола Љушев, а дистрибуцијата на картичките ќе ја спроведува Министерството за труд и политика, преку Центрите за социјални работи.

„На овој начин не оставаме ниту едно дете, на сите им овозможуваме пристап до интернет за да можат да ја следат онлајн-наставата. Имајќи предвид дека имаме деца кои немаат пристап до интернет, се наметна потребата да им помогнеме. Ова се вонредни времиња и потребна е вонредна помош“, изјави министерот Манчевски.

Со донацијата како што посочи директорот на „Телеком“, Никола Љушев, ќе бидат опфатени 30 000 основци и средношколци кои доаѓаат од семејства во социјален ризик.

– Сега е клучна соработката меѓу институциите и бизнис-секторот. Имаме одговорност да им обезбедиме можност на сите ученици да бидат вклучени во задолжителниот образовен процес – рече Љушев.

Министерот за образование Арбер Адеми изрази надеж дека онлајн-наставата ќе се организира без проблеми и рече дека се направени услови учебната година да заврши во предвидениот рок. Предизвици има многу кои секојдневно се надминуваат. Со донацијата од „Македонски телеком“ се надминува една голема пречка за 30.000 ученици, рече министерот за образование кој информираше дека МОН испратило допис до сите училишта да достават информации колку од децата немаат пристап до интернет. На оние кои немаат дигитални уреди, како што информираше Адеми иако се малку, државата со донатори од бизнис секторот ќе им додели ИТ уреди на најзагрозените семејства.

Министерот Адеми во однос на петицијата што ја покренаа група средношколци за одложување на државната матура, рече дека состојбата сè уште се анализира и сите опции се отворени, како и опцијата за одложување, но и за укинување на државната матура.

-Ја следиме ситуацијата и сите опции се на маса. Во повеќе наврати дискутиравме и на седница на Влада, но и во главниот координативен кризен штаб. Нема простор за загриженост бидејќи секоја одлука ќе биде во интерес на учениците и никој нема да биде оштетен, но треба да се направат и дополнителни анализи со сите предизвици со кои се соочува и прашањето на државната матура. Сите опции се на маса, и опцијата за пролонгирање на државната матура, но и опцијата за укинување на државната матура. Ќе одлучиме според најдобриот интерес на средношколците – истакна Адеми. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ