сабота, јули 27, 2024
домаКујнаДрама на „Оскарите“ - „Месечина“ најдобар филм

Драма на „Оскарите“ – „Месечина“ најдобар филм

Фаворитот „Ла Ла Ленд“ од 14 номинации освои шест „Оскари“, меѓу кои за режија и за најдобра женска улога на Ема Стоун, но не и за најдобар филм

На 89. Оскаровско шоу се случи вистинска драма. Легендарните актери Ворен Бити и Феј Данавеј, кои беа поканети за да се одбележи 50-годишнината од култниот филм „Бони и Клајд“ (1967) во кој тие ги играа главните улоги, по грешка го прогласија мјузиклот „Ла Ла Ленд“ за најдобар филм. Откако екипата на овој филм се качи на сцената, а продуцентите се заблагодаруваа, се откри дека станува збор за грешка и дека најдобар филм е драмата „Месечина“ на Бери Џенкинс. Се создаде вистинска еуфорија. И иако „Месечина“ е исклучителен филм и ја заслужуваше победата, некако сето тоа помина во непријатна атмосфера, без да можат на вистински начин да се израдуваат. На публиката и требаше време да сфати што се случува и дури откако беше кажано дека не се работи за шега, публиката на нозе ја испрати екипата на филмот, останувајќи непријатно изненадена и збунета.

Голема штета, бидејќи вечерта на „Оскарите“ помина во најдобар ред и се чини дека наградите отидоа во прави раце. Иако „Ла Ла Ленд“ со 14 номинации беше најголемиот фаворит, сепак, годинава имаше одлични филмови, па наградите со право беа поделени меѓу нив. „Ла Ла Ленд“ се закити со шест „Оскари“, додека „Месечина“ кој имаше осум номинации доби три награди. „Пристигнување“ на Денис Вилнев имаше, исто така, осум номинации, но ја доби наградата само за звучна монтажа, додека „Манчестер на море“ на Кенет Лонерган од шест номинации доби два „Оскара“, но во главните категории. Филмот на Мел Гибсон „Гребенот на спасените“, кој исто имаше шест номинации, доби две награди во техничките категории на звук и на монтажа.

„Ла Ла Ленд“ му го донесе „Оскарот“ за режија на Дамиен Шазел, кој со 32 години стана најмладиот добитник на оваа награда. „Оскар“ за најдобра женска улога доби и Ема Стоун, но не и нејзиниот партнер Рајан Гослинг, што и беше и не беше изненадување. Годинава имаше навистина голема конкуренција во категориите за наградите, па изненадувањата беа очекувани. На „Ла Ла Ленд“ му припаднаа и наградите за најдобра фотографија на Линус Сандгрен, за оригинална музика и песна, како и за сценографија.

„Месечина“, пак, драмата за црното момче, која го следи неговиот живот во три периоди, во детството, созревањето и зрелото доба и која носи една безвремена приказна за барањето на својот идентитет, ја доби и наградата за адаптирано сценарио направено според автобиографска приказна. „Оскар“ доби и Махершала Али за споредната машка улога, кој игра препродавач на дрога што по играта на случајот ќе ја преземе грижата за младото момче.

Kejsi AflekДодека наградата за најдобра машка улога ја доби Кејси Афлек за филмот „Манчестер на море“. Некако тоа беше и очекувано, со оглед на вонсериската игра на Афлек во оваа толку тешка, но фасцинантна драма, но и со оглед на сите награди и признанија што ги доби овој независен филм уште откако ја имаше премиерата на фестивалот во Санденс. На „Манчестер на море“ му припадна и наградата за најдобро оригинално сценарио на Кенет Лонерган, на кого ова му беше трета номинација за сценарио.

Наградата за женска споредна улога не донесе изненадување, напротив, се очекуваше дека тука ќе триумфира моќната Виола Дејвис, која игра покрај Дензел Вашингтон во драмата „Огради“, каде тој се потпишува и како режисер. Приказната е поместена во 1950-тите години, а таа е сопруга на еден незадоволен ѓубреџија, кој е обземен со безболот, но и со расните проблеми и оградите кој самиот постојано ги подигнува околу себе и своето семејство. Виола Дејвис се чини беше единствената која даде инспиративен говор, за кој водителот Џими Кимел се шегуваше дека ќе конкурира за наградата „Еми“.

„Луѓето постојано ме прашуваат какви приказни сакам да раскажувам“, рече таа, додавајќи дека сака да зборува за луѓето што сонуваат и чии соништа не се остваруваат, за луѓето кои љубат и губат. „Станав актерка бидејќи ја сакам оваа HOLLYWOOD, CA - FEBRUARY 26:  Actor Viola Davis accepts Best Supporting Actress for 'Fences' onstage during the 89th Annual Academy Awards at Hollywood & Highland Center on February 26, 2017 in Hollywood, California.  (Photo by Kevin Winter/Getty Images) ORG XMIT: 695240683професија која единствена го слави она што значи да го живееш животот“, зборуваше Дејвис, нарекувајќи го Вашингтон: „Капетане, мој капетане“. „Огради“ имаше четири номинации за „Оскар“. Од филмовите кои се бореа за најдобар филм, без ниедна награда останаа: „По секоја цена“, „Скриени хероини“ и „Лав“.

Интересно е дека годинешната ноќ на оскарите беше посветена на инспирацијата и навистина им беше направена почест на некои луѓе и филмови кои ги инспирирале другите, па сепак, најмногу се зборуваше за бегалците, на чија тема беа направени и бројни филмови, но и за друштвените мрежи. Се разбира, дека не беше заобиколен претседателот Трамп и неговите бесмислени изјави, па Џими Кимел во еден момент го бараше на Твитер, но како што рече, не му оди твитерот. На директорот на фотографија Линус Сандгрен тој му изрази сочувство за лажните терористички напади во Шведска. А почеста на Мерил Стрип, која годинава ја доби својата 20 номинација за „Оскар“ за улогата во „Неславно славна Флоренс“, ја започна токму цитирајќи го твитот на Трамп, дека е преценета актерка. Публиката и оддаде почест со стоечки овации.

Наградата за најдобар странски филм му припадна на уште едно ремек-дело на иранскиот режисер Азгар Фаради, „Продавачот“ или „Трговскиот патник“ според драмата на Артур Милер која протагонистите во филмот ја поставуваат на театарската сцена. За овој филм пишувавме од фестивалот во Солун. Фаради уште еднаш ја докажува својата моќност да ги изгради психолошки така карактерите и да направи тензија која остава без здив. Филмот и главниот актер беа наградени и на фестивалот во Кан. Азгар Фаради не беше дојден, но во негово име Анушех Ансари го прочита писмото во кое тој вели дека му е жал што не е присутен, но дека не може да го толерира немањето респект кон неговата и уште шест земји со мнозинско муслиманско население од страна на сегашната власт во САД.

„Делејќи го светот на нас и нашите непријатели се креира страв и лажно оправдување за агресија и војна“, изјавува Фаради во писмото и додава дека, напротив, филмаџиите се тие кои во своите филмови зборуваат за сочувство и создаваат емпатија која денеска ни треба повеќе од било кога. Додека мексиканскиот актер Гаел Гарсија Бернал, кој беше еден од презентерите, рече дека како Латиноамериканец тој е против ѕидови кои би ги делеле луѓето.

OskariОрганизаторите на годинашното шуо се обидоа да внесат малку свежина, со оглед на паѓањето на гледаноста, па така за првпат оскаровската ноќ започна со нумерата на Џастин Тимберлејк од филмот „Тролови“ уште при влегувањето во салата, што создаде убава и разиграна атмосфера. За време на церемонијата неколку пати од „небо“ паѓаа кеси со слатки како подароци за гледачите, а беше направено и изненадување со воведување на една група туристи која оди во разгледување на Холивуд. Симпатично беше и кога Џими Кимел по целата збрка која настана рече дека ете на крајот сепак го зафркнал шоуто. Но, како се ќе се одрази на гледаноста, останува да видиме.

Сунчица Уневска

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ