четврток, декември 19, 2024
домаДвете нови државни награди „Блаже Конески“ и „Ремзи Несими“ на разгледување пред...

Двете нови државни награди „Блаже Конески“ и „Ремзи Несими“ на разгледување пред пратениците во Собранието

Собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државните награди и едногласно одлучи дека е прифатлив и треба да се даде на понатамошно читање. Со донесувањето на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државните награди, се предвидува востановување на две нови државни награди, „Блаже Конески“ и „Ремзи Несими“.

Пред членовите на собраниската комисија, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска нагласи дека со овој предлог-закон ќе се овозможи во Република Северна Македонија да се оддава општествено признание на поединци, групи лица, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани кои со својата активност дале придонес кон промоцијата, заштитата и унапредувањето на македонскиот јазик, односно да се оддава општествено признание на поединци, групи лица, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани кои со својата активност дале придонес кон промоцијата, заштитата и унапредувањето на албанскиот јазик и албанологијата.

Со донесувањето на Предлог-законот ќе се утврди денот кога ќе се доделува државната награда „Блаже Конески“, односно се предлга тоа да биде 19 декември – денот на раѓањето на Блаже Конески, и денот кога ќе се доделува државната награда „Ремзи Несими“ – 25 декември, денот на раѓањето на Ремзи Несими.

Во согласност со Предлогот, стручните, финансиските и административните работи во врска со доделувањето на наградите „Блаже Конески“ и „Ремзи Несими“ се предлага да ги врши Министерството за образование и наука. Со овој предлог се утврдува дека во текот на една година да може да се доделат најмногу две награди „Блаже Конески“ и најмногу две награди „Ремзи Несими“.

Паричниот износ на наградите се предлага да изнесува пет просечни плати исплатени во Република Северна Македонија во последните три месеци во тековната година.

Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за државните награди е подготвен по доставени: Иницијатива од Советот за македонски јазик, со која се предлага да се востанови нова државна награда за оддавање признание за високи стручни и научни достигнувања во областа на македонскиот јазик и Иницијатива од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, со која се предлага да се востанови уште една нова државна награда за оддавање признание за високи стручни и научни достигнувања од областа на албанскиот јазик и албанологијата во земјава.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ