Ако на Архимед му недостигаше „потпирка и доволно долг лост за да ја помести Земјата”, на Скопје дефинитивно му недостигаше клубот “Аудиокултура”, за да нѝ докаже дека сега кога го има, сѐ ќе биде фино. Сѐ, и сите на свое место.
На Скопје му требаше “Аудиокултура”, за да се врати културниот шмек на нашата, некогаш скапоцена музичка поп култура, која долго беше падната на колена и ретко кој веруваше дека исправајќи се ќе почне да ги чисти своите дамки толку убаво, речиси без траги од кал.
Сега таа како да воскреснува и се препушта во рацете на некои нови момци, творци, на некои нови таленти. Спонтано, како тивок поток.
И не знам дали забележувате тоа потекнува баш од џезерите или оние кои кружат во и околу тој круг.
Ова го велам најискрено, зашто многу е важно да постои јадро во кое сѐ што е убаво (а се распрснало од икс- икс- икс причини) сега повторно да се собере на купче, да се врати на своето тежиштето, и во својата природна точка.
Немав баш намера да го (о)пишувам клубот овој пат, можеби ќе го оставев за друга прилика, но јасно ми стана дека тоа треба да ми е фокусот, по настапот кој некни таму го одржа маестро Сашо Поповски, со своето трио, засилени со Џијан Емин, кој кога го прашав за своите постконцертни импресии, лидерот во ноќта ми го рече токму ова:
-Искрено се радувам што Скопје конечно доби едно модерно- урбано место со кое може да се гордее. Клуб во кој слободно можам да се изразувам, да презентирам оригинална музика како и соработки со драги пријатели. Фантастичните аудио системи на “Теохаров”, како и комплетниот концепт со оригинална сцена блиска до публиката, ја прави “Аудиокултура” скапоцен камен за љубителите на џез и импровизирана музика на која можат да позавидат и големите европски и светски џез центри…
И сега, зарем треба да објаснувам дополнително? Музичкиот Архимед го доби своето средство за поместување, што ќе рече- уметникот го доби својот неопходен услов. Затоа што: музичкиот уметник твори за да снима во студио (да се реализира), за да прави големи концерти (да се докажува), но својата најдлабока интима со својата музика ја доживува токму на вакви места, каде сѐ е интимно, блиско, камерно, топло и со потребните луѓе околу себе.
Дефинитивно, ова е тоа!
Дополнителната информација при случајниот разговор со момчето до мене, Ангел Кузмановски, кој е дел од тимот, ми беше добредојдена. Тој ми објасни дека сѐ сами си правеле, сѐ до детал, дури и одличната таванска естетска звучна изолација.
За музиката на Поповски не би требало посебно да се осврнувам. Низа текстови посветив на неговиот европски пробив и успеси. Неговата исклучителност е во целокупната способност и како автор, изведувач, менаџер, промотер, патем тој е и професор на Музичка академија во Штип, и со сите тие свои адути е веќе наголемо признат на европските џез сцени и џез фестивали, а има и свој фестивал “Џез фактори” во родното Битола. Неговиот албум Fallen land, има одзив и во странски медиуми, сѐ на сѐ станува збор за нашироко прифатен сестран музичар од Македонија.
Мекиот џез од споменатиов албум што го изведуваа, го уживавме клупски и пред Нова година (во “Котур”), во истиот состав: Поповски, Иван Бејков и Виктор Филиповски, а Џијан нивни скапоцен гостин.
“Аудиокултура е друг левел!” гласеше потоа кусиот опис на Поповски, со што сосема се согласувам. Ќе влијае полека полека да се направи ново форматирање, преструктурирање, правилно профилирање и на уметниците и на публиката, ќе направи еден баланс и ќе постави повисоки стандарди.
Јас не сум елитистка, никако, напротив сум противник на создавање елити и слоеви. Сепак, некаде треба. Имам искуство на тоа поле, и искуство и со други џез клубови, на кои дури сум ѝм била уште и на самото отворање “Џез ин” во Охрид и “Хаус оф џез” во Скопје, и знам што значи нивното постоење за поп културата, во квалитативна смисла.
Добро, овие пред малку споменативе беа од поинаков тип, ноќни клубови со живи свирки и преполни со луѓе, доаѓаше маса народ, многу од нив за џезот, многу од нив со свои причини, да видат или сретнат некого, но од друга страна значеше покажување на повисок вкус за музика. А тоа создаваше престиж и кај музичарите да се и самите подобри, и на подобро изведувачко и творечко ниво.
И ако таму “дешавката” се случуваше во доцните часови, каде повеќе беше “провод”, овде е сѐ и на некое официјално концертно ниво, дури и почетокот на настанот 19.30 часот е одличен термин и укажува на тоа дека ти таму (треба да) си доаѓаш исклучиво како музички конзумент. Дисциплиниран музички конзумент, на програмата што изведувачите ќе ја изведат.
Овој пат во публиката, од педесеттина луѓе, забележав и познати менаџери и крупни директори во најголеми македонски компании, кои уживаа максимално. Со кренати глави и исполнети од доживувањето.
Можеби ќе падне и некое добро спонзорство или лидерство, со што и тие ќе го засилат “лостот на Архимед” .
Но, доста е зборување, време е за нешто што ќе нѐ облагороди доколку кликнете на линкот https://fb.watch/ixkWesqPap/
и препуштете се на благотворниот џез на врвните Поповски трио & Џијан.
Валентина Ѓоргиевска Парго