вторник, октомври 22, 2024
домаЕднаш дневно: ДИЏЕЈ

Еднаш дневно: ДИЏЕЈ

Првиот убав статус што го прочитав од диџеј, а кој преку едно интригантно прашање успева да ја допира (и открива) целата суштина на оваа професија, осамна неодамна на фејсбук профил.

Професија диџеј како професија, исто што и “професија” џентлмен, никогаш не излегува од мода. Повеќе од 50 години. Некогаш под диџеј се подразбираше авангарден, позитивен провокативен музички лик, кој на другите сосема им ја доближува сласта на музиката. Новитетите. Им ги бруси вкусовите.

Но, да се вратам на диџејот, неодамна тој јавно напиша дека никогаш не ги снимал своите диџеј сетови (освен неколку пати кога го замолиле приватно пријатели од странство за нивна битна журка/прослава). Долго време се противел, давал отпор, иако некои луѓе го барале тоа од него.

Секако луѓе кои што сакале да го слушнат пред да го ангажираат (логично). Диџејот понатаму вели:

“Сметав дека миксот што го правиш кога пушташ музика е единствен, направен во живо, се случува сега, инспириран од конкретната ситуација, амбиент, состојба на духот, создаден пред конкретна публика, на конкретна локација и дека таму треба и да остане. Згора на тоа, со оглед дека навистина имам преширок музички „репертоар“, се плашев дека било каков микс што ќе го направам ќе изгледа како вадење од контекст и нема целосно да го отслика мојот еклектичен музички вкус, туку ќе прикаже само едно делче, еден детаљ, со кој не сакав да се идентификувам”.

Е, па, драги мои, поголемо почитување кон својата професија “диџеј” немав прочитано. Диџејот е креатор, аниматор и создавач на музика, ако веќе не е создавач, треба да ја направи онаа магија на “хируршки” прецизен спој на туѓи песни, погодување на вкусот, загревање на атмосферата што не е нималку лесно. Вие сте исправен пред стотица па и повеќе музички уживатели кои ја сакаат и познаваат музиката, и треба со изборот на песни да ги “погодите во нерв” и да им го воздигнете расположението.

Верувам дека нема да ми замери што ја цепкам, обработувам, анализирам и преработувам оваа негова изјава, која беше ставена како јавен статус.

Станува збор за диџеј Шурбе(ира), човек посветен и докажан во музиката, вклучен во музиката на секој начин, водечки лик во организирање на нашите најпознати манифестации Џез фестивалот, Офффест, некогаш и Таксират, колекционер на музика, човек кој патувал на големи светски концерти, и водел авангардни емисии на радио 103-ка. Едноставно, човек кому за музика треба и мора  да му се верува. Уште повеќе што имав можност да го проследат неговиот прв настап пред илјадници луѓе (на овој  клупски диџеј) на концерт на Кирил Џајковски во скопска летна дискотека во 2006 година. Тој понатаму во својот статус објаснува:

“Но, работите се променија. Особено со пандемијава и неможноста да се настапува во живо. Диџеј миксовите во оваа ситуација некако ми добија смисла. Сфаќаш дека некои фантастични песни направени денес никогаш не би се свртеле и веројатно никој не би ги слушнал да не се диџеј миксовите. Да скратам: и јас попуштив. Башка, не можев и не сакав да ја одбијам поканата од моите драги колешки & колеги од Дiskorдia и Radio ROTKO да се приклучам кон Клуб 103 – новата приказна на Kanal 103. Ова е мојот прв официјален диџеј микс. Составен е исклучиво од песни направени во озлогласената 2020. Се вика “Everything will be alright” (цитат од последната песна од миксот). Се надевам ќе ви се допадне”, пишува јавно Шурбе.

Значи, диџејот по толку големо, речиси четиридецениско искуство, дури сега се осмелил и одважил да направи свој микс. Откако ги поминал сите можни скалила од 1 до 100.

Што е она што мене  ме зграпчи во овој статус?  Подвлекувам и потцртувам :

“Сфаќаш дека некои фантастични песни направени денес никогаш не би се свртеле и веројатно никој не би ги слушнал да не се диџеј миксовите”.

Дефиниција број еден, колку диџејската обработка им дава виталност, ревитализација и еластичност на веќе создадени нумери. Да ги ре-анимира, оживее и направи уште послушливи, поприфатени. Зошто самата диџеј преработка сама  по себе е некоја повесела форма, поенергична.

Нема што да се додаде. Освен дека пресмешни ми се оние фигури кои се нарекуваат диџеи и диџејки со еден лаптоп на кој симнале 50 песни од интернет или на усб и со тие песни држат место во некое кафуле. Тоа може секој да го работи.  Дури и чуварот во кафулето.

Да се биде диџеј само со едно “ентер” е исто како да се биде доктор со еден бел мантил на себе.

За да е иронијата на оваа појава поголема, некои од таканаречените диџеи /јки беа дел од манифестации организирани и плаќани од градоначалници, беа жирија во музички селекции и слични апсурди.

Не е лесно и не е така едноставно да се биде диџеј и диџејка. Затоа полека со само-квалификациите. За диџеј треба многу обука и музичка наобразба. Уште повеќе што нема официјална институција за да те едуцира и е тоа “улично школо”. А такво, со успех, завршуваат само вистински фраери/ки. Родени за тоа.

А за нив, и нивната важност, има една убава песна која секогаш те подигнува од место, и оди вака :

Last night a DJ saved my life
Last night a DJ saved my life from a broken heart
Last night a DJ saved my life
Last night a DJ saved my life with a song

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ