Еднаш дневно: ГРАНИЦИ

0
140
Мразам граници! Еве да повторам со големи букви МРАЗАМ ГРАНИЦИ! Ја паметам нашата прекрасница Есма која исто така не сакаше граници “па една змија лута секаде може да оди, да се движи, зар вреди човекот да биде сопрен со граница”, велеше често.
И, што се однесува до мене лично јас не би му се налутила на Васил Гарванлиев дека на својот официјален википедија профил стои напишано дека според него Македонија и Бугарија, тоа е е една земја поделена на две.
Јас да можам да направам ќе ги снема не само границата со Бугарија, туку сите можни граници и ќе се движам како пеперутка каде сакам, без никому да полагам сметки и да знае каде одам и зошто одам. Во мојата глава границите не се почитувани поими, единствени ми останува да ги почитувам границите кои ги поставила природата, а не човекот, на пример пеперутка не сум и да сакам не можам да летам, мајката Природата ми ја поставила таа граница. Направила да не може.
Ама човекот, со кое право ми поставува граници? Човекот, ете поставил граници, и заради тие граници тој вечно нема мир. Ја тресе целата Земјина Топка, губи а пак граници има.
На Васил не може ни да му се лутам затоа што се чувствува и е Бугарин, по баба како што вели. Негово право е да се чувствува и Узбекистанец, Малтежанец, Унгарец, Кинез ако сака. И да истакне било какво знаме. И да испее на било кој јазик. Ама не само на Васил, јас за тоа никому не се лутам. Која сум јас да се лутам за нешто што не е мое право и е лично право на секоја персона?
Јас може да се чувствувам како сакам, да припаѓам на било која нација и држава, да побарам пасош од било која земја да истакнам било кое знаме. Да запеам било каква песна. И толку.
И колку и да размислувам без граници во случајов границите кои не се “испочитувани” од Васил, во земјата во која јас се наоѓам, живеат, творам, а тој сака да ја претставува на Евровизија, ми  предизвикуваат револт. Не само мене, на секој кој е во рамките на овие граници и се чувствува така. Но, повторно имам граница. Јас и за тоа не можам да реагирам. Соодветно. Може само да се налутам и тоа да ми е. Толку е моето право, како и на секој друг граѓанин на истата земја. Јас земјата не ја поседувам, исто како и другите, немам ни помали ни поголеми права од другите. Исти.Таа е заедничка во неа живеат Македонци и разни други нации и луѓе кои се чувствуваат како што решиле да се чувствуваат.
Можеш да поседуваш само одреден имот недвижности и возен парк, држава не.
Затоа пак секоја држава си има официјални институции, инстанци кои ќе ги застапуваат заедничките граѓански права на сите граѓани, подеднакво според закон. И без повреда на други национални чувства. Без дискриминација и потценување. Во случајов, ни на Македонците, ни на Бугарите. Евровизија е место токму каде нациите треба да се спојат а не да се двојат.
Но, да прашам можам нели? Каков договор има склучено нашиот претставник со организаторот и дали во него е точно наведено кои се неговите обврски кон оваа држава во рамките на евровизиското претставување? Или му е дадена бланко шанса да прави и кажува што сака?
Ако е точно наведено кои се неговиот обврски, а ако не е испочитувани од негова страна, дали претставникот ќе биде исклучен или можеби заменет со друг (иако за тоа се плаќаат пенали). Или дали можеби ќе го изведе пред суд за непочитување на договорот, настрана јавниот суд.
Ако организаторот не склучил договор зошто не склучил и прашувам дали тоа е случајна или намерна грешка? Затоа што годинава е Васил догодина Василка, па и таа ќе си поставува свои правила на презентација, а ако така се чувствува може и да рече дека и воопшто нема земја со име Македонија. Ни Северна Македонија. Ако така си замислила.
Граници може да нема само во главата, во реалноста граници има за се, и кога не ги почитуваш ќе бидеш санкциониран на овој или оној начин.
Затоа, инсистирам за овој како и за секој друг проблем, реакцијата да биде упатено на вистинска адреса за да може да се најде и вистинското решение. А не само лутење кое е нешто само како се чувствуваме. А за чувствување, не се одговара, како што своевремено рече и еден лик, кој требаше да ги почитува чувствата на своите граѓани, кои ги застапуваше како држава.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.