Уште некој ден, во тек се, 16 портокалови денови во борба против насилство врз жени. И, во интерес на тематиката, денес бев поканета да гостувам во емисијата на Маја Данковиќ Баткоска, “Лидер на Неделата”, која од технички причини мораше да биде снимена денес, а ќе се емитува овој петок (9.12.2022) на Лидер радио 107,4 фм во 15 часот и во 23 реприза, а може да се слуша и онлајн.
Требаше да потсетиме на оние над стотина приказни кои пред неколку години ги направив за серијалот “Женски приказни”, за порталот text.mk, во рамките на проект на Невладината организација “Новинари на човекови права”, а финансиран од страна на жени вдовици од Германија, кои доброволно сакаат да ги поддржат жените во неволја.
Во текот на нашето договарање се сетив дека летово бев на проекција на филм во Штутгарт, за фемицид, за кој новинарката дури доби медал за заслуги лично од Претседателот на Мексико, затоа што обработуваше тема за Мексико, во филм во кој мајките зборуваа за своите ќерки, убиени во цутот на младоста.
Дополнително се потсетив да се вметне во разговорот случајот за професорот, односно дека јас за насилство врз жена пријавив професор во полиција.
Не се штрекнувајте ако помисливте дека некој професор истепал некоја жена или ме истепал мене. Станува збор за само еден збор напишам на фејсбук. Збор, кој е еден од најчестите навреди кон жена, а професорот го упати кон мене, откако еден портал презеде мој статус во врска со партиски вработувања во државни институции, и на база на тој статус имаше бурни реакции и коментари. И многу поостри од тој на професорот. Но, еден збор му пресуди.
Читајќи ги коментарите, најпрво и јас му возвратив на ликот кој коментирал, бидејќи на фејсбук сите сме титани и можеш да му се спротивставиш во иста мерка на секого, колку сака нека е физички посилен од тебе. Компјутерот на сите е подеднакво силен.
Ми возврати и тој, но бидејќи тој почна да предизвикува “жолчна дискусија”, по некое време влегов во неговиот профил за да дознам кој е човекот кој не запира со навреди. И, гледам, лицето кое ми реплицира во работно време е вработено во Основно училиште во Штип. Мојот омилен град. Градот на Макфест, градот кој ме асоцира на Учителот и на културата на луѓето. Градот кој ме асоцира на песна, на најдраги поетски средби, на драги пријатели, на наставничка која освојува поетски награди по светот, на професор уметник кој е со високи стандарди, на мои драги луѓе. И секако, на најубавата пастрмајлија. И сакам на тоа да ме посетува Штип секогаш.
Но, сега веќе не може. Штип ќе ме посетува и на наставникот, затоа што јас во истиот момент упатив реакција до Министерство за образование, до Министерство за безбедност и до градоначалникот, барајќи да ми одговорат како дозволуваат со мои пари (на граѓаните) лице од образованието во тој момент наместо да ги образува и воспитува своите ученици е на фејсбук и се користи со погрдни зборови за жена, кои претставуваат вербално насилство..
Не бев бесна, напротив бев многу свесна. Бев свесна и морав нешто да преземам. На ум имав една силна изјава од советничка – експерт за образование со која летово се сретнав и разговарав во рамките на активности на Првата детска амбасада во светот ” Меѓаши”, и во рамките на нашиот неофицијален разговор ми рече – Германците најмногу се насочиле на образование кај децата, откако сфатиле дека немаат ефект казните при сообраќајните прекршоци, им се случуваат сообраќајни трагедии, не може да ги намалат и спречат со никакви казни, и го вратиле “филмот” наназад и заклучиле дека само правилно обучување на децата во училиште, ќе вроди со плод. Обучување на луѓето од мали. Од мали, на училиште да ги научат правилата на однесување и при возење, и тоа едне ден ќе даде ефект. Инаку, колку сакаш казнувај, казната возачот ќе ја плати и пак ќе продолжи по старо. Возрасен човек не се учи, само деца. А наставниците се тие кои треба да ги учат децата од мали.
Ова сознание ме водеше и во идејата да го пријавам наставникот, затоа што замислете каква “ука и наука” со својот пример му дава на своите ученици ако во тој момент некој ученик го прочитал тој коментар? Во која насока го носи децата? Навредите да им станат нешто вообичаено? Да бидат нешто што треба да го практикуваат кон жени? Денес вербално, утре и физичко насилство. Денес на фејсбук, утре дома и на работа. И секаде. Бидејќи тоа ќе му стане навика.
Навистина бев пријатно изненадена кога по извесно време добив одговор од службено лице дека е извршено вештачење на мобилниот на наставникот, разгледани се коментарите, кои наводно биле напишани за време на одмор меѓу часови (што не е никакво оправдување) и дека постапката понатаму ќе тече со тоа што службите за безбедност ќе го разгледуваат овој пример на вербално насилство врз жена.
Ова го доживеав како една победа. Голема мала победа, бидејќи, замислете кога за ова еве се дознава во јавност, колку наставници ќе си го стават прстот на умот и ќе речат – мора да внимаваме што пишуваме, што кажуваме и на што ги учиме децата, свесно или несвесно, наречено или случајно. Во секој момент Тоа е веќе почетна алка од ланецот кој треба да се плете алка по алка. Од некаде мора да се почне.
Заклучоците во радио емисијата беа дека, жените мора да почнат да се помагаат, женската солидарност да е силна карактеристика кај секоја. Да не се прекажува, да не се озборува, и да не пренесуваат информации, кога не може да се помогне. А кога може да помогнат, тоа да го сторат безусловно и безрезервно. Зошто ова е машко свет, во кој мажите доминираат секогаш во некоја нова форма.
Но, како заклучок по емисијата (која ве посетувам да ја слушнете утре на Лидер радио) е дека ова тема треба да биде ставена на тапет на стратезите за образование и со воспитување на децата, во борбата против насилство врз жени, да се почне темелно и од најрана возраст од нивните училишни денови. Со квалитетна едукација и свесни учители, наставници, професори…
Валентина Ѓоргиевска Парго