вторник, јули 16, 2024
домаЕДНАШ ДНЕВНО: Кармата на "Андреа"!

ЕДНАШ ДНЕВНО: Кармата на “Андреа”!

За прв пат не знам како да почнам еден текст, затоа што, да пишуваш за музика и сцена, автоматски подразбира дека пишуваш за најубавите работи кои ја веселат публиката. Но, дали и овој пат е така?

Еве ќе почнам од сам почеток. Нашата земја на 12 мај 2022 година во Торино, имаше своја музичка претставничка која се натпреваруваше на Евровизија, за влез во финале и рамноправен настап пред светот со другите 24 финалисти. Нејзиното име е Андреа Коевска, релативно, па и речиси до неодамна сосема непознато име за јавноста, која во поголемиот дел за неа прв пат слушна, кога на домашниот избор од шест финалисти, заврши трета од публика, но едногласната поддршка од само пет членови, за нас сосема непознати ликови, гости од други земји, ја преправија одлуката на македонската јавност, и ја назначија Андреа за претставничка. Многумина се посомневаа во овој избор, меѓу кои морам да признам сум и јас, а најмногу останатите пет отпаднати натпреварувачи, кои излезе колку и да се (по) добри дека не се рамноправни, туку искористени само како бројка.

Тоа ја донесе публиката во една состојба на речиси рамнодушност кон Андреа, и од сам старт се насетуваше дека општа поддршка нема да добие, зашто и самата публика не беше во рамноправна положба со тоа петчлено жири, донесено од други земји, кои ги видовме прв и последен пат. И публиката од тој избор “замина” во потценета позиција. И сомневања, а дополнително сомнеж подгрева високата општествена позиција на нејзиниот татко, декан на факултет (не, никако не тврдиме, само се јавуваа сомнеж и може слободно категорично да ни објасни јавно доколку не е така, очекуваме одговор, би бил од заедничка полза).

Нејсе, Андреа отиде да нѐ претставува, со сосема млака, да не речам непостоечка поддршка од пошироката јавност. И како што дојдоа евровизиските денови, сепак рамнодушноста малку по малку премина во возбуда и некако почнувавме да навиваме, и да се надеваме на големото финале. Во прилог на тоа одеше нашата надеж дека Андреа ќе успее професионално и убаво да испее, што на крај и се случи, и повеќе од одлично, впрочем тоа е и задачата на еден/на вокалист/ка.

Но, кармата велат е “кучка која каса” и таа никако не се смирува додека не ја каже својата моќ и не ги расчисти своите сметки. Прво таа “кучка” се “огласи” во спонтаниот момент кога Андреа несвесно го фрли македонското знаме за да се фотографира без него, момент кој ни инстинктивно не ти доаѓа и да сакаш, но затоа цената беше платена прескапо – огромна реакција од народот, дури и говор на омраза, револт, потценетост, накострешеност кон младата девојка, која штотуку засекори да ги остварува својот распеан сон.

Вториот пат кармата се јави кога за малку не влегла во финале. Е тогаш веќе се јави погласно и поконкретно. А, Андреа можеше да влезе во финале. Доколку публиката беше на нејзина страна и за време на телевоутингот на Евровизијата гласаше нашата бројна дијаспора, и доколку истата беше претходно организирана и вмрежена како што беше за Тоше, за Каролина, за Калиопи… И доколку за неа лобираа одлично вмрежените евровизиски познавачи. Сето тоа изостана овој пат, за влакно Андреа не успеа.

****
Но, ајде да погледнеме во генезата, како дошло до сето тоа. Дали ова е случајност или само прашање на момент?
 Не, одговорот е “не” и секој здраворазумен човек тоа може да го заклучи. Нема ништо спорно во желбата на млада талентка да запее на голема сцена на Евровизија, и да тргне да го остварува својот план, сѐ додека тоа не е по погрешни патишта. Секако со помош на луѓето околу неа, на оние “повозрасните ” од неа луѓе кои ѝ го нацртаа и овозможија тоа, за на крај сѐ да се сруши врз кревките плеќи на младата и сосема неискусна талентка, на ваков начин да се засени нејзиниот почеток. Не е фер, не е хумано од нивна страна,.
Андреа сега треба да почне едно ново поглавје на македонската сцена- ако се извини на своите пет со-натпреварувачи, а оние кои го осмислиле ова да ѝ се извинат неа. И тоа, јавно, пред цела јавност!!! Се согласувате со мене?
Затоа што, “Андреа” (односно ова што резултираше со ваков исход), е слика за целокупната наша естрада со години наназад, во која: просечни песни, неискусни лица, недоработени планови, самобендисани непознавачи, суети, неправилности, местенки, нефер игра, непочитување правила, потценување на противникот, омаловажување и потценување на својата публика, профитерство, импровизација наспроти професионалност, е – чиста (нечиста) реалност.
Онаа естрада која некогаш, во поранешна Југославија важела за машинерија што ја движеле големи маестра, за кои барем досега не е откриена ниту една црна дамка на местења, поткупливост, клиентелизам. Маестра, чии имиња и ден денес нѐ асоцираат на најубавото – чист образ и прекрасна, совршено прекрасна музика и евергрини.
Но,  “Андреа” помина и сега останува прашање од јавен интерес- како да не нѝ се случи некоја нова “Андреа”, преку која Европа ќе ја види сета наша слика. Не како одлична вокалистка, тоа публиката го бара, како систем на погрешни вредности како вознемирување и потценување на сопствениот народ, јавноста, нарушување на углед и јавен интерес.
Она, што мене посебно ме збуни во целата ситуација е, реакцијата на организаторот Македонска радио телевизија, која се огради од гестот на својата ексклузивка, но и констатацијата дека на “Евровизија поради нарушен имиџ, можеби догодина нема да настапуваме “.  Верувам организаторот  ќе нѝ дообјасни кој го наруши тој имиџ и како е нарушен, кога знаеме дека Евровизија  е најпривлечно телевизиско шоу, кое се шири, во кое од година во година сите континенти конкурираат да влезат, Австралија се приклучи од преку океанот, Америка веќе по истиот терк го организираше ултра успешниот прв  “Американ сонг контест”, и Азија сака да прави свој избор…
Ако веќе се враќаме на онаа почетна точка, дека македонската естрада вредносно е срушена, полна со профиерски скандали и водена од профитери, а не чесни професионалци и познавачи, и мора да се препрограмира и консолидира, не можеме да избереме преставник, не смее да се скратува правото на една земја на свој претставник, и може да се избере и од другите етнички заедници, па и нив нека ѝм дојде ред после цели две децении, од кои верувам би произлегло и ѕвезда, и одличен изведувач /изведувачка, и би нѐ претставнил на високо европско музичко и цивилизиско ниво.
Во рамноправен фер избор со цврсти и професионално поставени правила, и избор од кој јавноста ќе е среќна и весела, непотценета и уважена, без оглед дали ќе победи својот  фаворит, или некој друг од понудените…
ПАРГО
https://m.youtube.com/watch?v=zvOihqB4eKk
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ