Она што го памтам од римејкот на филмот, од кој се ежев од непријатност гледајќи го, беше реплика во која главниот протагонист (екстраординарниот Џереми Ајронс) се потсетува и која отприлика одеше вака : “Мислев дека сум и прв, но не само што не и бев, туку таа, Лолита, на 12-13 години, многу повештво водеше љубов од мене, имаше искуство”.
Во втората верзија “Лолита” беше актерката Доминик Свејн, додека во оригиналот од шеесеттите Сју Луон, и двете девојчиња на возраст под 15 години.
Овој, некогаш забрануван филм е базиран на вистинскa сторија, нешто што се случило, а пренесен во новелата на Набоков, а како филм некаде бил забрануван со цел да не ги “иницира луѓето” на вакви врски (нездрави, валкано перверзни, болни).
А легендата за нимфетата Ло, Лолита, своевремено отвори безброј прашања за сексуалноста кај малолетните девојчиња.
Сегашните модерни теории, најчесто соопштени со “бучно врескање” од разни теоретичари и пропагандисти, ги прескокнувам без да ги погледнам, како мало матно вирче, но кога станува збор на оваа суптилна тема секогаш се водам од она што основоположникот на науката – психологија, доктор Сигмунд Фројд, го образложува најмногу во “Малиот Ханс” и “Трите есеи за теоријата за сексуалноста”. Треба да се знаат, пред да запловите во други негови теории, и оние другите понатаму проширени од неговите ученици. А психологијата, нема менување, има само различно манифестирање во однос на времето во кое се наоѓаме.
Во тие вредни книги ќе сфатите дека сексуалниот нагон кај децата се јавува од 5-6 години, и има и свое (сексуално) објаснување зошто младите девојчиња ги распаруваат стомаците на своите меки кукли, особено мечиња, а зошто шестгодишно машко дете кога е голо и ги облекува панталони, додека ги облекува ве гледа во очи.
Не е тоа наивен детски потег, се има врска со сексуалноста. Но, колку што малите деца потсвесно го прават тоа и не се свесни, толку и повозрасните не се свесни ако немаат прочитано барем основни книги. Зашто, психологијата е нешто што лежи под ледот на заледеното море, нешто во внатрешноста, во длабочините.
Не ми е сега поентата да објаснувам работи кои се за научници, или барем добро потковани психолози. Сакам да се осврнам на друг момент. Појавувањето на сексуалноста кај децата знае да ја привлече спротивната страна, а тоа е возрасниот човек. До степен тој самиот да не биде свесен дека е заведен и привлечен.
Тоа беше темата на филмот “Американска убавина”, кога професорот во средовечна криза (Кевин Спејси) се бореше со, односно против, заведувањето од страна на неодоливата малолетна тинејџерка (Мена Сувари) школска другарка на неговата ќерка, и на крај самиот западна во такви заплеткани ситуации и за глупост го изгуби својот живот.
Оваа тема се обработува и во филмот “Свенгали” (со Џоди Фостер и Питер О Тул), кога се јави силна привлечност меѓу средовечен професор по музика и неговата малолетна ученичка, па изгуби здрав разум борејќи се во себе си да не дојде до телесна реализација на таа фатална привлечност.
Некогаш ни самата малолетничка не е свесна дека со “себе си”, само со своето постоење, го заведува повозрасното лице, а ни тој не е свесен дека е заведен се до моментот кога ќе биде опседнат со неа и не ќе знае што со себе, а и со двајцата. Тогаш веќе и работата може да излезе од контрола.
Оттукаа, во контекст на актуелните случувања прашањето ми е, нешто што со таканаречената “демократија” се отвора само по себе – дали е толку едноставно дозволено да се работи со млади деца особено ако си во средовечни или поодминати години?
Зошто овие обуки не ги даваат институции со професионален наставнички кадар, туку приватни школи и поединци кои го знаат само занаетот, но не и педагогијата ? Сосема е друго во иинституција каде тајните на некој занает би се изучувале во група и не би имало можност за поинтимна атмосфера од само двајца.
Мислам на професори по разни предмети, на инструктори по разни спортови, предавачи на разни вештини, каде се создава психолошка и телесна блискост.
Модерното време ги донесе тие форми на комуникација и обука, приватни инструктори и учители кои за добри пари наводно би им обрнале повеќе внимание на ученикот или ученичката, но од друга страна процесот на добивање на лиценци за работа е многу едноставен и недоволно контролиран, така што лесно може да се добие соодветна дозвола за работа, со некој скромен завршен курс.
Којзнае колку “случувања” под покривка се имаат случено на тие приватни релации, но по овие неколку што се открија, можеби државата ќе го заостри принципот на едукација, очи во очи, тет а тет и насамо.
Да речеме, тинејџер/ка со нежни години, можеби и самиот ќе почне да ужива во случајните допири од обуката на час по глума, спорт, пливање, јога, атлетика, држење рекет…
Ве молам, нека не (ви) звучи перверзно, родителот треба да се подготвен и да сфати дека на база на “приватни часови” треба да ја земе во обзир потенцијалната опасност од моментот дека наставникот колку повеќе ќе биде посветен на нивното дете, се создава поголема близина.
Колку и да е “остра” и морничава оваа моја нафрлена претпоставка, живееме во чудни и збркани времиња, во која многу луѓе се со конфузна, перфидна, пакосна, перверзна, помрачена, патолошка, замаскирана или не дај боже суицидна психа, кои самите се за психолошко лекување, па оттука будноста, мора да е на многу, многу повисоко ниво.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.