Еднаш дневно: “МИРО МАСИН” ЗА ВОЗРАСНИ

0
336

Последно место каде би сакала да го поминам својот викенд дефинитивно е Зоолошка градина, освен ако некогаш се случи Зоолошката да ја испразнат од живи суштества, па да можам да ја разгледувам како шарена градина.

Дотогаш зоолошката за мене претставува “затвор за невини души”. “Затвор за невини души” врз кои некој профитира, а на малите деца потсвесно им се всадува чувство за доминација и надмоќ врз немоќна душа (заробено животно), но и ладнокрвно воајерство на сета таа нечија беспомошност.

Дури и домашните миленици ја всадуваат таа навика, и го потенцираат инстинктот да се владее и поседува некого. Ропство е тоа.

Зоолошките се експерименти за покажување еден вид “надмоќ” на човекот врз останатите видови “живот во движење” , но надмоќ која човекот може да ја прикаже само од позиција на безбедност. Ако е поинаку пак, нека оди човек во шума или еве во џунгла, па и голорак како што се голораки животните во зоолошка, па нека си ја мери силата. Ааааа фуфки, аа?

Во зоолошка, во секој кафез, животните се претежно весели, од немајкаде. Се радуваат на малку храна, нечие присуство, по инстинкт најмногу од децата, и повторно штом падне мрак остануваат во тие неколку мерени и доживотно заробувачки квадрати, во кое вегетираат и на мраз и на дожд и на пеколни горештини.

Животните не еволуирале до степен да се самозаштитат, преживувачка е нивната судбина. Еве само во Сибир оваа зима колку животни изумреа од студот. Се замрзнаа за неколку секунди.

Човекот не може да интервенира во однос на природниот и на климатскиот процес, на животинскиот свет. Но може да не ги заробува и става во кафези. И да ги дресира по свое. Тој дел си го завршила природата како што треба. Ако ги снема зоолошките можеби така ќе се воспитаат во многу подобри луѓе и децата кои растат, викендашки покрај кафези.

Експериментот кој пред многу години го изведе нашиот славен уметник Мирослав Масин кога по своја желба се затвори во кафез за да види како живеат мајмуните, би можело да се претвори и во еден условно речено нов, ама овој пат освестувачки експеримент. Кодно име, или ако повеќе сакате уметничко-“Миро Масин за возрасни”.

На пример, на влез во секоја зоолошка градина, децата да бидат преземени од зоо водичи, а родителите или возрасните кои ги однеле таму да влегуваат во кафез, ист како оној на животните, и таму да ги дочекуваат назад своите деца, во меѓувреме без вода и храна едно два часа, освен ако некој случајно не им поддаде, само два часа, додека трае прошетката на децата низ зоолошката.

Па после неколку такви посети на зоолошките градини да видиме каков однос ќе имаат кон овој не баш хуман човечки експеримент и дали и понатаму ќе сакаат да ги веселат своите најмили, запознавајќи ги со животните на таков начин.

А, да, кој не сака да види и биде во друштво на животни? Јас многу. По цел ден сакам да сум меѓу слободни и разни видови животни, тие премили креации на природата, исклучиво и само шетајќи низ некој од оние огромни природни зоо паркови, каде животните слободно се движат, а посетителите заштитено шетаат меѓу нив со безбедносни возила, и каде донекаде тоа е животинско царство, како во бајка.

И сите среќни, исти и слободни!

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.