сабота, декември 21, 2024
домаЕДНАШ ДНЕВНО: МКЦ, (и) една нежна женска приказна!

ЕДНАШ ДНЕВНО: МКЦ, (и) една нежна женска приказна!

Конечно, по неколку години нејасно бунтување како во магла, поддржувачите на МКЦ излегоа со дефинирани и овој пат оправдани барања, адресирани до советниците на Град Скопје: “да се врати програмскиот буџет на МКЦ на нивото на кое бил со години, како и, да има регуларен конкурс за директор на МКЦ“.
Кратењето на програмскиот буџет на МКЦ за 92% , што неодамна го направи Град Скопје годинава, би збришало куп одлични настани, меѓу кои и носечките: “Здраво Млади”, Млад отворен театар и Cinedays. А тоа не би донело никаква корист. Штета би било. Преубави манифестации, кои го красат културно-уметничкиот живот на градот.
Меѓутоа, за мене велам, повторно е малку нејасно барањето директорот да мора да биде избран од редот на вработените, кога дел од истите беа посочени како луѓе ставени по линија на непотизам и со недоволни квалификации од областа на културата. Залагањата и многу вредното работење пак на неколкумина од нив, никој не може да го оспори, впрочем тоа во 2022 година и им овозможи колективно да ја добијат високата награда “13 Ноември” за особени достигнувања во културата.
За дејноста на МКЦ емотивно и практично се врзани најголем број сега веќе средовечни уметници, музичари, актери, филмски, ликовни и културни работници и публика, која редовно ги посетува настаните во оваа институција. Некои имаат токму години колку институцијата, 50-тина, па дури и повеќе. Растеле и созревање истовремено со оваа топла и срдечна културна установа.
МКЦ е драго место! Сите сме зависни од него. За свое време било култно собиралиште на уметниците од цела Југославија, и мојата драга пријателка, оперската пејачка Жељка Катавиќ Пиљ од Сараево секогаш со гордост истакнува дека девојката на ѕидот на МКЦ во природна величина е таа, од едно нејзино доаѓање во младоста. Емотивна е на таа тема:
-Знаеш ли Вале дека во холот на тој центар со години стоеше моја слика во природна големина? Во 1981 година бев дел од екипата на размена меѓу Домот на младите од Сараево и Домот на младите 25 Мај од Скопје.
Стигнавме таму во состав: “Резонанса”, “Баглама бенд”, “Формула 4”, Алма Екмечиќ, групата “Супер 98”, “Жаоке”, мојот акустичен бенд “Позив”(две гитари и пет гласови). Беше тоа време кога Алма Екмечиќ жареше и палеше со песната “Хороскоп”. Бранко Ликиќ миксаше пред настапот на “Резонанса” и “Баглама бенд”…
Концертот беше одржан во Домот на младите, а ние бевме сместени во некој студентски центар, некаде на ридот. Се сеќавам на покојниот Владо Гачина, Љубиша Рациќ од “Формула 4″, затоа што му пукнаа тигрестите панталони и тој кутар ги шиеше. Сепак, она што мене ми беше интересно е таа моја фотографија во природна големина. Имено, секако дека имаше официјален фотограф таа вечер. Мојот бенд беше во црна облека, а јас имав црно долго здолниште и везена бела блуза, нашата хорска униформа од РКУД Пролетер.
Неколку години потоа, за време на пат кон Титов Велес свративме во Домот на младите 25 Мај и и здогледав себе си во холот ха ха ха. Боже како бев горда моја Вале, еј дамна беше, но беше. Малечка, слаба, русокоса, црно здолниште и везена блуза, тоа беше официјална размена меѓу градовите на бившата наша татковина…”, со нежност се сеќава Пиљ.
… Од друга страна, пак, некни ме замисли разговорот со еден млад скопјанец, љубител на културата и уметноста.
Тој смета дека МКЦ сепак е приказна за една друга генерација, не неговата, во која тие таму не се чувствуваат потполно свои, како на некоја туѓа територија по малку, а младите најчесто одат таму во недостаток на соодветен културен центар.
Негова констатација е дека никнува ново кокиче кое ќе најави една нова современа култура за млади. И тоа, од бројните културни невладини организации и состави на млади, млади актерски дружини, млади поети, млади танчари, млади сликари кои се чувствуваат исклучени, а многубројни се, и самите би да се вклучат во некое свое ново сврталиште.
Бидејќи, нашето кафе со муабет го пиевме токму во ГТЦ , се сетив на најавата која ја слушнав лично и персонално во моментот кога ја кажа поранешниот градоначалник Петре Шилегов, дека е предвидено да се догради нов културен простор в долж целиот рамен покрив на ГТЦ, нешто кое се спомна само еднаш на една филмска премиера токму на покривот и никогаш повеќе.
А би било идеално и како локација и како поглед, особено ако е целиот стаклен, како стакленик. И, каде би имало катче за артисти, за глумци, за актери, за музичари, и сигурно би имало кафуле на кое мене уште отсега чувствувам ќе ми биде мерак да си испијам некое свое пладневно или вечерно кафе, среде таа уметничка фела, од млади уметнички фиданки.
МКЦ верувам брзо ќе се консолидира, и ќе продолжи по своите зацртани успешни патеки, ние ќе уживаме и понатаму во убави настани, но тоа не ја исклучува потребата дека на Скопје му недостига плус еден голем сестран културен центар, кој ќе ја обедини младата сила, со поголем капацитет и со поголеми можности. Тоа е и одлика на голем град, за секого да има по нешто, и за секого да има место. А така и самата култура ќе биде дисперзирана на повеќе места, што ќе значи и поголемо доживување, и поголеми задоволства. Решение за сѐ има, потребна е само малку поголема волја и иницијатива од задолжените…

Валентина Ѓоргиевска Парго

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ