Доколку во понеделникот вечерта бевте на концерт во Филхармонија, и доколку концертот го следевте со затворени очи, ќе помислевте дека некој повеќечлен бенд свири заводлива латино музика, и најверојатно вие сте некаде во некој егзотичен простор или пак бенд од таму дошол тука пред вас.
Ако ги отворевте очите ќе видевте дека пред вас е само Мухамед на својата гитара, како што го отпочна својот концерт, а потоа му се придружија уште четворица врвни музичари, и сето тоа звучеше толку раскошно, како огромен оркестар.
Мултиинструменталистот на жичани инструменти од Скопје, во само еден час, со својот богат звук и програма, доживеа публиката три пати да стане на нозе и френетично да аплаудира и дури да скандира за овој музички мајстор.
Се истакнува со совршена техника на свирење на гитара, мандолина, саз, збогатена со полно емоции и сентимент. Како изведувач и композитор тој умее моќта на овие инструменти да ја користи на многу неконвенционален, интуитивен и инспиративен начин, во што се уверивме.
Изведе репертоар, комбиниран од својот деби албум „Fly” ( 2014) и Devotion ( 2019), а и некои нови. Неговите композиции се автентична мешавина на повеќе музички стилови, латино мелодијата е доминантна, но тука се и елементи од блуз, рок или амбиентален, но длабоко вкоренети во ориенталната (суфи) традиција и албанскиот и балканскиот фолклор.
Некако како гром од ведро небо се појави најавата за неговиот концерт, и сега по слушнато и виденото, откако имаме целосен впечаток за што станува збор, останува само да се прашаме- каде беше досега, зошто толку долго беше зад завесата, и уште колку ли вакви скриени музички бисери од луѓе крие оваа земја?
Успеавме по концертот, по кој беше жеден и брзаше да оди во кафулето да се освежи со кафе, да размениме и неколку реченици. Го прашав од кога свири на гитара, која толку лесно му ги лепи и врзува двете раце за жиците, како страсната со него. Се потсети дека од пет години свири мандолина, а тоа е и негов примарен инструмент, подоцна научил гитара па ја оставил и пак ѝ се вратил. Се знаеме од “на изглед” од МКЦ како што тој подобро запаметил од мене, а сега време е да се запознаеме и подобро, затоа што овој редок гитарист има што да ѝ каже на јавноста и не смее да помине млако и незабележано.
Мухамед е еден а вреди и звучи за петмина, кога свири сам. Овој пат неговата сценска моќност беше зголемена и од неговата вредна концертна постава- Ратко Даутовски, Фјола Исмаили, Ѓоле Максимовски и Никола Стојмановиќ.
Ваков концертот кој не е мегаломански дозволува интимна атмосфера во која го запознаваме музичарот, и во која најчесто е онаа публика сочинета од блискиот круг на роднини и пријатели “на Ти”. Тие беа мошне одушевени и егзалтирани. Дури и кога во холот се препознав во еден одушевен посетител со кого си личат и за малку да му честитам ми одговори “Ова е најголем комплимент за мене вечерва “.
Следен чекор е да го запознае поширока публика.
Организаторите “Баги комуникации”, нѐ почестија фотографии од Стефан Рајл, кои ја доловуваат визуелната вредност на концертот. За аудио вредноста, останува следниот концерт, кој верувам и посакувам да е што поскоро.
Дозволено е да експериментира со стилови, но не е дозволено да се биде скромен, пасивен и скриен, е мојот заклучок, кој наскоро ќе го продолжиме во договореното интервју, со гитаристот кој вреди да го запомниме- господинот Мухамед Ибрахими!
Валентина Ѓоргиевска Парго