Еднаш дневно: МУЗИЧКА ВРЕДНОСТ!

0
210
Има два параметри по кои се одредува колкава е вредноста на еден музичар или артист- продажбата на албуми и продажбата на билети за концерти. Оние  музичари чија музика поминува добро кај слушателот, немаат проблем да ги задоволат и двата параметри. Нивните албуми се продаваат, и концертите исто така.
Сега уште повеќе, со експанзијата на интернетот има начин веднаш со еден клик да дојдеш до саканата музика и да си ја купиш. Без дополнителни трошоци, како што е одење до музичка продавница, до друг град, плаќање нарачка и слично.
Всушност, сајтовите за продажба на музика се и едни од најмоќните во сајбер просторот. Музиката можеш со трансмисија веднаш да ја однесеш продадеш каде сакаш. Во оригинална форма. И книгата исто така. За разлика од облека или уметничка слика која ја чекаш да ти биде испорачана по пошта.
Еден од начините на заработка на интернетот е преку кликови, но тука не можеме да правиме муабет за цврст параметар, затоа што тоа е поинаков бизнис – ти можеш да купиш кликови, а потоа да ги наплатиш. И да бидеш “славен на база на кликови”. Славен за себе.
Но. Дојде време на вистинските музичари. За само една година во време на пандемија, некои од нив го зголемија двојно и тројно своето богатство. Со продажба на својата музика. Дуа Липа на пример. Со фантастични електро поп песни.
Кај нас пак на површина излегоа сите неправилности кои со години се криеја под тепих. Голем број музичари, бендови солисти кои главно градеа кариера со поддршка на моќници, институции, менаџерски шеми, актуелната власт, правеа концерти, полнеа сали, се виде дека не се толку барани во светот на вистинската музика. Можеби и самите најјасно се соочија со сопствената измама, дека живееле во заблуда. Дека тоа не биле тие. Имале некое свое ниво, но за комплетната слика тоа била споменатата поддршка, која ја изгубила моќта истиот момент кога и поддршката  ја изгубила својата моќ. Кога не може со сила да се тераат работите.
Продажбата на албуми преку интернет е најточниот показател за вредност. На концерт може да одиш и како посетител поради друштво, девојка, момче, колеги, поради што сакаш да се забавуваш, поради што те почестиле билети, гратиси, но да посегнеш да нарачаш и купиш музика на интернет, и да сакаш тоа да го имаш во својот компјутер, навистина треба да ти се допаѓа. Тоа си Ти. Никој не би си го скратил својот оброк туку така и би платил нешто што не му прави ќејф.
Сега веќе се селектира точно што сакаш, што е што и кој е кој.
Не се сомневам дека новиот албум на Влатко Стефановски ќе доживее продажба на Интернет. Напротив. Ни за добрите албуми со македонска музика. Ако нема куповна моќ кај нас, има во дијаспората. Но за многу други музичари се сомневам дека ќе успеат да ја продадат својата музика. Не верувам ни сега веќе дека родителот на своето дете ќе му ја нарача и плати песни со вулгарности, пцовки, простаклуци, насилство и омаловажување на жена, затоа што не сака синот да ја поприми таа култура ниту некој неговата ќерка некој да ја гледа низ призмата на суштество кое не вреди. Нема шанси. Сега може да го исконтролира повеќе отколку кога надвор се дружел со своите другарчиња кои можеле да му ја протнат и наметнат таа музика и култура, пардон некултура.
За концерти уште долго ќе почекаме. Можеби неколку па и повеќе години. Додека се стабилизира светот. Додека се врати во нормала. И додека на сите им се подобри расположението. Не е само вакцинацијата во прашање. Исцрпени се и сите други ресурси, луѓето немаат веќе толку финансии. Само, за да се купи омилената музика на интернет не е доцна.
Секој не може да ја создава, тоа е факт, но секој музичар може да се обиде да се подобри, и за него ќе се најде купувач, во рамките на неговата вредност. Зошто се друго е само лага, која кога тогаш ќе заврши и ќе си ја наплати својата цена. А добрата музика која ги допира сетилата е нешто што вечно (ќе) трае и секој сака да ја има и слуша. Како трајна вредност.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.