Еден од моите најголеми музички предизвици е: да откријам дали постои човек кој има пресметано колку милиони наши општествени пари во изминатите десет па и повеќе години, легнаа на сметка на ѕвездите од регионов, кај некои што беа ѕвезди, а некои што станаа во таа наша сулуда прилика. Дали постои таков човек, само да ни напише со колку нули се брои таа цифра? Детали не мора. Заокружено нека ни каже.
Од сите тие питијади, празијади, пифијади, на кои народ многу им се радуваше. Се радуваше и по некој наш локален музичар ако го имаше на листата, зошто како што ми се пофали своевремено една наша славна пејачка ѕвезда, тој гордо држел цена и не прифаќал да пее под 3.000 евра. За кариера од 30 години и албуми кои не помнеше ни сам да ги изброи.
Чисто информативно прашувам. Не дека ќе им ги побараме парите назад. На толку ќејф што ни правеа. Притоа најуредно поканети, со шампањ пречекани. Уште на граница.
Сигурно постоел таков човек кој пресметал, и мора да е тој од здружението на музичари и естрадни работници, така јас мислам дека тоа му било работа, да следи што се случува и да прави неговите штитеници да имаат што подобар третман, повеќе работа, повеќе снимања, повеќе концерти и повеќе пари.
Сакав да прашам кој е тој човек, пред неколку дена, кога разговарав со наш пејач, но тој просто не ми остави простор да прашам, жалејќи ми се дека годишно плаќаат членарина од 1500 денари, и во пандемијава дури, а не добиле ништо како заштита, ни пред тоа цела деценија. Ни подобар третман, ни настап на пифтијадите, ништо, освен белешка за уплатата. Кај не пееш, кај не ти тече стаж, кај немаш како да преживееш, уште да плаќаш само за да бидеш член во друштво кое те има регистрирано само како име и плаќач? Ууу, многу чудно.
Можеби и сега бесцелно се прашувам, сега е доцна и да сакаме не можеме да се вратиме со временска машина, парите заминале во непознат правец, и истрошени се, регионалните ѕвезди живеат луксузен живот. Сега само останува да си ја побараш услугата што си ја заслужуваш за тие 1500 денари што ги уплаќаш со години за вашето здружение. Да побараш да преговараат и договорат за сите вас за некоја општествена финансиска поддршка, потценет би се нашол секој еден што плаќа 1500 денари годишно а некој да добие, некој не. Во вакво невреме. Таква неправда е голема неправда. Поголема и од онаа кога регионална ѕвезда зела 30.000 евра, а домашната 3. 000 евра за настап на иста сцена, во иста вечер, во ист град пред иста публика. И е пресреќен.
Многу, многу пари заминаа во туѓи џебови. Знам дека не заминаа баш сите тие пари кај пејачите, многу повеќе кај менаџерите и организаторите, а сигурно и нешто под маса “на ти го, па врати ми го “. Но, парите се тие. Не врнат од небо. Секој одговорно потрошен денар носи добивка. А секој заминат денар тој веќе не се врти во твојата земја. Неговиот обрт веќе е некаде на друго место. Друг му се радува, а ти си останал со скусени ракави.
Чудо е пандемијава. Пандемијава ги извади на виделина сите работи. Ретро. Ги размести работите и врати на свое вистинско место, и ги откри сите вистини и сите грешки за кои и самите не сме биле толку свесни. Сега се бориме едвај да се преживее. А кој не може ни тоа, се фаќа за секоја сламка за спас. Речиси скоро сите се нервозни, бараат виновник и таму кај што нема. Не можејќи да пронајдат излез, немоќни нешто да сторат, немоќни да си признаат дека и самите дале придонес во креирањето на овој пропаст, ја потпомогнале. Зошто ниедна пропаст и безизлезност не е преку ноќ и не е без причина. Си има раст и кулминација. И на крај последици, кои се неизбежни.
А кога е доцна ни останува само да се присетуваме и да фантазираме-ех ех што ќе беше да не беше така? Ќе ни беше ли полесно да ги имавме тие наши пари, зошто – се штеди само кога се има, а и не се троши без врска. Се чува за секаква ситуација. Резервата каса мора секогаш да има. Зошто некој ги даде нашите пари? Кој е тој некој? Колку пари ќе имавме сега на располагање? Колку општествени пари, колку ли милиони и милиони?
Доколку познавате човек кој го има одговорот на ова прашање, кој точно пресметал колку, Ве молам, инбокс!
Сакам да знам.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.