Еднаш дневно: ОРКЕСТРИТЕ!

0
89
Еве, и ден денес не знам вистински “зошто?” , само знам кој ги укина двата оркестри на Македонската радио и телевизија – Ревискиот и Танцовиот оркестар, гордоста и двата најубави “лебеди” во морето на нивната телевизиска продукција.
Тоа беше многу одамна, помина време, глупав беше изговорот дека се нема пари за нив, многу трошат, повеќе е што некој тогаш реши да ја приватизира и таа, на некој начин, официјална македонска сцена, и се да е во рацете на поединци а не на државата. Или барем да ја тргне настрана, да ја замолкне. Нешто, што ни на сон не може баш така да заврши скроз во нечии приватни раце, тоа е општествена вредност, и со малку логика се знаеше дека кога тогаш последиците ќе се крајно катастрофални.
Станува збор за двата оркестри кои ги создаваа и двата најубави фестивали со најчист звук “Цветници” и “Скопскиот фестивал” , учествуваа во сите концерти на ѕвезди снимени во Мртв, а учествуваа и во бројни музички снимки за потребите на Мртв.
За вокалистите предизвик беше да се настапи со овие оркестри, а воедно и потврда дека си “официјален пејач /ка”. За авторите беше предизвик да направат песна која оркестрите ќе ја засвират. Беше и престиж и плафон, за наши услови.
Тие се укинаа нешто подоцна од укинувањето на Музичката и касета продукција, од која не делат веќе две децении, но сепак се чини како да ги нема цел еден век.
Укинувањето на оркестарите помина млако и со тивко галамење по ходниците на Мртв, да помислиш дека дури и со преќутно одобрување на некој начин, со  по некоја индивидуална побуна која брзо ја “средува” со два збора, музичарите набрзо се сместија во други форми и проекти и во тој поглед никој од нив не остана обесправен, на улица и без леб. Остана гладна новосоздадената македонска забавна и народна песна, но ретко кој се зафати да ја нахрани.
Мене и ден денес не ми е ни најмалку јасна причината, пак ќе речам, зошто се молчеше.
Остана голем простор, и голема (невидлива) празнина, сосема доволна нашата музичка сцена да биде целосно покорена од туѓите музички сцени.
А вистинските наши пејачки ѕвезди, соодветни за овие оркестри, кои небото го параа со своите интерпретации, дојде ред да бидат буквално сместени во антологија, и да се прашуваме каде се што прават, зошто не снимаат, а некои нови инстант ѕвезди да им стане главна преокупација да обезбедат автобуски билет за Белград, а таму во некое приватно смс шоу да ги караат за секој испеан рефрен. И тоа да го сметаат за најголем успех во музиката. А свој репертоар да немаат. Да копнеат да снимат макар само една песна на српски јазик, и од џеб ако треба ќе дадат пари.
Во таа празнина, кога веќе немаш систем на функционирање, разно разни продукции најдоа за згодно и бизнис да поставуваа свои правила, да наметнуваат свои ѕвезди, да тераат бизниси  со спонзори, и да калапат пари а и да станат “Бог и батина” без основа.
Во таа празнина не може никој ни да изброи колку ли само милиони се исплатени на ѕвезди од соседството кои ние ги направивме ѕвезди за да пеат на наши пифтијади и пивофести. Додека нашите музички маестра, доколку беа активни, раце триеја само ако добијат шанса да им свират во заднина, за некој минимален хонорар.
И најпоразително од се е што во таа празнина на туѓите музики им се даде простор да извршат такво влијание за младите генерации да бидат целосно привлечени и запознаени со сите стари и нови српски, хрватски песни, а со македонските едвај. И да не им се развие доволно интерес и чувство за домашното.
Па две децении не се малку. Сцената е веќе целосно трансформирана. И системот исто така. И потребите. И свеста. А соновите на младите луѓе веќе  завршуваат во некој голем оркестар на некоја голема сцена. Макар колку и да биле таму потценети, омаловажени од втор ред, тие се веќе привлечени од тој предизвик.
Тоа е таа катастрофална последица во менталниот склоп што го остави укинувањето на двата најпрестижни популарни оркестри.
И идејата за нивно возобновување, пред три години, по промената на старата власт, помина бледо од неверување дека нешто може да се поправи. Неколку ентузијасти, маестра, не успеаја доволно да ја етаблираат како неопходна и од општествен интерес. Слаб одѕив, дури и предвидените јавни расправи низ градови, прекинаа по само една две средби. Со оглед на присуството на најголемите имиња  музички маестра кои имаат потомци познати музичари,  крушата под круша паѓа, се стекна и впечаток дека се се прави повторно да биде по шема и од затворен круг, ова како сомневање изразено од страна на музичари кои поради тоа не одговорија на предизвикот да се вклучат. Помислија, потребни им се сега само како бројка и кворум колку да се истера идејата, за на крај да бидат  истиснати и отфрлени, и дека станува обид за еден суптилен непотизам во перспектива …
Во Мртв требаат оркестри, без оглед што со прекинатиот континуитет долго нема да може да се ревитализираат и да развијат сила каква што имаа. Колку и да се гледа и слуша музика на разни начини, јутјуб, шазам, сателитска, оркестрите  на МРТВ си требаат за да извршат влијание кое ќе се почувствува понатаму (ова е секако моја размисла, а повеќе и желба, освен ако Мртв нема план да се редизајнира некако поинаку).
Тие веќе нема да може да ја создадат потребната брана за напливот, тој е длабоко навлезен, но може секако да го подигнат нивото на фолк и поп сцената со повторно враќање на соодветни музички емисии, тв концерти и фестивали.
И, тука, не смееме да го прескокнеме есенцијално. Дека е време на некои нови генерации, а ќе дојдат и нови. Ако тие не се привлечат со  идеја дека оркестрите  ќе бидат нивни, дека ќе им бидат “сигурен дом”, и не им се даде соодветно место во центарот на остварувањето на овој план, ами столче во вториот ред, на пасивен учесник или некој кој е тука да пополни простор, за него, и погоре реков, поприфатливо ќе биде столче од втор ред во некој оркестар на друга држава, каде ќе има чувство дека развива меѓународна кариера и го надминал она “локалното” и дека постигнал многу многу повеќе. Па дури ако треба да биде и уличен свирач некаде.
И, понатаму, во тоа инфериорно чувство, нема ни да слуша ни да твори музика на мајчин јазик, пак ќе создава на “латиница”.
Тогаш зошто би ни биле оркестрите? Нашата генерација ги знае, ги памети и тие беа песни од нашата младост. Тие требаат за младите генерации. Во тој план на нивно враќање, младите треба и да го повлечат тоа остварување. Исто, како што некогаш тие оркестри припаѓаа на генерации музичари во својот најплоден и најактивен период, и токму затоа беа врвот во официјалната сцена и прифатени од публика од 7 до 77 и ги создадоа своите најубави авторски мелодии.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.