Еднаш дневно: ОВЧАР

0
94

Минатата недела јавноста два пати се шокираше, на иста тема. Првиот пат кога на социјалните мрежи осамна понуда дека кој останал без работа и егзистенција ете може да најде некоја “брза” работа од областа на земјоделието и сточарството, зошто угостителството е под клуч, вториот пат за жал кога овчар трагично го загуби животот откако се смрзна на планина и немаше кој да му помогне. Немаше затоа што службите, сите во низа, лабаво си се однесувале на работни места, од каде земаат државни плати, и затоа што на агенцијата за спасување произволно и нејасно е ставен сосема некомпетентен лик, а можеби и несериозен, за тоа не можам да тврдам, претпоставувам.

Зашто, да би било поинаку, животот на овчарот ќе беше спасен, и тој сега ќе беше покрај својата 90 годишна мајка, која тогаш со натчовечки напори, лежејќи врз него да го згрее, се борела да направи тој да преживее.

На кутриот овчар не му помогна потоа ни петчасовното носење на импровизирани носилки, на што своеволно се нафатиле доктор и одредени други помошници, од околината на Кратово.

Се стресовме кога слушнавме, многу посилно од тресењето на хеликоптерот кои тие денови за без потреба го користеа премиерот и министерот за здравство, во стилот “шетам си се” од Скопје до Прилеп. Одговорност, и оставки. На сите.

Држава треба да водат сериозни луѓе. Емпатични. Посветени на својот народ, на своите граѓани.

Се уште е болка спомнувањето на овчарот, предизвикана од оваа загуба, без разлика што никој од нас не го знаеше лично.

Неправдата и негрижата погодува в срце. Оние кои најмногу треба да се грижат за граѓаните, тие како да се шегуваат и коцкаат со нивните животи.

Од друга страна, се наметнуваат други прашања. Во какви услови работи овчарот што смрзна во месец април, кога е пролет? Колку ли е само тешка таа професија?

Се згрозувате ли ако ве наречат “овчар”? Познавам многу луѓе кои се згрозуваат, иако ни тие да речеме грофови не се, го работаат она за кое имаат можност. Или пак можеби само нашле начин како до полесни пари.

Овчар, според перцепцијата на многумина е човек кој не е едуциран и кон нема многу информации. Тоа важело за минатото, сега информациите допираат до сите кој сака да дојде до нив. За среќа, познавам и млад овчар од Скопско кој има факултетска диплома стекнато во Приштина, солидна едукација и одлично говори три јазици.

Падна уште еден мит /предрасуда дека овчарот е неписмен човек. Којзнае уште колку овчари има со многу солидна едицираност и информираност, многу поголема од оние кои се згрозуваат на поимот “овчар”.

Но, не е битна едукацијата, колку што е битен образот – овчарот повеќе од чесно си го вади својот леб. Зар можете да замислите секој ден на планина со обврска да припазуваш броен добиток од гладните усти на волците а и ама да се чуваш? Да се чуваш змија да не те касне, крлежи да не фатиш, да не се сопнеш кога секојдневно се качуваш по стрмните падини и планини.

Зар може овчарот да земе слободен ден, викенд, годишен одмор кога ќе му текне?

Зар може да одложи пасење на овците на саат, два, три ако денеска нешто не му е денот?

Зар и после ова, кога многумина стекнаа претстава каква напорна и ризична работа е сето ова, ќе можат ладнокрвно да се жалат на цената на овчото сирење?

Тоа е многу тешка професија, која бара итрина, памет, целосна умствена и физичка подготвеност и вложеност, до максимум. Напорна е, пренапорна. И не е срамна, напротив, многу многу е чесна.

Македонија е полна пасишта и кога повеќе физички здрави и здраворазумни мажи би сакале да работаат како овчари, би биле многу побогати.

Срамота е само да седиш со скрстени раце и да бараш држава тоа да ти го плати, за да живееш комотно. И да се занесуваш дека правиш нешто којзнае што, и дека си некој којзнае кој.

Ова се секојдневни лекции, за жал со превисока цена, но кои можеби некого ќе освестат.

Ако и после вакви конкретни примери пред очи, голем дел од луѓето со погрешна слика за себе не се свестат и не почнат да размислуваат поинаку, тие се едноставно непоправливи и во вечна заблуда. Со самото тоа, голема штета за целото општество, а општеството мора да се брани од такви несвесни и нечесни ликови, по секоја цена и на сите начини. Зошто видовме дека со заблудени, неосвестени, несовесни и нечесни луѓе, загубите за сите се преголеми и непредвидливи.

И за крај мисла од еден нобеловец – Овчарот е поважен од секој министер!

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.