Во областа на сценскиот и уметничкиот живот во нашата земја, врват години во бунило и нејаснотии. Лебдат во воздух многу прашања кои чекаат одговор, а освен постојаните од ден на ден се раѓаат и нови. И се напластуваат прашање врз прашање.
Накусо кажано- проблемот тргнува од таму што се поставуваат некомпетентни министри и министерки, како од ракав истресени, кои никогаш и немале допир и искуство со култура, а понатаму додека ја научат работата и влезат во колосек, поминале неколку години, ги смениле, и пак почнува се од точка нулта. А треба многу знаење и умеење за таа работа.
Министрите пак поставуваат директори и директори на институциите кои произлегуваат од партиските редови, или на база на други релации (непотизам, блискост) исто така со половично знаење или пак доколку се упатени, најчесто тргнуваат од свој личен или партиски интерес, и повторно се губи поентата.
Во меѓувреме, сите уметници или вработени во институции кои умеат да ги согледаат неправилностите мудро молчат, земајќи солидни плати, сѐ додека не искрсне проблем кога наеднаш пламнува и сите почнуваат да галамат и да влечат на своја страна.
Одговорност нема од страна на никого. Сѐ е препуштено на нивните желби, хирови и интереси.
Тоа го видовме многу јасно, откако ја затворија Универзална сала, каде се правеа разни настани, соодветно на називот и намената на салата.
Оттогаш сѐ што се прави е префрлено во другите достапни сали, се измеша уметност, култура, забава, комерцијала, класика, забавно, фолк, турбофолк, и се создаде еден голем хаос.
Така на пример, лончињата се толку измешани што во Филхармонија се даваат комерцијални комедии и филмови, а напати на сцена и концертни свирки како за во кафулиња; во Националната опера и балет се прават модни ревии, промоции, драмски претстави, приватни концерти од разни жанрови (во едни поранешни времиња се направи дури и свадба на бизнисмени во холот); во Младински Културен центар младите се примаат само за келнери, таму младите како да се малцинство и незастапени колку што треба во објект наменет исклучиво за нив; а во Македонски народен театар коктели и забави, а се направи дури и спортска навивачка парада, по која навивачите дури беше го демолирале објектот. И немаше ни смена на директорката, си остана како ништо да не било. Без одговорност за таквата недоследност во својата професионална задолженост.
Чекајте!
Одиме по ред.
-Филхармонија е за оркестарот на филхармонија и сродни состави.
-Опера и балет е за опера и балет.
-Младински е за млади.
-А Театарот е за театарски претстави.
Недостига само уште еден Универзален центар и уште повеќе- недостига ред на нештата.
Сѐ е толку јасно што нема потреба да се размислува дополнително.
Всушност, државата скапо ја чини самиот имиџ на овие институции, и тие според името се веќе предодредени во својата намена и треба да се внимава на што каде му е местото. Инаку би изградила банкет- сала и секој би ја изнајмувал за што сака.
Но, за овие сали и нивната намена, за нивниот концепт и за што служат, треба да се огласи и одлучи оној кој е сопственик, а тоа е државата со своите соодветни тела, не може поединци, ни партии да одлучуваат за стратешки одлуки.
Ова прашање повторно се актуелизира деновиве кога вработените во Филхармонија со петиција од 108 вработени на јавноста ѝ соопштија дека не сакаат да ги примат своите довчерашни колеги од новоформираната институција “Оркестар за џез музика”, а со тоа и јавноста се разбранува и го постави ова прашање на кое прво чека одговор за да одиме понатаму со постапките -“Чија е Филхармонија?”, а истото важи и за сите гореспоменати институции.
Одговорот го очекуваме од највисоките инстанци во културата, за да знаеме како треба да се однесуваме кон оваа (нејасна) сопственост и да продолжиме со следни прашања.
Валентина Ѓоргиевска Парго