Еднаш дневно: ВКУСОВИ! 

0
96

За вкусовите не се расправа, и тука расправа нема. Расправата е завршена. Секој си има право на  свој вкус, никој и нема право тоа да го оспори. Ни осквернави, макар со еден збор.

Вие слободно уживајте си во она што го сакате, посебно како музика. И нема потреба никому да му се правдате зошто тоа вам ви се допаѓа. Едноставно, затоа што тоа вам ви се допаѓа. Какво и да е.

Тоа што вам ви е убаво е рамноправно со тоа што на некој друг му е убаво, и двајцата с(т)е во право. Сите с(м)е. Секој си тргнува од своја гледна точка и секој е подеднакво исправен во бранењето на својот вкус.

Да се има свој сопствен вкус значи да се поседува една своја лична слобода. Да се одбере што се сака. Она што ни ги дразни чувствата. Што не прави среќни и свои.

Музиката е за сите, рекол музичкиот гениј Моцарт. И за сите е.

Но внимавајте, на каков начин ви влегува во глава. Ако ви влезе на погрешен начин, може да ви наштети. Погрешна е онаа музика што некој друг ви ја наметнал, ако вистински не се пронајдете во неа, и таа може да ви направи емоционална штета без да сте свесни за тоа. И може со години и со децении да слушате некоја музика, за дури отпосле да сфатите дека не е (била) таа за вас и дека тоа било бесцелно потрошено време и уши.

А денес па врие таква музика, наменски направена колку под пропаганда да ве освои набрзина и да ве купи односно да ви се продаде.

Не верувајте и. Таа ги оштетува вашите мисли и вашето “јас”.

Не верувајте ама ни најмалку и на сите комплимент и епитети што ги прочитате-најдобар пејач, најдобра пејачка, најдобра група, најдобар композитор, најдобар текстописец… Еве, мене не ми е најдобар. Друг/а ми е.

Не ги земајте здраво за готово овие залепени епитети, тоа се само измислени зад некоја затворена врата од неколкумина, тоа е маркетиншки трик од добро организирана група која ќари од таа измама. Најдобро нешто никогаш не може да биде, секогаш има подобро. Може само не допрело до вас. Или допрело ама не сте го забележале. Или допрело и сте го забележале ама некој валкан итрец ве излажал дека тоа не е најдобро, тој што ви кажува тоа е подобро. Или може допрело ама вас едноставно тоа не ви се допаднало.

Ама зошто сте такви? Слушајте си го само срцето. Тоа одбира, и точка. Исклучиво само она што вам ви се допаѓа. Без ничие влијание. Колку и да вртиме од ваму од таму, пак се навраќаме на истата вистина.

Не го земајте ни скроз комплиментот „имаш добар вкус за музика“. Тоа е само потврда дека Ти и тој кој те пофалил имате ист или сличен вкус. Не е критика ни „имаш лош вкус за музика“. Тоа е само потврда дека Ти и тој кој те исќудил немате ист или сличен вкус.

Затоа, немојте да дозволувате да ви кажат во која насока да се движи стрелката на вашиот компас во музиката. Вие сте морнар на отворено широко море, си пловите удобно на вашиот брод и си зафаќате свој правец каде сакате, среде таа морска музичка широчина.

Единствено што, кога станува збор за музика мора да послушате, штом сте тажни, скршени, оставени, разочарани, не слушајте тажни песни. Секој стих ќе ве повредува и ранува. Во секоја песна во која ќе се пее за човек без сенка, оставен, очаен, опустошен, заборавен, ќе се пронаоѓате без причина. Не сте вие истиот човек, тоа е песна за некој друг, измислен или вистински лик, а вам можеби среќата ќе ви се насмевне уште следната (песна) зора. Во тие мигови, нека биде еднаш да и испркосите на музиката, и слушајте само весели, радосни, брзи песни. Тие, ќе ви дадат крилја и ќе ве усреќат, како што знаат да го направат тоа. Како со магично стапче, ала минут, за час.

ПАРГО

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.