“Happy heavenly birthday!”.
Љубовта е икона, знаевме да кажеме…
Денес, сѐ што нѝ остана е спомен кој боли и песни кои сѐ уште не можам да посегнам по цедињата и да ги слушам. Вистини кои сѐ уште не можам да ги прифатам. Зборови кои сѐ уште не можам да ги изговорам. Лаги и полулаги кои сѐ уште некому носат профит. И прашања кои некако со тек на времето ми се одговорија сите до едно.
И слики, за многу за мене нејасни работи и чудни луѓе околу него, сама понира од сите страни, само треба будно да ја следиш и да го составил мозаикот. Иако тоа веќе ништо не менува.
И, како да си секогаш тука. Покрај нас и до нас. Само бројни денешни изливи, по повод роденденот на нашата ѕвезда, споделувањето на линкови од песни со неговиот волшебен глас и трепет, ме тера да се запрашам по не знам кој пат зошто радио станиците нив не ги емитуваат рамноправно? Емитуваат само неколку, истите со години. Тие сите припаѓаат на нас, кои те сакавме и сакаме да живеат во воздухот, полн со спојувачки вибрации и цен денес.
Во интерес на јавниот интерес ќе Ви кажам и зошто мислам дека е така. Со секое емитување на песна авторите добиваат пари од тантиеми, се сомневам дека очигледно некои автори кои имаат пријатели или “шеми” по радио станиците во договор со нив направиле да се пуштаат само нивните. Хрватските ги нема, српските ги нема, етно песните со фантастични аранжмани и изведби ги нема, песните од неверојатно емотивниот и модерен англиски албум ги нема…ромската ја нема, влашките ги нема. Ако не е така, демантирајте ме слободно.
Ги нема.
И ден денес болно е да дознавам кога некој продава своја песна со изговор “цената е повисока зашто јас му бев автор на Тоше” и тоа ми го кажувале лично неколку млади пејачи и нивните родители и блиски.
Ама некако од друга страна и не ми пречи што некои сѐ уште префригано печалат на негово име, ми пречи што можеби истите тие спречуваат или не даваат слобода да се емитува рамноправно неговото преубаво творештво.
Тој остави навистина песни кои заслужуваат да бидат слушани, подеднакво. Не е важен ни текстот, ни музиката колку што е важна Љубовта што ја даваше преку секоја песна. Тоа ја прави песната тоа што е. Впрочем и самата славна Марина Туцаковиќ лично мене, на неговата промоција во хотел “Хајат” во Белград ми рече дека не е роден текстописец кој може да напише стихови за Тоше. Ова, кажано во една асоцијативни смисла на зборот во однос на неговата вредност, а не дека немаше песни со добри и одлични текстови.
Тоше подеднакво си ги сакаше своите песни. А немаше автор кој не сакаше да му подари (или наплати) песна со свој потпис, чуда правеа да ги избере, и доколу па некој се почувствуваше навреден дека во тој момент не успеал да му ја земе песната, почнуваше војна, почнуваше голема хајка против него, и на сѐ се сеќавам на секој искажан збор од секого.
Во искрената намера на авторите кои пак имаа неверојатна чест да ги испее нивните создадени авторски дела, ќе поверувам само кога ќе се откажат од своите тантиеми од емитувањата, и парите до денар ќе ги наменат хуманитарно. Ете, во негова чест, тој сакаше такви постапки. Со хуманост до хуманост. Тоа требаше одамна да го направат. Ама, молк.
Дотогаш ќе се сомневам дека заради нив (и погоре спомнатата причина) другите песни не се рамноправни на радио станиците. Сите се тие како јато гулаби, кои треба слободно да летаат. Ниедна птица (песна) да не остане заробена.
Тоше беше вљубен во сите свои песни. Се сеќавам само со каква трепетна радост “во доверба” пред домашниот избор за Песна на Евровизија во 2004 година ми кажа дека Симче му направил феноменална песна што премногу ми се допаѓа “Љубена”, (така си го викаше својот колега Симон Трпчески за која соработка знаеше дека мене ми прави многу ќеф), додека јас ја бранев најомилената “Зошто отиде”, потоа и егзотичната и шизичка “Сон егзотичен”, а дека сепак најмногу навивам за аранжерски пребогатата и моќна “Парче од Европа” за која и ден денес ми е криво што не ја претставивме на евровизиската сцена таа година. Да грмнеше ко громови кои се спојуваат односите страни да ечеше, да не кренеше.
Штета што тие песни не беа снимени целосно и во англиска верзија, оној дел од “Зошто отиде” снимен до половина, на англиски е нешто “лудо добро”. Ах кога би се направила целосна англиска верзија со материјалите кои верувам сѐ уште стојат во архивите на студиото “Ентерпрајс”. А зошто да не може? Можеби како роденденски подарок за следниот негов heavenly birthday.
Бисерно нежната “Љубена” е тука, пленува со својата маестралност и вечно волшепство.
Со “Пушти ме” Тоше почна, со неговата “Цреша” заврши. Во меѓувреме многу испеа.
Пуштајте му ги!
Валентина Ѓоргиевска Парго