Единствено нешто во кое жените се избориле за права поголеми од мажите е секојдневно да ја носат “нивната” облека, а тие да не ги осудуваат за тоа. Панталони, тренерки, јакни, фармерки, џинс, ниски чевли, патики … Кај мажите случајот е поинаков- еднаш ли облекле женска облека, хаа, подобро нека се селат од Планетава. Повеќе за нив нема да се зборува како за вистински мажи. Ако тоа се случи во конзервативна средина, навистина ќе ги отпишат. Иако историјата како народна носија памети здолништа за мажи, култ, мантија, наметки а до ден денес и фустани за шеици…
И додека на жените ѝм е поудобно во машка облека, на мажите во женска ѝм е смешно и така се облекуваат за на маскенбал, карневал, забава, шегување. По улица ретко ќе видите маж облечен во жена, а да ги задоволува критериумите на нормалност.
На сцена така се облекуваат оние кои сакаат да привлечат внимание. Меѓу нив први почнаа Бој Џорџ, Фреди Меркјури, Елтон Џон, Принц, на почеток и Дејвид Боуви, Ентони Кидис од “Ред хот чили пеперс” но нивната музика беше доволно посилна од имиџот, што не го исфрли тоа во преден план, и не беше пречка за нивните кариери.
Поскандалозно се прифаќа денес отколку оттогаш, кога снимаа спотови во женска облека, пред повеќе од 30 години. За илустрација на не секогаш добри коментари наидува младата италијанска ѕвезда Дамијано Давиде од “Манескин” затоа што најчесто тој, а и другите членови на бендот се облекуваат како женски. Секојдневно. Со шминка, лакирање, високи потпетици, фризури, накит…
Иако нивниот стил, глам рокот, дозволува таков имиџ, некои тоа веднаш го поврзаа со манифестирање на наводна настраност и хомосексуалност (што е лично право, да не заборавиме), но за да се биде тоа зар треба женска облека?
Во заднина, веројатно, има и некоја смислена порака, нешто друго. На светот во поново време му недостасуваат млади планетарни музички ѕвезди, “Манескин” тоа веќе се, но некој од тимот ѝм го смислил ова облекување за да се и медиумски поинтересни, поразиграни, плус, не е исклучено дека преку тоа можеби и сакаат да се борат против предрасудите.
Женската облека не е непријателка, никому, па ни на мажите. Сѐ уште тоа не е прифатено како нормално, но зошто би биле против таквото облекување?
Некои стереотипи кои пуштиле корен, се пресликуваат во разни држави.
Европската јавност за Дана Интернешнл во 1998 година, која беше закитена со пердуви на својата модна евровизиска женска креација, не реагираше многу остро. Ни за “Сестре” од Словенија во 2002. Ама затоа пак негодувањето беше огромно со евровизиската победа на Кончита Вурст (2014) кога излезе во тоалета и брада. Брадата како машки елемент, а фустанот како женски. Таа комбинација не ѝм се допадна на многумина од оние, покласичните слушатели.
Да, брадата е машки елемент. Ама и за неа се плетат предрасуди. Била корисна во некои минати периоди кога борците пуштале брада за да не ги препознаат и заробат непријателите и окупаторите. Ја користеле како заштитен механизам. Напати дури и рој вошки и болви во неа се криеле, но од безбедносни причини морале да трпат и да не ја бричат. Несредена брада често носел човек кој сака да изрази и некоја своја лична жал, тага и тагување.
А долга бела брада (како Дедо Мраз) кај повозрасни мажи оддава имиџ на мислител и мудрец, затоа што тие навремето пуштале долги бради, и така мислејќи се на некоја тема, по инерција со прстите ја сукале својата брада.
Денеска ако си забраден може да поврзаат и со имиџ на потенцијален терорист, консуматот на опојни средства, депримиран, со еден збор – несреден маж.
Ако брадата особено во комбинација со долга коса кај маж оддава впечаток на несреденост која извира одвнатре а се отсликува однадвор, кај жена тоа го оддава запуштен имиџ, мрсна коса, повеќе килограми, неналакираност, неиспеглана облека…
Но, пред да судиме за било каков имиџ, особено за жени, мора да имаме на ум дека можеби тоа не е слика на внатрешната состојба туку на физичката (или финансиите). Некои жени со текот на годините добиваат болести кои се поврзани со безволност или физичка и телесна немоќ, немаат енергија или желба. А најчесто тоа се болести поврзани со тироида кои се чести (речиси кај секоја трета жена) и затоа таа нема многу волја да биде типтоп, како некогаш. Самата болест ја турка кон несреденост, и не треба да ѝ се зема за зло.
Валентина Ѓоргиевска Парго