Има една проверена мудрост која вели: “Жената љуби кога сака, мажот љуби кога може!”
Од жена, еве, во истиов ред ќе ви биде потврдено со потпис и печат дека е така. Во однос на Љубовта, жена не знае да лаже. Пардон, не сака да лаже. Дури и да излаже некогаш нешто малку, се тоа е поради заштита на некои уште подлабоки љубовни чувствува кои ги носи и негува во себе.
А женското срце е ковчеже со многу тајни, тајни за љубовта. Дел од нив вечно ќе останат таму, нечепнати. Дел, ќе ги изнесе на виделина. Често и преку перото.
Жената како авторка е многу моќна. Ретко пишува, кога пишува, навистина пишува.
Мал квиз – дали сте се запрашале зошто толку малку има жени авторки, жени текстописци на естрадата? И тие што се ретко пишуваат? Еве неколку – Радмила Митровиќ, Весна Малинова, Маја Павловска, Елена Христова, Анета Наковска, Анита Даева, не се хиперпродуктивни, го натопуваат перото во мастило, ретко но квалитетно.
Мит е дека жените се помалку квалитетни од мажите во: пиење пиво, возење автомобили и пишување на текстови за песни. Има повеќе поетеси сега а помалку жени-текстописци.
Еве ќе ви опишам како- ако замислуваме како фудбалско игралиште можеби има повеќе мажи текстописци на теренот и тие ја тркалаат топката натаму наваму, но кога ќе влета жена е вистинскиот стрелец, таа веднаш дава гол. Недопирливо.
Мораме да го земе во обзир дека процесот на естрадна еманципација на жената како текстописец е малку поспор, по нејзин избор и пасивност. Веќе споменав, најмногу поради нејзиниот личен став и одлука да се “отвора” само кога се чувствува така.
Жените како е симбол во своето творештво го имаат – срцето на жената, и верувам дека поради тоа малку помалку пишуваат од мажите. Секоја жена пишува, едноставно за себе. Што и да напише. Верувајте!
Тврдам дека маж не може да напише текст за жена така умесно како таа самата, зарем не се најдобрите три песни на Маја Оџаклиевска потпишани од неа во стиховите на ” Не допирај ме” , “Прости ми” и , “Многу солзи”?
Мажите пишуваат за пари, мене тоа ми е осознаено од искази дадени од нивна страна. Јави им се, нарачај песна, плати ја и ја имаш. Од 50 евра, до 100. Најскап велат е Владо Јаневски до 1.000 евра (естрадни муабети кои ги земам со резерва) а еден текстописец еднаш радосен ми призна дека авторите зеле дури 10.000 евра продавајќи позната песна на српски пејач, со превод на текстот. Некогаш и ги подаруваат, главно не.
Жените се во предност и тоа како. Тие својот авторски сентимент- не го продаваат. Кај жена не можеш да нарачаш песна како нешто само за продажба . Таа ќе ти ја напише кога таа ќе сака. Кога песната сама ќе и “прошета” под кожа.
Женското перо е понежно а појако, тоа само пишува, без да го тераш.
Не мислам на предност на песна во која се запазени само римата и метриката. Мислам на идеја која е откорната од под нокти. Надојдена, која не си можел да ја допреш.
Ете пак ви велам, не го сфаќајте како обид за феминизам, или родов приоритет и дискриминација, чисто како мој цврст поглед на оваа тема.
Да не објаснувам повеќе зошто за жените авторки сакам со задоволство да пишувам во секое време, се насетува. Ме допира нивното. Сакам и да ги охрабрам. Не да пишуваат многу често, туку да пишуваат чесно, женски, како и досега, и да ја канализираат и експонираат својата креативна творечка енергија кога најсилно ќе им надојде.
Деновиве една песна ги разгори страстите, потпишана од дамското перо на некогаш познатата тв водителка Соња Дојчиновска, одамна и Јанакиевска, последниве години успешна како текстописец. Во секој нејзин музички текст има да најдеш некои два збора како стрели, кои се воедно и така огнени, како што вели еден нејзин испеан стих “жешка ламба за твојте крилја”.
Овој пат ми ги испоти дланките од аплаузи. Самата не само што напишала текст кој ежи, таа направила и елегично мелодија како нејзино комплетно авторско дело за пејачка, во аранжман на Златко Миладиноски- создала песна која фантастично ја испеала Зуица Лазова. Бисер. Кој добил и видео спот, замислете, повторно во идејна изработка на Соња.
И се најде на топ листа “Фолк Џубокс” и царува таму.
Комплетна авторка за која кревам палец да продолжи да работи вака комплетно, комплексно, и креативно. Бисерно.
Веќе е ред да и дадеме шанса пред новинарски диктафон, да ја слушнеме нејзината авторска приказна, многу најскоро, во меѓувреме еве ви го на увид текстот чиниш кадифе и мелодијата која отиде на врвот на актуелната фолк листа.
И тука размислете за едно мое прашање – што мислите, ако за релевантноста на успехот на една “машка” песна е запијување со друштво во кафеани, која би била релевантноста за успехот на една ваква длабока емотивна женска песна?
Како “Дојди” :
Дојди, кога ноќта денот ќе го скроти;
Ваше маало – таму спроти,
прошка да ти побарам.
Сфатив, не е злато се што сјае.
Еднаш љубиш, вечно трае;
Душа да ти отворам.
Писмо читаш од грешник напишано,
може ќе го фрлиш непрочитано.
Многу грешев, умирам од жал,
бисер имав, а го фрлив в кал.
Дојди. Ќе те чекам кај багремите.
Славеј пее песна за вљубените.
Дојди атер за спомените.
Вака молат осамените….
вака молат осамените.
ПАРГО
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.