вторник, јули 16, 2024
домаЕднаш неделно: НОВОГОДИШНА

Еднаш неделно: НОВОГОДИШНА

Влеговме, ете, и во Новата 2021 година, толку многу очекувана и посакувана, Среќна нека е!

Многу посреќна од претходната, во која поминавме низ една стресна и патолошка ситуација, без разлика кој како ја поднесе. Беше нешто што ние не ни помислуваме дека еден ден ќе ни се случи, дека ќе се соочиме со сето тоа, не бевме подготвени и не знае(в)ме што не чека.

Преминот од 31 декември кон 1 јануари конкретно не значи ништо, уште едно стемнување и едно разденување. Вие сте истиот човек, истите луѓе наоколу, истата клима, истите ваши хронични болести, истите проблеми… Не се решава ама баш ништо, ама, останало како навика човекот да се радува таа една вечер со побогата трпеза од вообичаено, со најблиските, лудо и незаборавно и да очекува чуда од следното утро. Некој нов замислен почеток, кој пак ќе речам – во реалност не се случува.

Оваа година, корона-пандемијата речиси цел свет го задржа дома, и доброволно и присилно. Сакале или не, по дома, ние овој пат буквално бевме пред малите екрани. И се повеќе на социјалните мрежи. Зошто на малите екрани ништо ново, ништо поразлично, ништо магично. Како што треба да биде. Барем таа ноќ.

Неедитирана програма, стихијно пуштена да пополни телевизиско време. Истите пејачи, истите песни (многу од тие несоодветни за славење, тажни, патетични), истите глумци непотребно долги квизови и репризи, неинтересни серии и филм.

Заслужуваше внимание концерот со македонски песни од Белата ноќ, кој беше прикажан на приватната телевизија “24 вести” и концертот на младата харфистка Сара Мејс некаде среде лозови насади.

Ни Виенскиот концерт оваа година не беше тоа што е, без динамиката што во салата ја даваше публиката и без “живи” аплаузи. Најдобар избор во тој неизбор, сепак беше да погледаш филм.

Како новинар поминав едно добри 20-тина години во македонските телевизии, и навистина и ден-денес ми е чудно и несфатливо зошто тогаш тв публиката реагираше дека “немало ништо на тв за Нова година”, кога тие програми се подготвуваа од професионалци, со сценаристи, со добро подготвени сценарија, и се снимаа речиси цел месец и повеќе. “Оаза на Мира” со Благој Чоревски во главна улога беше мојата прва репортерски проследена тв програма која се снимаше во МТВ со денови.

Сега изостана било какво сценарио. Се беше само обична снимка. Пејач/ка со микрофон и плејбек. Нешто што може и од дома да се направи. Ќе познаеш дека е новогодишна само по тоа што некои пејачи имаа капи од Дедо Мраз на глава и тука и таму по некоја светкава лента и лампиони. Беше нискобуџетно и неосмислено, анемично и со “испиена” енергија, зар не?

Останува фактот дека приватните телевизии не прават ни чекор повеќе од времето кога се отворија пред триесеттина години, а државната воопшто не се труди. А има толку многу што да се селектира и пушти, од цел свет, барем за Нова година.

Но, ако ноќната новогодишна програма мене не ми остави впечаток, впечаток ми остави утринската на една наша приватна телевизија. Станав рано и вклучив телевизор, на 31 декември. Очекувајќи сервисна програма со информации и по некоја песна. Не догледав дали тоа имаше на емисијата, брзо сменив канал. Зошто, капак на се беше кога чисто онака и без тематска потреба вклучија гледачка, а таа веднаш почна да колне, додека водителката насмеана како да уживаше во тоа. Не ја ни прекори, ни опомена, само ја ислуша.

Ха! Па размислувам, ако веќе не може и се нема волја да се подигне нивото на телевизиската програма тогаш барем АВМУ да реагира да се не спушта на ниво на среден век. Цивилизиран и културен тв амбиент, на крај на краиштата е крајната цел на тв програмата, која се прави за информирање, за едукација, разонода, и задоволство!

ПАРГО

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ