Сунчица Уневска
Од 20 до 24 јуни се одржа 3. Понта Лопуд фестивал, кој им е посветен на самите филмски творци и чија идеја е токму учењето на занаетот, размената на идеи, разговорите за снимањето, но и за начинот на гледање на филмовите, споделувањето искуства и уживањето во креативната филмска атмосфера. Оваа година специјални гости на фестивалот беа, еден од најособените филмски актери на денешнината, Едвард Нортон, како и шведскиот режисер, Рубен Естлунд, кој успеа со своите филмови да разбранува многу нешта во филмската индустрија, а особено во нашата перцепција. А токму тие беа и најинтересните аспекти за кои годинава се зборуваше на Понта Лопуд фестивалот, сместен во прекрасниот амбиент на островот Лопуд.
Годинава беа повикани 21 млади уметници од регионот, кои со својата работа веќе имаат постигнато одредена афирмација. Меѓу нив од нашата земја беа поканети режисерката Марија Апчевска, чии кратки филмови беа на многу филмски фестивали, а „Бардо“ и „Северен пол“ на престижните Берлин и Кан, како и актерката Наталија Теодосиевска, која подеднакво е добра и во филмските и театарски продукции и има осовено награди на повеќе меѓународни филмски фестивали.
Учесниците на предавањата и мастеркласовите имаа навистина ретка можност да се сретнат со еден од најпочитуваните актери, Едвард Нортон, кој на Лопуд одржа серија предавања, како и работилница за актерите. Тој беше одушевен од самата идеја на фестивалот за размена на знаењето и искуствата помеѓу филмаџиите, велејќи дека снимањето е како занает, многу техничка работа и дека професионалците што се занимаваат со тоа не разговараат доволно едни со други. „Веќе 30 години снимам филмови и повеќето од она што го научив за самото творештво и за филмската уметност произлезе од разговорите со постарите режисери. Навистина, филмовите се прават за публиката, но мислам дека и ние си требаме едни со други за да го научиме занаетот и затоа идејата на овој фестивал ми се допаѓа многу“, изјави Нортон.
Едвард Нортон е на врвот на светската кинематографија цели триесет години, но тој никогаш не бил само актер. Зад себе има навистина педесет филмови, но 13 има и продуцирано, пет напишано, а два режирано. Три пати е номиниран за „Оскар“ („Примарен страв“, „Генерација Х“, „Човек-птица“), потоа за наградата на Здружението на филмски актери, два пати за „Бафта“ и за „Златен глобус“, а исто така е и добитник на „Златен глобус“, на наградите „Еми“ и „Оби“ и бројни други. Театарот го сака подеднакво, а за себе вели како отсекогаш знаел дека не сака да биде само актер.
„Од почетокот на кариерата пишував сценарија за телевизија и драми. Режирав во њујоршките театри, го сакам тој свет и во новиот филм ‘Бруклин без мајка’ ангажирав неколку луѓе што таму ги запознав. А сè што знам за филмската режија научив од Милош Форман, кого го идеализирав уште од мал, кога го видов неговиот ‘Амадеус’. Имав среќа да глумам во филмот ‘Народот против Лари Флинт’ и на сетот постојано го следев, како да сум негов асистент. Подоцна ме повика да седнам со него во монтажа, исполнета со дим од цигари и да учам како филмот, според неговиот светоглед, всушност се режира откако е завршено снимањето“, изјави Нортон.
Од сите свои филмови за фестивалот Понта Лопуд го избра „Насликан вел“ („Painted veil“) од 2006 во режија на Џон Куран, во кој игра со Наоми Вотс. „Кога размислував за тоа што да им покажам на младите луѓе кои се обидуваат да ги снимат своите сопствени филмови, чувствував дека ова е филм од кој би можеле нешто да научат“. Како што рече, ова е филм кој е снимен со многу љубов и тоа цели десет години. „Се работи за филм што го продуцирав, а го одбрав бидејќи сакав на колегите да им покажам како нашата работа никогаш не е едноставна, тоа е филм кој е снимен во готово невозможни услови, за кој едвај е затворена финансиската конструкција и што го снимав со напукнат рбет после пад од коњ…“ Како што пренесуваат медиумите, Едвард Нортон е многу непосреден и отворен човек, кој навистина има што да каже, а со присутните споделувал многу приказни и анегдоти.
Се разбира, списокот на улоги, кога се работи за Едвард Нортон е долг, но една од култните, иако ги има многу, е улогата на скинхедс во „Генерација Х“. Како што открива Нортон, сценаристот Дејвид Меккена на почетокот замислил почист жанровски филм, кој би се занимавал главно со прашањата околу дрогата, но токму на негова сугестија се отишло многу подалеку во разработка на неговиот лик Дерек, кој станува многу повеќе од стереотипен агресивец со нацистички тетоважи.
„Со додавање затворската приказна добивме вистинска шекспиријанска приказна, во која Дерек е екстремно харизматичен лик кого го прогонува неговиот бес, кој истовремено е неговиот товар и неговиот двигател, исто како што претераната амбиција на Магбет му беше неговиот подем и пад. Подготвувајќи се за тој филм, на сетот имавме луѓе од различна припадност и се сеќавам колку внимателно се подготвувавме за работите што ќе ги изговараме, за никој да не се чувствува непријатно. Тогаш тоа беа работи од општествените маргини, а денеска мојот лик не би бил ќелав скинхед, туку водител на „Фокс њус“ со костум и вратоврска. Ако слушнете што зборува еден Такер Карлсон, ќе сфатите дека ставовите на некогашната екстремна десница станаа меинстрим“, зборува Нортон повлекувајќи паралела помеѓу американското општество денеска и подемот на десниците во земји како Унгарија и Италија, а сега веќе и дел од Германија.
„Неодамна, вели Нортон, повторно го погледнав овој филм и сфатив колку во него сме биле млади. И тоа е баш тој клучен аспект на нашите јунаци, кои се изгубени клинци што се обидуваат да бидат возрасни. Тоа се работи за кои луѓето се врзуваат, како што сите го сакавме ‘Breaking Bad’, бидејќи главниот лик беше добар човек кој правеше лоши работи“.
Нортон има завршено историја на уметност и работел во Јапонија во фирмата на дедо му, која градела станови за бездомници насекаде низ светот. Кога не работи во Холивуд, има едно чудо ангажмани на илјада други полиња на уметноста, па дури и пошироко. Во последните две години гради голем театар во Њујорк, пишува сценарија за минисериите на ХБО, тој е голем борец за заштитата на околината и претседател на бројни непрофитни хуманитарни организации. Упорно го отфрла ѕвездениот статус и тврди дека до крајот на животот ќе се вози со подземна железница.
Понта Лопуд со поддршка на индустриската платформа на Сараевскиот филмски фестивал „Синелинк“ нуди голем број предавања и мастеркласи под менторство на филмските професионалци кои со своето уметничко делување ја обележиле светската кинематографија. Меѓу нив, покрај Едвард Нортон, годинава како што рековме беше и еден од најголемите режисери на денешнината, Рубен Естлунд. Тука беше и истакнатата директорка на фотографија, Урсула Понтикос, потоа агентот за таленти, Брајан Свардстром, продуцентот, инаку оскаровец за „Земја на номадите“, Питер Спеарс, наградуваниот мексикански режисер и сценарист, Мишел Франко, финскиот режисер Јухо Куосманен, чиј наградуван филм „Најсреќниот ден во животот на Оли Маки“ публиката можеше да го види.
Рубен Естлунд, човекот кој навистина направи ремек-дела, е неверојатен во своите изјави. Тој зборуваше дека се надева да ги поттикне учесниците на мастеркласите да се отворат и да бидат транспарентни. „По гледањето на филмовите во друштво, ги коментираме со другите, што нè тера да размислуваме, да ја процесираме содржината која сме ја виделе на екранот, а токму тоа е она што кинематографијата ја прави посебна. Мислам дека тоа е важно бидејќи таквиот вид на интеракција го обликува начинот на кој го доживуваме светот околу себе и на кој ја обработуваме содржината во споредба со тоа кога осамени седиме пред екранот“. А мора да признаете дека тоа е навистина извонредна забелешка за некој кој има ѕвезден статус, или можеби и го има токму поради тоа…
Оваа година специјални гости беа оние што како и предавачите се враќаат на Понта Лопуд по втор или трет пат, меѓу кои: Павел Павликовски, Филип Бобер, Огњен Главониќ, Лили Хорват, Нина Келгрен. А од филмовите можеа да се видат „Турист“ и „Триаголник на тагата“ на Естлунд, како и „По Луција“ на Мишел Франко.
Директорот на Сараевскиот филмски фестивал, Јован Марјановиќ, ги најави новите годишни награди за регионалните филмови[/caption]И, на крајот, на Понта Лопуд претставниците на Сараевскиот филмски фестивал го најавија воспоставувањето на годишните награди за регионални филмови. Имено, по годишните награди за ТВ серии воспоставени пред три години, Сараевскиот фестивал воведува и годишни награди за регионалните филмови кои ќе се бираат по ист принцип, односно гласачкото тело составено од 450 филмски и тв професионалци ќе работи на номинациите и добитниците на награди. Доделувањето на првите награди ќе се одржи во зимскиот амбиент на олимписките планини околу Сараево, поточно на Јахорина во јануари 2024 година.
Што се однесува до Понта Лопуд фестивалот, кој годинава се одржа трет пат, важно е дека е поддржан на ниво на партнерство од сите земји од регионот, односно од нивните филмски фондови, и тоа од Хрватска, Србија, Црна Гора, Македонија, Сараево и од Словенечкиот филмски центар.