Експедиција во Перу откри 27 нови видови организми

0
26

Според податоците на американската Национална океанска и атмосферска администрација (NOAA), дури 95% од океаните и 65% од копнените површини сè уште се тајна за човештвото. Иако науката е присутна со милениуми, допрва ја допираме површината во откривањето на живите суштества кои ја населуваат нашата богата сина планета.

Научниците проценуваат дека околу девет милиони видови се кријат во океанските длабочини, густите шуми и изолираните предели. Дали станува збор за микроскопски организми со неверојатни способности за преживување, бизарни риби што светат во мрак или сосема нови суштества со својства што ги поместуваат границите на науката?

Овие неистражени светови можат да содржат одговори на некои од најголемите прашања на човештвото – од развој на нови лекови до разбирање како да ја заштитиме нашата планета.

Токму со ова се занимаваа научниците предводени од непрофитната организација Conservation International, кои за време на исцрпувачка експедиција во 2022 година, идентификуваа 27 нови видови во перуанскиот регион Алто Мајо. Летната експедиција, која траеше повеќе од еден месец, откри четири нови цицачи, осум риби, три водоземци и десет пеперутки. Две години подоцна, истражувачите ги обединија сознанијата во извештај од 474 страници.

Необични откритија од Алто Мајо

Меѓу најспектакуларните откритија е редок водоземец-глушец со испреплетени нозе, жаба со тесни усти и невообичаена риба со груткаста глава, чија функција сè уште претставува мистерија за научниците.

Водоземецот-глушец припаѓа на една од најретките групи полуводни глодари на планетата. Овие таинствени животни досега биле забележани само неколку пати, а нивното откривање во шумите на Алто Мајо претставува вистински подвиг. За жал, нивното специфично мочуришно живеалиште е веќе критично загрозено поради ширењето на земјоделството, што би можело да го стави овој вид на листата на загрозени животни.

Загрозени и ендемски видови

Од вкупно 2.046 регистрирани видови, експедицијата идентификува 49 загрозени видови кои се наоѓаат на листата на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN). Некои од нив, како перуанскиот жолтоопашест волнест мајмун, се критично загрозени и живеат исклучиво во овој регион.

Истражувачите открија и пет видови мали, нелетечки цицачи, кои се ендемски за Алто Мајо. Меѓу нив се Рутерова торбарска ласица, златен полски глушец и перуански качувачки глушец. Дополнително, пронајдена е и непозната џуџеста верверица, која би можела да припаѓа на сосема нов род по завршувањето на таксономската анализа.

Поентата на откритието

Овие откритија не се само потсетник за фасцинантното богатство на животот што нè опкружува, туку и сериозно предупредување за последиците од нашиот однос кон природата. Секој нов вид што ќе го откриеме осветлува дел од светот што дотогаш ни бил скриен, но истовремено поставува прашање: Колку драгоцени животи исчезнуваат пред воопшто да ги откриеме?

Загадувањето на животната средина, неконтролираното уништување на шумите и климатските промени ги загрозуваат екосистемите ширум планетата, доведувајќи многу видови на работ на опстанок.

Откритијата од Алто Мајо нè потсетуваат дека, покрај заштитата на веќе познатите видови, мораме да размислуваме и за оние што допрва треба да ги откриеме – непознатите чувари на рамнотежата на нашата планета. За да ги зачуваме, потребно е да вложиме поголеми напори во борбата против загадувањето, одржливото управување со ресурсите и заштитата на природните живеалишта.

Подготви: Н.Доковска