понеделник, декември 23, 2024
домаКУЛТУРАТеатар и ФилмЕмотивна  премиера на „Рацин“ најави Народниот театар „Ј.Х.Џинот“ на „Охридско лето“

Емотивна  премиера на „Рацин“ најави Народниот театар „Ј.Х.Џинот“ на „Охридско лето“

Што претставува Рацин за нас денес ќе се обиде да загатне истоимената премиера на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ за публиката на „Охридско лето“, преку емотивна рефлексија на ликот и делото на Коста Солев Рацин.

Вечерашната изведба на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21 часот, е во режија на Дејан Пројковски, драматургија на Сашо Димовски,  сценографијата е дело на Валентин Светозарев, а костимографијата на Раде Василев и Елена Вангеловска.  Улогите ги толкуваат Васил Зафирчев, Исидор Јованоски, Кети Борисовска, Весна Димитровска-Бобевски, Јордан Витанов, Слободанка Чичевска, Талија Настова, Благојчо Стојанов, Славица Манаскова, Орхидеја Дукова, Кристина Зафирова, Илин Јовановски, Леонида Гулевска, Тодор Стојковски, Бранко Михајлоски, Илина Чонкова. Музичката подлога е дело на Сашко Костов.

Како што беше посочено на денешната прес-конференција, претставата „Рацин“ ги бара рефлексиите на Рацин во нас, се обидува да направи една синергија на ликот и делото на Рацин преведено на современ јазик.

– Многу се радуваме што создавајќи го тој современ јазик во една театарска лабоараторија успеавме да ја пронајдеме неговата емоција што сите длабоко во нас ја носиме, бидејќи Рацин е веќе дел од нашата митологија, тој е дел од ДНК-та на секој од нас. Многу се радувам што претставата за Рацин ја создадовме во Велес, мислам дека тоа е вистинското место каде се уште улиците ги паметат неговите чекори, неговите воздишки по Раца.Тоа е градот каде просто беше логично да се случи „Рацин“, и еден процес кој едноставно ни ја враќа вербата и љубовта во оваа наша професија – рече режисерот Дејан Пројковски.

Драматургот на претставата, Сашо Димоски, директор на Велешкиот театар, најавувајќи ја денешната премиера го оцени како исклучително возбудлив обидот да се сврти ракавицата, да се сврти неговиот збор , стих и општо историско познато значење и преку театарските изразни средства да се фрли нова светлина врз она што е повеќе или помалку познато за него.

– Драматургијата за претставата е кроена според  прозата и поезијата на Рацин од една страна, и според метатекстуалните записи што постојат во самиот опус на Рацин. За мене најголемиот предизвик беше да се транспонира поезијата во драма, бидејќи поетскиот дискурс сам по себе  подразбира нешто сосема друго, тој не е наменет за сценска изведба… Истиот да се претвори во жива реплика, во говорна реч беше најголемиот предизвик… Ние не можеме да зборуваме за ништо од развојот на нашата современост ако го прескокнеме Рацин – рече Димоски, ветувајќи дека публиката ќе види свежо, несекојдневно и ново доживување на Рацин не само како уметнички туку и човечки идентитет, воедно откривајќи и некои факти за поетот кои историјата ги занемарила.

Костимите во претставата како што беше посочено од Раде Василев и Елена Вангеловска, се канвас на поезијата на Рацин. Музиката пак, дело на велешанецот Сашко Костов, е колаж од емоции, но се занимава и со нашата генетика, и фолклорот во една испрекршена форма, како што посочи музичарот, чии нумери ќе имаат и вокална придружба од Орхидеја Дукова.

Актерот Васил Зафирчев од своја страна посочи дека е среќен што се реализирала оваа долгогодишна идеја бидејќи Рацин не само што е најзначајните симболи преку кој многу други луѓе се идентификуваат со градот Велес, туку и духовна перјаница и една од највисоките национални вредности што ги има овој народ и држава.

-Од друга страна  Рацин има и неверојатно универзална вредност оттаму што преку неговата социјална и љубовна поезија тој допира до многу нации, до многу народи насекаде во светот бидејќи третира универзални теми актуелни до ден денеска. Она што ние во овој проект се обидовме е да направиме своеврсна демитологизација на Рацин, бидејќи неговиот лик е обвиткан со многу мистерии, со многу неразјаснети аспекти, од неговиот личен живот, неговото творештво, начинот на кој неговиот збор добива некаков јавен пласман. Се обидовме да го третираме Рацин како човек од крв и месо кој има своја земја, затоа што многу од случките врзани за животот и делото на Рацин, повеќето од нив производ на неговиот еродитен карактер, на неговата судбина, на луѓето и времето во кое живее – рече тој.

Како што додаде Зафирчев, претставата дава многу јасна слика и за Рацин, но и за времето во кое живее, кога луѓето лесно преминуваат од една на друга страна, како од сојузници, симпатизери поддржувачи стануваат негови непријатели.

-За жал како и многу нации кои се формилале низ многу драматични времиња и ние имаме дел од таа крвава историја…Секогаш нашата нација ќе се прашува кои се мотивите зад тој трагичен настан – посочи Јордан Витанов, во контекст на улогата на оној кој го истрелал смртниот куршум кон Рацин.

Исидор Јованоски кој го игра Рацин во претставата, говорејќи за процесот на подготовки посочи дека ова е прв пат да работи толку богат, но болен лик…За него ова е голем подвиг кој ќе прерасне во уште поголем, претстава која ќе се игра долго време и со нетрпение го чека моментот на контакт со публиката, за да го „искаже“ целиот наплив од емоции кој го собрал. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ