среда, октомври 23, 2024
домаЕпидемијата во Бразил стана глобална закана

Епидемијата во Бразил стана глобална закана

Брзото ширење на инфекцијата во Бразил стана глобална закана, бидејќи постои ризик од нови и поубиствени варијанти на корона вирусот, предупреди еден од главните научници во оваа јужноамериканска земја, ден по најголемиот број смртни случаи на дневно ниво од почеток на пандемијата.

Зборувајќи за „Гардијан“, водечкиот бразилски научник задолжен за следење на кризата во короната, Мигел Николелис, ја повика меѓународната заедница да побара објаснување од бразилската влада за неуспехот да ја води борбата против епидемијата во која починаа повеќе од една четвртина милиони Бразилци, што изнасува околу 10 отсто од вкупниот број починати во светот во текот на пандемијата.

– Светот мора гласно да зборува за ризикот што Бразил го претставува во борбата против пандемијата на глобално ниво. Која е целта на искоренување на пандемијата во Европа и САД, доколку Бразил продолжи да биде плодна почва за овој вирус, предупреди Николис. Според него, проблемот не е само во тоа што Бразил – чиј екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро често ги попречува напорите за борба против инфекцијата што тој ја нарекува „мал грип“ – е „најлошата земја во светот во смисла на управување со пандемија“.

– Проблемот е во тоа што, ако дозволите вирусот да се размножува со брзината што се случува тука, ќе ја отворите вратата за појава на нови мутации и соеви што може да бидат уште поубиствени, нагласи Николелис.

Веќе е заклучено дека една особено загрижувачка варијанта, наречена П1, потекнува од Манаус, град кој претрпе сериозна криза на здравствениот систем во јануари поради нагло зголемување на бројот на заразени лица. Шест случаи на оваа варијанта се откриени во Велика Британија.

– Бразил стана лабораторија на отворено што одговара за размножување на вирусот и негова мутација. И со тоа целиот свет е во опасност, тоа е глобален проблем, вели Николелис.

Алармот се вклучи кога Бразил влезе во најсмртоносното поглавје во својата едногодишна ковид криза, бидејќи болниците во земјата или веќе колабираа или се пред колапс, а просечниот број на смртни случаи руши нови рекорди на неделно ниво – оваа недела е забележан пораст од 16 проценти во однос на минатата.

Најголем број на смртни случаи, со 1.726 смртни случаи, се забележани на дневна основа овој вторник.

Според „Americas Quarterly“, најголемиот дел од вината за ваквото кошмарно сценарио е кај Болсонаро и неговиот најблизок круг советници.

Наместо засилување на мерките за спречување на ширењето на инфекцијата, тие постојано ја минимизираа заканата од пандемијата, ги игнорираа советите на здравствените експерти и ги поттикнаа теориите на заговор. Само во последните две недели, Болсонаро јавно предупреди на „опасните несакани ефекти“ од носењето маски, ги критикуваше гувернерите и градоначалниците кои сакаа да воведат нови ограничувачки мерки за борба против брзото зголемување на неодамнешните инфекции и продолжи да ги фали лековите чијашто ефикасност не е докажана.

Згора на тоа, тој претходно оваа недела рече: „Јас не сум направил ниту една грешка од март минатата година“.

Николелис тврди дека тоа што Болсонаро не работел на зауздување на епидемијата, ниту започнал соодветна кампања за вакцинација, придонел за создавање на „домашна трагедија“ од која оваа најнаселена јужноамериканска земја најверојатно нема да може да излезе до крајот на 2022 година.

– Ние веќе го надминавме прагот на 250.000 мртви, и моите очекувања се дека, ако не се стори ништо, ќе изгубиме 500.000 луѓе овде во Бразил до март следната година. Тоа е застрашувачко и трагично предвидување, но во моментот е совршено можно, изјави тој за Гардијан. – Ако светот беше зачуден од она што се случи во Бергамо во Италија минатата година и во Манаус пред неколку недели, ќе биде уште пошокиран од она што ќе се случи во остатокот од Бразил, бидејќи ништо не е преземено, вели Николис.

Само 3,8 проценти се вакцинирани

Од почетокот на пандемијата, регистрирани се скоро 260.000 смртни случаи и над 10,7 милиони случаи на инфекција во земјата. Капацитетите на одделенијата за интензивна нега беа скоро исполнети во 19 од 26 бразилски земји, а само 3,8 проценти од населението е вакцинирано.

Болсонаро е светски проблем

Николелис повика на формирање на специјална ковид комисија што може да функционира во вакуум кој Болсонаро не го покрива со своите овластувања и побара итно воведување на заклучување на национално ниво во траење од 21 ден. Но, малку е веројатно дека тоа ќе се случи со оглед на спротивставувањето на Болсонаро. Николелис вели дека кризата во Бразил прерасна од домашен во меѓународен ризик и тврди дека Болсонаро – кој редовно го саботира социјалното дистанцирање, промовира неовластени лекови како што е хидроксихлорокин и го омаловажува носењето маски – стана „глобален непријател број еден“ кога се работи за пандемии. „Политиките што тој одбива да ги спроведе во пракса, сега ја загрозуваат борбата против пандемијата на целата планета“, заклучи тој. А.Н.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ