Се зголемуваат шансите за ерупција на вулкан на Исланд, а поради тоа веќе е евакуирано населението во блискиот град Гриндавик, јавува Би-Би-Си. Исланд прогласи вонредна состојба по серијата земјотреси, а властите наредија илјадници луѓе кои живеат во близина на вулканот да се евакуираат како мерка на претпазливост.
Метеоролошката служба на Исланд (MSI) соопшти дека постои значителен ризик од ерупција, а можноста вулканот на полуостровот Рејкјанес да стане активен е дополнително зголемена од неделата наутро. Ерупцијата може да започне во секое време во наредните денови, додава MSI.
Тор Тордасон, професор по вулканологија на Универзитетот во Исланд, вели дека реката од магма долга 15 километри која тече под земја е сè уште активна.
„Затоа, за жал, зборуваме за неизбежна ерупција. Најверојатно, текот на ерупцијата ќе биде во границите на градот Гринадвик“, изјави Тордасон за Би-Би-Си.
Илјадници земјотреси се регистрирани околу вулканот Фаградалсфјал во последните недели. Повеќето од нив се на исландскиот полуостров Рејкјанес, каде што вулканите мирувале 800 години, до ерупцијата во 2021 година. Метеоролошката служба, исто така, во саботата објави дека тунелот низ кој тече магма или црвено-жешка, стопен камен на потегот од североисток преку Гриндавик и околу 10 километри понатаму во внатрешноста, е регистриран на длабочина од помалку од 800 метри.