Валентина Ѓоргиевска Парго, акредитиран новинар на Евровизија 2021
Годинешната македонска евровизиска делегација вчера замина за Ротердам, Холандија, а веќе денес, 8 мај, претставникот Васил Гарванлиев ја имаше првата техничка проба, од 14.20 до 14.50 часот. Денес беше прв ден за одржување на технички проби на преставниците на земјите. Тој одушеви со интерпретацијата.
Песната која ја пее Васил Гарванлиев е “Here I stand” е негово дело, а во аранжирањето и оркестрацијата му помогнаа Борче Кузмановски и Давор Јордановски.
Костимот за препознатливиот евровизиски црвен тепих на кој Васил зќе зачекори во ѕвезден стил е креација на Раде Василев и Tип Топ, додека пак костимот за на сцена го креира во соработка со “Сињори”.
Годинава, поради помалиот буџет и условите коишто ги наметна пандемијата, екипата од МРТ која отпатува во Ротердам е мала, и составена покрај Васил од новинарката Александра Јовановска, која одлично ги познава евровизиските протоколи и режисерката Тине Матулеси, која го осмисли досега најуспешниот македонски евровизиски настап во 2019 година, на Тамара.
Како поддршка со свои ресусри кон тимот се придружија и ПР-от на Васил, Јелмаз Дервиши, и Расел Дејвис од Британија, долгогодишен волонтерски соработник на македонската делегација. Џозефин Ли и Брајан Фарина во Ротердам ќе долетаат дури од Чикаго, кои како менаџерско-продуцентски тим се долгогодишни соработници на Гарванлиев.
Полуфиналните вечери ќе се случат на 18. и 20. мај, додека Големото финале е закажано на 22. мај. Васил настапува во првото полуфинале, шести по ред.
Да потсетиме, прва асоцијација за овој уметник е големиот детски хит од деведесеттите “Марионка”, а неговата музичка карта е исклучително богата и широка, вклучувајќи престижни музички центри низ светот до чија програма стигнуваат само најдобрите во фелата како на пример Карнеги хол во Њујорк, Кралскиот музички конзерваториум во Торонто, а на кратко и во Ла Скала во Милано.
Листата на соработки со светски музички имиња е навистина импресивна и опфаќа врвни артисти од поп и класичната музика како Селин Дион, Џули Ендрус, Нели Фуртадо, Енрике Иглесиас, светски познатиот челист Јо-Јо Ма и многу други.
Особено значаен е фактот што Васил Гарванлиев деновиве доби поддршка од Мицуко Ушида, пијанистка и диригентка од светски ранг, во светот на класичната музика опишувана токму како еден од најзначајните музичари на денешницата. Позната по нејзината интерпретација на дела од Моцарт, Шуберт, Шуман и Бетовен, таа има настапувано со Берлинската и Лондонската филхармонија, а меѓу другото е и добитник на Греми.
Васил настапува на 18 мај, како шести. Директните преноси од сите три евровизиски вечери ќе можете да се проследат на Првиот и Вториот канал на Македонската телевизија, како и на Првата програма на Македонското радио, со почеток во 21 часот.