Фармацевтските производи ја загадуваат животната средина и претставуваат закана за глобалното здравје

0
43

Присуството на фармацевтски производи и лекови во реките ширум светот достигнува потенцијално токсични нивоа, загрозувајќи ја животната средина и глобалното здравје, покажуваат истреажувањата направени на оваа тема. Меѓу најзагадените реки се оние во Пакистан, Боливија и Етиопија, додека најмалку загадени се реките на Исланд, во Норвешка и во Амазонската прашума.

Последната студија спроведена од Универзитетот Јорк од Торонто, е најсеопфатната истражувачка иницијатива од ваков вид, која опфаќа повеќе од 1000 локации во 258 реки во 100 земји. Научниците пронајдоа 61 различен лек во водите, вклучувајќи и соединенија поврзани со модерниот начин на живот, како што се кофеинот и никотинот. Меѓу пронајдените супстанции се парацетамол, никотин, кофеин, лекови за епилепсија, дијабетес, бета-блокатори, антибиотици, антидепресиви, лекови за спиење и антихистаминици.

Резултатите од студијата покажуваат дека загадувањето на реките со медицински хемикалии е глобален проблем. Најзагадени се реките во земјите со ниски до средни приходи и во областите каде управувањето со отпадните води е слабо организирано. Ова загадување претставува ризик за слатководните екосистеми и дивите животни, како и потенцијална опасност за глобалните цели за квалитет на водата и намалување на загадувањето.

Експертите предупредуваат дека константното присуство на антибиотици во реките може да доведе до развој на бактерии отпорни на овие лекови, што би ја намалило нивната ефикасност и би претставувало „глобална закана за животната средина и здравјето“. Доктор Џон Вилкинсон од Универзитетот Јорк истакнува дека веќе повеќе од дваесет години е познато дека фармацевтските производи навлегуваат во водените екосистеми и влијаат на биологијата на живите организми.

Тој додава дека е неопходно да се вложат глобални, инклузивни и координирани напори за собирање на податоците потребни за донесување на ефективни одлуки за намалување на влијанието на хемикалиите врз животната средина.

Н.Д.