среда, декември 4, 2024
домаКолумниФеноменот на „Медена земја“

Феноменот на „Медена земја“

Сунчица Уневска

„Медена земја“ се претвори во вистински феномен. Се разбира, позитивен, бидејќи донесе таква приказна која едноставно ги одушеви сите, донесе таков јазик што го препознаа луѓето на сите краеви од светот, донесе такво значење, таква животност, таква убавина, која нè враќа на вистинските вредности. Но, и нè соочува на најдобар можен начин со времето во кое живееме. Без да критикува, без да обвинува, без да го дели светот или луѓето односно нивното однесување, на вакво или онакво. Не, напротив, преку една неверојатна приказна ја покажа целата сила на вистиноста, на суштественоста, на сето она што го прави животот и на сето она што во ова денешно време на напредок и развој сме го запоставиле, заборавајќи ги основните и многу важни принципи на живеењето, кои единствено и можат да го обезбедат сопствениот континуитет.

Не случајно овој филм беше така и препознаен. Не случајно овој филм го постигна тој успех што го постигна, не случајно се најде на исто ниво со филмовите на големите мајстори на филмот. Затоа што Тамара Котевска и Љубо Стефанов покажаа дека имаат чувство, имаат умешност, имаат знаење и квалитети, не само да направат филм, туку во него на таков начин да го доловат животот и да не паднат во искушение да го менуваат. Тие, како и нивната хероина Атиџе, покажаа голема мудрост, голема зрелост за една ваква тема, која на толку добар начин ја реализираа. Заедно со продуцентот и монтажер Атанас Георгиев и со виртуозите зад камерата, Самир Љума и Фејми Даут.

Успесите што ги донесоа за себе и за својата земја се неверојатни. Наградите, признанијата, одушевеноста од сето она што овој филм успеа да го разбуди кај луѓето, беа еден многу природен и разбирлив одѕив на тоа што тие низ своите слики, тишина, визуелност и таков „соголен“ приод, го испорачаа. А уште повеќе и уште позначајно беше што постигнаа луѓето да ја променат својата свест кон нештата. Публиката насекаде реагираше извонредно, потврдувајќи дека филмот ги направи оние влијанија за што некако пророчки и ја доби наградата на „Санденс“ (каде што тоа на фасцинантен начин беше препознаено).

Толку големо, толку значајно, толку вредно, со автори кои овој успех не ги измени, тие и понатаму се едноставни, достапни, мудри во своето прифаќање и реагирање на сè она што се случи и што се случува. А што навистина се случи? Се случи испит за нас, Македонците, кои се најдовме пред толку голем успех, пред такво искушение и предизвик, а покажавме што? Дека за тоа не сме подготени. Едноставно, паднавме на испитот. Не затоа што не нѝ беше значајно или не го разбиравме, туку затоа што, сепак, не сме подготвени за тоа. За такво признание потребно е да верувате во својот производ, да верувате во приказната која го восхити светот, да верувате дека ние сме дел од неа. Да верувате дека таа нè претставува нас, исто како сите други, но и ние ја претставуваме неа. А што направивме ние?

Веднаш се посомневавме дека е можно со такво нешто да се носиме, дека на такво нешто можеме да одговориме без задни намери, без предрасуди, без калкулирање, без поделби. Сите поверуваа во нашата приказна освен ние. Но, затоа повторно сме махери, откако наградите не ги добивме да имаме бројни коментари дека некој е против нас. Не, никој не е против нас, никој освен нас. „Медена земја“ беше можеби најдобриот испит токму за нас, бидејќи светот немаше проблем со овој неверојатен предизвик, проблем имавме ние. Зошто? Се чини, никако да сфатиме и да прифатиме дека времето минува и дека младите можат и поинаку, можат да бидат на исто рамниште со најголемите, можат да бидат на врвот, а во тоа да нема ништо негативно. Напротив. Светот е отворен за умешноста, зрелоста, квалитетот, светот е отворен за оние кои сакаат да бидат дел од него, па ако не можеме самите, тогаш редно е тоа да не им го попречуваме на другите. Иако се наши, а уште повеќе заради тоа.

„Медена земја“ се претвори во феномен и дома, феномен кој нѝ покажа каде сме и колку сме и нè натера да се прашаме, до кога? Редно е да тргнеме или барем да го следиме поинаквото. Бидејќи, скалилата на кои ќе се искачиме и како ќе се искачиме, зависат само од нас.

„Медена земја“ е нашиот најголем успех досега, не само фактички, туку на секаков можен начин. Обединувајќи и разделувајќи нè само онака како што ние знаеме и умееме, тогаш кога ќе се најдеме очи в очи со успехот и очигледно, со стравот од него. „Медена земја“ и Атиџе ја донесоа онаа едноставност, онаа суштественост и умешност, кои сме ги заборавиле и ние и светот, и како што ги пригрна светот, тоа конечно треба да го направиме и ние.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ