четврток, декември 26, 2024
домаКујнаФестивалот „Браќа Манаки“ завршува вечерва со свечено доделување на наградите, претставени филмовите...

Фестивалот „Браќа Манаки“ завршува вечерва со свечено доделување на наградите, претставени филмовите „Девојка“ и „Скаут“ на Алекс Цветков

На последната прес конференција на годинашново издание на „Браќа Манаки“, селекторот на главната програма во компетиција за „Златна камера 300“, Благоја Куновски-Доре го претстави филмот „Девојка“, белгиско-холандска копродукција. Гостин на фестивалот е кинематограферот од Холандија, Франк Ван Ден Иден.

-Со големо задоволство го селектирав овој филм. Како критичари, секогаш е наша должност да се осврнеме на главната компетиција на Берлин, Кан и мора да се биде внимателен при изборот. Меѓу критичарите режисерот важи за нов талент, но и кинематограферот придонесува за вниманието што го бележи овој филм, рече Куновски.

За присутните беше интересно што станува збор за билингвален филм. Главниот лик, Лара зборува француски со татко си, а во болницата зборува холандски.

-Мислам дека јазикот може да биде ново и збунувачко за публиката, но според мене тоа е типично белгиски поради двете различни јазични области во Белгија. Нема некоја посебна причина за билингвалност во филмот, туку сакавме да прикажеме нешто што е дел од животот во Белгија. Тие доаѓаат од Брисел каде зборуваат француски, но потоа се преселуваат во Антверп и таму зборуваат холандски. Инаку, ова е вистинска приказна, Лора навистина постои, се запознав со девојката додека снимавме, но таа не сакаше да се експонира и не се мешаше во сценариото. Кога филмот се прикажа, таа се претстави на белгиските медиуми, беше многу храбра и сакаше да ја поддржи идејата за дискусија за трансродовите лица, раскажа Ван Ден Иден.

Виктор Полстер ја толкува улогата на Лара и општа е оценката дека тој е многу добар избор на режисерот за оваа улога.

-Повеќе беше среќен избор, бидејќи тој никогаш не бил порано пред камера. По професија е танчер, беше искусен со работа пред публика, но немал никакво искуство пред камера. Не знаевме како ќе реагира на снимањето, но тој беше во секој кадар, секој ден и беше среќен со изборорт, објасни Ван Ден Иден.

Со Лукас Донт, режисерот на филмот  воопшто не се познавале.

-Го запознав кога ми го даде сценариото и ми рече дека сака некој кој е поискусен во екипата за полесно да ги надминуваат проблемите. Ми се допдна начинот на кој го направил сценариотот. Се беше многу фокусирано и по 10 страници знаев дека беше добро напишано сценарио, истакна Ван Ден Иден.

Вечерва на затварањето на ИФФК „Браќа Манаки“, ќе биде прикажан краткометражниот игран филм „Скаут“ на режисерот Алек Цветков, кој е син на Рок Цветков познатиот каскадер со македонско потекло.  Екипата на филмот беше денеска претставена на средба со новинарите.

-Многу сум среќна што на затворањето на Фестивалот ќе биде прикажан филмот на младиот македонски талентиран и креативен режисер Алек Цветков. Дел од тимот се: Рок Цветков, актер и каскадер кој бил вклучен во многу филмови во Европа и во Холивуд, Вања Сремац од Хрватскиот аудио-визуелен центар, Тјаша Цветков, која е дел од екипата и Дејан Димески, кинематографер, добитник на Бронзена камера 300 минатата година, рече Гена Теодосиевска, директор на фестивалот „Браќа Манаки“.

Алек Цветков се осврна на атмосферата да се расте во семејство поврзано со филмската уметност.

-Навистина е посебно чувство. Кога бев помал постојано бев на снимање со татко ми. Со моето запишување на режија мислам дека го остварив сонот на татко ми кој поради тоа што многу работеше немаше време да се образува. А за мене е особено важно што токму со него го правев првиот филм. Имав трема, бев исплашен бидејќи имав многу искусен тим и мислев дека нема да ги исполнам нивинте очекувања, но тие навистина ми веруваа и ме поддржаа. Дејан Димески го запознав на снимањето, го внесе целото искуство и одлично го сработивме филмот, рече Алекс Цветков.

-Соработката со Алекс беше прекрасно искуство. Тој отскокнува од сите почетници кои ги познавам, едноставно ништо не препушта на случајот, без подготовка. Ја прикажуваме борбата против современата технологија и како сите може да станеме робови на технологијата. Имаше моменти каде Рок со своето исксутво многу ни помогна, истакна Дејан Димески.

-Работам на филм од многу млад, сакав да бидам режисер, а немав можност за тоа, но мојата љубов ја пренесов на син ми. Ми беше чест што работев со него на првиот филм и што ми дозволи токму тие сцени со возење коли да ги направиме како што сакам јас, раскажа Рок Цветков, татко на режисерот Алекс.

Игор Нола и Вања Сремац се продуценти на филмот.

-Филмот е копродукција на Македонија, Хрватска и Словенија и ние практично живеевме таму додека го снимавме и продуциравме филмот. Беше навистина интересно да се слушне како Алекс гледа на светот. Тој е многу активен на социјалните мрежи. Главно снимавме во Словенија во Копар и во Трст во Италија, но постпродукцијата беше работена главно овде во Македонија. Визуелните ефекти се важен дел од филмот и ги изработи една анимациска куќа од Македонија, а не’ поддржа и Агенцијата за филм на Република Македонија која го препозна филмот и не поддржа, рече Вања Сремац.

Тјаша Цветков е дел од филмското семејство Цветков и дел од екипата на филмот „Скаут“.

-Ми беше задоволство да сум дел од овој тим. Секогаш е задоволство да се работи со моето семејство. И јас сум во душата филмаџија, но не од уметничката страна, туку од деловната страна на филмот. Кога имате многу уметници, мора да изградите индустрија, рече Тјаша.

Гостите на фестивалот, синоќа го посетија Охрид како репрезентативен пример на македонското културно и природно богатство, на некои не им беше прва посета, но сепак не ја пропуштија можноста повторно да уживаат во убавините на Охрид.

Последниот ден на годинашново издание на ИФФК “Браќа Манаки“ поминува во знакот на исчекувањето на имињата на добитниците на Златна, Сребрена и Бронзена камера 300,  која се доделува на најдобрите кинематографери од филмовите во главната програма Камера 300. Освен овие три главни награди ќе биде доделена и Мала камера 300 од конкуренцијата на краткометражни филмови.

Освен краткиот филм „Скаут“, кој се прикажува надвор од официјалната конкуренција, публиката во Центарот за култура во Битола, ќе го види и последниот филм од главната програма „Црниот Кју-Клукс- клановец“, во режија на Спајк Ли.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ