сабота, јули 27, 2024
домаЖивотФИЛИП ФИДАНОСКИ, Scientia истражувач: Мојата нова дестинација е Сиднеј (2)

ФИЛИП ФИДАНОСКИ, Scientia истражувач: Мојата нова дестинација е Сиднеј (2)

Филип Фиданоски е еден од најмладите интелектуалци, признати пошироко. Економист, поет, есеист, преведувач и сестран книжевник. Работи и твори надвор од Македонија. Дел од своето образование го има стекнато на неколку универзитети во БЕНЕЛУКС, вклучувајќи го и посебно издвојувајќи ги и програмерските курсеви кои ги посетувал на реномираниот Универзитет Тилбург во Холандија. Во текот на објавувањето на ова интервју, Филип ја доби најпрестижната награда Scientia на Универзитетот на Нов Јужен Велс, за неговиот истражувачки проект со Андреас Ортман и Глен Харисон насочен во домените на елицитирање на преференциите кон ризикот. Така што, своите истражувачки активности ги продолжува на еден од најдобрите десет универзитети во светот за областа на финансии, Универзитетот на Нов Јужен Велс во Сиднеј, што го прави најдобро позициониран македонски економист во странство. Валентина Ѓоргиевска Парго

Фиданоски доби понуди за продолжување на неговата работа од повеќе од 20 ценети универзитети. Неговите образовни активности на  Универзитетот во Луксембург завршија во октомври оваа година, а извесен период има изведувано активности и на Универзитетот во Антверпен. Дополнително, тој е Директор на Институтот за напредни финансиски истражувања, МЦИЗР, РУДН Универзитет и Харвард Универзитет, Москва. Во три продолженија ви го пренесуваме интервјуто со овој млад експерт, со кого разговараме опуштено, на „Ти“, а во свој филозофски и поетски, но и младешки стил, ни открива малку повеќе за себе, својата работа и своите видувања на некои нешта, како продолжување на првото интервју кое го водевме неодамна.

Како што може да се види, работите на повеќе фронтови. Но како би се опишале надвор од економската наука?

За жал, не можам да се замислам надвор од мојата работа во економската наука. Таа е мојот космос.  Тоа е Коперниковиот систем кој јас го познавам. На неа сум целосно посветен. Сепак, во слободното време, кое е се помало и помало, уживам во пишувањето поезија и есеи, како и преведувањето на моите омилени поетски дела. Јас сум само еден homo economicus на кој ништо човечко не му е непознато. Да го парафразирам Монтескје, случајно сум поет, но по сопствен избор сум економист.

Каква е поврзаноста на економијата и поезијата? Кои се Вашите омилени автори од книжевноста и економијата?

-Во една книга за економскиот раст, авторот наоѓа поврзаност и повлекува аналогија и помеѓу астрономијата и економијата. Но тоа не е мојата Птоломеева линија, што би рекол Станеску. Повторно ќе се послужам и парафразирам со една реченица, па ќе кажам дека економијата е уметност на можното, а поезијата уметност на неможното. Ми се чини на момент дека сите економски формули, изрази и законитости се поетски исказ. Некаков пишан гејзирски изблик на прекопување низ времето и низ невралгичните центри на егзистирање. Дисекција на слоевите, како што на тоа гледа Маркузе или археологија на иднината. „Помеѓу мојот показалец и палец лефтерно пенкало стои. Јас копам со него“. Сите мои знаења од книжевноста, филозофијата, историјата, правото, природните и техничките науки ја формираат целината и целовитоста на мојата научна активност.  И даваат облик. Тоа се мои молекуларни структури. Тие се синтетизирани во мојотfilip fidanoski супстрат и наратив. Мојот дискурс и призмата низ која ги опсервирам работите е препознатлива можеби најмногу поради литерарниот, синектички и уметнички стил на изразување, кој за жал е редок на денешнинава. Како на момент да сме подзаборавиле на Рејмонд Кено.  Последна книга која следи ваков „игоовски“ или „шекспиријански“ стил, мислам дека е книгата на Пикети, за која имам бројни стручни забелешки. Овој прекрасен стил е исто така карактеристика на пишувањето на еден наш брилијантен академик, Гоце Петрески. Во однос на моите преференции за книжевноста, се согласувам со Питер Брук кој вели дека постои уметност, реалност и Шекспир. Од економијата, веројатно најголема почит имам за делата на Милтон Фридман. Тоа е за мене човекот кој најтемелно и најдлабоко отиде во своите сфаќања и разбирања за економијата и општествениот развој во целина. Имам големи симпатии и за Хаек, корифејот на Австриската економска школа, но и за Неш, Смит, Мизес, Коуз, Лукас, Сарџент, Барнет, Зелтен… Како што Фуко велел дека живее во светот на Делез, така јас сметам дека денес го живееме светот на Фридман. Тоа што е Тарковски за филмот, тоа е за економијата Фридман.

 Кои беа Вашите мотиви за напуштање на Македонија?

-Уште во текот на моите студии имав одлична можност да следам некои предавања на странските универзитети. Но мојата крајна намера беше да останам да работам во Македонија. Целта ми беше стекнатите знаења да ги ставам во функција на науката на мојата земја. Да го исполнам долгот за кој пишува Мисирков. Затоа, слободно може да се наречам push-out мигрант. За мене, за жал, немаше повеќе место во мојата сакана Македонија, во која силата царува, а умот трупци турка. Мојот поранешен професор и ментор, Бобек Шуклев, во една прилика ми рече дека не можел поради мене да си ги нарушува односите со актуелниот декан (патем, интересно е да се дознае просечната оцена која ја имал истиот овој декан на своите студии, додипломски ем магистерски). Веројатно поради мојот нескротен, бунтовен и буен темперамент секогаш гласно да го соопштувам она што го мислам, наспроти византиските игри и кулоарските озборувања и трачеви на останатите. Никогаш не сум ја поднесувал миризбата од Авгиевите штали. Богами и Јудини целивања. Во тоа гнездо сигурно лежат можните објаснувања за отсуството на симпатии и разбирање за мојата работа и моите размисли. Јас никогаш не сум имал сервилен однос на полтрон, климоглавец, апологет, поданик и подлизурко кон никого во мојот живот. Тоа не е мое лично својство. Туѓо ми е. Никогаш не сум ги слушал ниту моите родители ниту наставниците и лажните авторитети, туку гласот на сопствените убедувања, водејќи се од Кантовите категорички императиви. Напротив, сум пркосел и противречел на си она за кое што сум бил длабоко и тврдо уверен дека е апсолутно или релативно погрешно. Против идолопоклонството и култот на личноста! Подбивно ме нарекуваа јакобинец. Но не дозволив да бидам бандера на која ќе уринираат, да се повикам на Малро. Оттука и диспутот со мене. Во моите мисли се чувствувам слободен, како што забележа Хегел. Затоа, наместо поддршка за мојата академска кариера, тие поддржаа кандидат кој не ги исполнуваше условите да стане доцент, за што јас поседувам материјални докази кои уште тогаш ги споделив со неколку членови на колективот пред одлучувачката седница. Противзаконски беше ангажирана како асистент и тоа по еден предмет каде своевремено имала оцена 6. Што би рекол професорот Ристески, смртен скок. Но и тие кои знаеја за ова, не собраа храброст да се спротивстават, со исклучок на двајца.. Ведната глава сабја не ја сече. Познато ми е дека и еден друг научник од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип реагираше за слична неправда на Правниот факултет во Скопје. Ова беше пример и неодамна, кога наместо кандидат кој имаше препораки од Лувен и Харвард, беше избрана кандидатка од која повеќе разбираат економија и оние кои поминуваат покрај универзитетот. И од неа и од нејзиниот ментор. Ме боли и повредува тоа што некои си го присвојуваат академскиот простор, го понесуваат ореолот на некојси хазјаин или атаман. Не треба академијата да ја сфаќаме како наша сопствена и лична латифундија, како таткова јабана. Таа им припаѓа и на другите. Во постоечката констелација и коњуктура, многумина во Македонија започнуваат дијалог со самите себеси, само за да го имаат последниот збор од двете страни.

Тоа ли ја засили Вашата одлука за заминување?

Сигурно. Во прилог на ваквото неакадемско однесување и интриги говори и тоа што еден од членовите на катедрата менаџмент во четири очи ме поттикнуваше јас да го потпишам приговорот против новоизбраната „доцентка“ и ме охрабруваше да ги убедувам другите, додека истовремено седеше на другата столица и го потпиша срамниот реферат со кој флагрантно беа прекршени неколку законски и подзаконски членови, па во недостиг на академски резултат беа прифатени pro futurо трудови. Дури и поените беа несоодветно собрани. Овој врвен оксиморон, дигна два прсти „За“, а само 2 минути пред тоа ми испрати СМС порака каде ме убедуваше да покренам иницијатива за рушење на неговиот потпис. Хипокризија! Чудни се тие раце две, би рекол на ова поетот Гане Тодоровски. Ташко Георгиевски, пак, уште пооригинално запишува, „потпиши дека си магаре кога не си“. Понатаму, постојано ? ја одложуваа одбраната на трудот на една моја пријателка, само поради тоа што негуваме другарски однос. Само поради тоа што сме пријатели, до скоро не ? дозволуваа да го одбрани својот труд, со мотивација дека јас сум го пишувал истиот. Ова се одвиваше во исто време кога ме молеа да им пишувам магистерски и докторски трудови на нивни блиски партнери. Quod licet Iovi, non licet bovi! Јас таквата трговија со индигнација ја одбив. filip fidanoski 2Само во два наврати имам прифатено темелно да помогнам со совети и сугестии, и тоа само поради тоа што мислев дека тој колега, кој денес предава таму, ми е пријател. Без никаков надомест. А тие си имаат развиено пазар од ова. Едноставно, трговија quid pro quo. Тоа е нивната механика, modus operandi, начин на живот. Главен двигател се ситните и приземни лични придобивки и користи, на штета на општите позитивни екстерналии. Затоа денес, како што кажав, таму работат голем број луѓе од кои и оние кои поминуваат покрај зградата знаат повеќе од нив за економијата. Конечно, еден од преведувачите на Сервантесовиот „Дон Кихот“ појаснува дека „во она време, постоеле во Шпанија мали универзитети кои за пари на секоја будала ? давале степен доктор на науки. Сигуенса била на глас дека дава докторство дури и на магарињата, доколку тие можеле да платат два дублони“. Таа сеопшта бедотија во однесувањето и неразумот е содржана и во фактот што своите т.н. научни трудови ги објавуваат во списанија од Беловата листа, каде може да биде објавен и цртеж на дете од прво одделение. Тоа го прават само за да го зголемат бројот на објавени трудови, а на сметка на вкупниот квалитет. Тука нема ниту трага од дијалектичките и логичките закони на исказот. Во политиката – познати економисти, во економијата – познати политичари. Состојби слични на какотопистичките описи и раскажувања во „Чевенгур“ на познатиот Андреј Платонов.

 Дали од оваа перспектива се гледате како некој кој настрадал?

-Напротив, јас од ова место сум им неизмерно и бескрајно благодарен што ми помогнаа да се отиснам и да не бидам дел од нивното задружно претпријатие (Животинска фарма) на безлични креатури и набедени интелектуалци од дилувиумот. Карикатурални ликови на кои нити Фејдо ниту Дизни не би имале многу да работат. Кога тогаш ги поднесував апликациите до странските универзитети, повеќе високообразовни институции од Белгија, Германија, Холандија, Шведска и Данска беа заинтересирани за мене. Поминав низ нивниот строг филтер. Мојот избор беше Големото Војводство Луксембург. Само да напоменам дека јас не сум единствениот кој „настрадал“ од јатаганот на нашите болшевички полуинтелектуалци, како што ги дефинира академик Слободан Јовановиќ. Огромна е колекцијата на „исушени козаци“. Уште пред мене, тие го отстранија еден колега кој сега предава на респектабилен универзитет во САД, една моја брилијантна пријателка која е денес професорка на Универзитетот во Амстердам, но и голем број други економисти кои работат во меѓународни организации. Реков дека е болшевичко, бидејќи законите ги сфаќаат како инструмент во нивни раце, онака како што Сталин го дефинира тоа во Краткиот курс на СКП(б), што покажа и полициската акција „Еразмус“, каде под сомнение за сторен низ од сериозни кривични дела се наоѓаат и дел од актерите во приказнава. За нив, дел од студентите велат дека би украле и дете од мајка. Но јас очигледно бев предолго слеп и премногу наивен кога верував во нивното слаткоречиво и креативно интерпретирање на вистината, за што ја поднесов својата цена. Како басмата на Шукаре. Тие ги сакаат црните врани, а се штитат помеѓу себе како свети крави. Исти светогледи. Од ист шешир, гнездо и шинел се излезени. Сериско производство на немислечки без’рбетници. Како оние куклички под вуду-магија. Еден афирмиран научник од странство вели дека од ут тешко се раѓа сокол, во академска смисла. Покрај си, зачуван е настанот каде јас во една прилика, испровоциран од несоодветен однос, упаднав дрско во една канцеларија и на еден му реков: имам две новости, Тито е мртов, а Берлинскиот ѕид е срушен. Мислеа дека сум полудел, но имаше корен тој и таков мој гест. Можеби може да се повлечат парарели со однесувањето на Томас Ман кон слични ликови. Секој си го бира својот пат. Подоцна тоа го спознав кај егзистенцијалистите и текстовите на Ками и Сартр. На крајот на денот, секој ја понесува цената за своето академско и неакадемско однесување. Ние економистите тоа најдобро го знаеме. Едните ги носат на раце и штит и им скандираат, а другите се кријат во глувчешки дупки. Сончевата светлина ги убива инсектите! Денес во дупка се кријат оние со несебична љубов кон туѓи пари, кои зборот вистина го користеа како дневна лага. Инконтинентни кон пари и лаги. Златното теле е нивен број. Лагата трча побрзо од секоја исправка – нивна равенка. Јехуда Амихај има една песна во која запишува, „пред да почнам да зборувам лаги, пелтечев“.

 Дали не мислите дека сте премногу остар во оцените на моменти?

-Се надевам не. Ова е благо кашлање наспроти малигните заболувања на организмот од другата страна. Користам најблаги и внимателно избрани зборови во опишувањето на салиеровската завист која ја имаа кон мене, а и кон други, бројни ефемерни и опскурни здруженотрудолози кои не можат да ги разберат, а уште помалку да фатат чекор со тековите на светската научна мисла. А уште од христијанството се знае дека зависта е змија. Верувам дека Аристофан, Молиер, Гогољ, Фејдо, Брехт, Јонеско, Жари, Кафка, Нушиќ и Домановиќ би биле попрецизни и полуцидни во описот од мене. Вајлд сигурно би бил и поциничен. Само би додал дека во светот на искривени и испервертирани вредности, свет на амбивалентност, кривата кула во Пиза е веројатно најисправениот предмет. Денес сум толку обземен со моите креативни импулси и работи, што немам време за некој поопсежен опис на деструкцијата со која сме соочени, но и за Лилипутанците (Нашите Талибанци) кои за жал сакаат цели генерации на млади луѓе да ги остават слепи при очи. А според Евангелието на Матеј, кога слеп води на слеп, обично обајцата завршуваат во некоја јама. Фламанскиот безвременски уметник Питер Бројгел Постариот има насликано епохално дело на оваа тема. Денес можам само да речам, j’accuse…! Ова е првпат да разговарам на оваа тема. Веројатно и последен.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ