четврток, декември 19, 2024
домаЖивотЗдравјеФилипче: Двојно поголем капацитет на пунктови за тестирање во Скопје, до крај...

Филипче: Двојно поголем капацитет на пунктови за тестирање во Скопје, до крај на неделата функционална и мобилната болница

Двајца пациенти починаа доцна синоќа на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, информираше министерот за здравство, д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција за состојбата со коронавирус во земјава.

-Станува збор за маж на возраст од 45 години, кој преку Одделението за инфективни болести во болницата во Куманово бил испратен во ГОБ „8 Септември“, каде иницијално бил третиран, имал влошување на состојбата и доцна вечерта бил префрлен на Клиниката за инфективни болести, каде за жал не успеала реанимацијата по пулмоналното откажување. Инаку, епидемиолошки се поврзува со член од семејството којшто бил на патување во странство, во Франција пред отприлика две недели. Пациентот бил со бројни минати болести: дијабетес, болест на срцето, фибрилација, хипертензија и обезност. Другиот пациент од Клиниката за инфективни болести, каде се лекувал од 27-ми март, бил на 78-годишна возраст од Дебар, исто така, со претходни болести, како хронична опструктивна болест и хипертензија и бил на терапија за овие две состојби – рече министерот Филипче.

Според Филипче, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, во овој момент се лекуваат 54 пациенти од кои четворица пациенти се критични, а 20 пациенти имаат потреба само од кислородна маска, покрај редовната терапија. Останатите пациенти се со лесна клиничка слика, без потреба од поддршка на дишењето во смисла на дополнителен довод со кислород.

-Во изминатите 24 часа се потврдени 44 нови случаи со коронавирус. Направени се вкупно 392 тестирања. Состојбата по градови денеска е следна: во Куманово 23 случаи, Скопје 12, Тетово два, Битола три, Струга два, Штип еден и Прилеп еден случај.  Со ова вкупниот број потврдени случаи во нашата земја изнесува 329 лица, а според местото на живеење има случаи во Скопје, Дебар, Куманово, Штип, Тетово, Прилеп, Струга, Велес, Битола, Охрид, Кавадарци, Гостивар, Крива Паланка, Струмица и Гевгелија. Вкупниот број тестови направени во нашата земја, од почетокот на пандемијата, досега, изнесува 3518 тестови и ги соопштуваме резултатите од апсолутно сите кои се вклучени во мрежата на тестирање и во кои увид секојдневно прават епидемиолозите од Институтот за јавно здравје – посочи министерот.

Министерот за здравство информираше дека Институтот за физикална медицина и рехабилитација во Скопје престанува со работа и не прима повеќе пациенти. Двајца од овде дијагностицираните се префрлени на Клиниката за инфективни болести, а се чекаат резултатите во текот на денот на 16 пациенти, кои се тестирани, односно е земен материјал во изминатите денови. Министерот Филипче додаде дека сите пациенти на кои им е потребна оваа медицинска дејност, здравствена услуга можат да добијат во амбулантскиот дел во ГОБ „8 Септември“.

-Во однос на Градската општа болница „8 Септември“, во текот на утринскиот состанок на Комисијата за заразни болести, разговаравме за моделот со кој може да се забрзаат резултатите со оглед на тоа што огромен број пациенти доаѓаат и за друга здравствена услуга, како и директно заради сомневање поради воспаление на белите дробови и еден дел од тие мобилни тимови ќе биде посветен токму на земање анализи од болницата „8 Септември“. Другиот мобилен тим, кој го најавивме во текот на минатата недела, ќе работи преку системот за закажување и Институтот за јавно здравје, пред се за повозрасните граѓани, а со цел тие да не излегуваат од дома и брис и материјал да им се земе во домашни услови – информираше министерот.

Тој истакна дека веќе е во функција пунктот во поликлиниката „Чаир“, а утре се отвора и пунктот во поликлиниката „Млин Балкан“, со што капацитетот на пунктови во Скопје практично се дуплира, а до крајот на неделата почнуваат со работа и останатите пунктови ширум државата во здравствените домови, што всушност ќе значи трикратно зголемување на пунктовите, согласно големината на градот, кои веќе функционираат во Центрите за јавно здравје.

-Денеска ги очекуваме и до почеток на прес-конференцијата не е завршено тестирањето за двајца пациенти, во врска со информацијата за пациентот од Битола и жената од Лабуништа, која е почината вчера. Материјали се земени кај двајцата, непосредно „пост мортум“. Веднаш кога ќе бидат готови резултатите ќе и ги соопштиме на јавноста – истакна министерот.

Во врска со мобилната болница до Инфективната клиника, министерот информираше дека таа е при крај, во тек е поставувањето кревети, завршен е доводот со воздух, греењето и ладењето и во текот на утрешниот ден практично ќе биде во функција, а целосно се очекува да биде готова до крајот на неделата. Инаку, се уште има слободен капацитет на Инфективната клиника, имајќи предвид дека исполнетоста е 50 проценти и во тек е надополнувањето со кадри од Клиниката за анестезиологија, медицински сестри од другите клиники, согласно планот за ротација и поддршка на персоналот кој работи на Инфективната клиника.

Во однос на прашањето кое беше поставено во текот на вчерашниот ден за пациентот кој почина на 31-годишна возраст, министерот појасни дека во анамнезата и документацијата на Клиниката за инфективни болести не било наведено дека укажал на претходни заболувања, иако кај специјалистите кај кои претходно правел консултации укажал дека има некои претходни здравствени состојби, но во историјата на Клиниката нема наведено никакво друго заболување.

Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека во Охридската болница е завршен увидот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, детектирани се пропусти во третманот на пациентката за која беше дискутирано во претходните денови и ќе се преземат соодветни мерки за сите кои биле вклучени во тој процес, појаснувајќи дека новиот директор веќе ја реорганизира работата и пристапот во однос на сместувањето пациенти на Инфективното одделение во оваа болница. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ