Министерот за здравство Венко Филипче денеска на прес конференција го Националниот оперативен план за имунизацијата против Ковид-19 во земјава, соопштувајќи дека тоа ќе започне со кинеската вакцина од Синофарм за која Владата донесе одлука за набавка на 200.000 дози. Министерството за здравство во понеделник ќе го потпише договорот и реализира плаќањето, а се очекува испорака на вакцините во најкус можен рок.
Согласно овие колични кои се значително повеќе од првичните предвидени, ревидиран е Националниот оперативен план за вакцинација кој тековно ќе се ажурира, посочи Филипче, додавајќи дека согласно планот во првата фаза се вакцинираат: здравствени работници кои директно работат со ковид пациенти и од службите за итни состојби, од клиничките болници, јавни и приватни, од посебните институциите како домовите за стари лица, домови за лица со посебни потреби, матични лекари и друг здравствен персонал вработен во матичните ординации, вработени во лаборатории за тестирање и дијагностика, јавни и приватни, здравствените работници, кои ќе ја спроведуваат вакцинацијата.
Во првата фаза, можност за вакцинација добиваат и сите граѓани над 70 години, додека во втората фаза, се вакцинираат: лица над 65 години, лица од 18 до 64 години со коморбидитети, здравствени работници ИЈЗ и ЦЈЗ, фармацевти, стоматолози и друг здравствен персонал, вработени во витални институции како полиција, војска, парламент, Влада, во образовни институции и градинки со предност на оние кои одат со физички присуство на работа.
Во третата фаза се вакцинираат сите преостанати лица од повеќе групи: вработени во други важни дејности, како прехрана, транспорт, производство на лекови, комунална хигиена, банкарство, земјоделие, образование, здравство со низок ризик на зараза и сите други граѓани кои сакаат да примаат вакцина на возраст од 18 до 64 години.
Како што беше посочено, дневно е предвидено да се вакцинираат од 2000 до 2500 граѓани преку постоечката здравствена мрежа и вакциналните пунктови. Со оваа количина во која имаме две дози за вакцина и ревакцина ќе се вакцинираат 100.000 граѓани, рече Филипче.
-За секој граѓанин веднаш по апликација на првата доза, ќе биде резервирана и втората што треба да ја прими. Вакцинираните граѓани ќе добијат соодветен сертификат за примената вакцина – додаде тој.
За лицата над 70 години, матичните лекари ќе добијат список од системот Мој Термин со податоци за нивни пациенти од оваа категорија, по што телефонски поединечно ќе ги контактираат и доколку сакаат да се вакцинираат ќе им биде закажан термин за вакцинација.
Следната недела ќе биде готова он-лајн апликација преку која ќе се врши закажување за вакцинација. Сите граѓани кои сакаат да се вакцинираат ќе може да се пријават преку истата, по што системот Мој Термин ќе испорача точен термин за вакцинација.
-Вакцинацијата во оваа фаза е наменета за групите граѓани кои се јасно дефинирани во планот. Апелирам граѓаните во ризичните групи да се вакцинираат во што поголем број како би се заштитиле од ризик – порача Филипче.
Имунизацијата е најсилното оружје во борбата со вирусот, додаде министерот за здравство Венко Филипче, посочувајќи дека и натаму треба да се почитуваат другите јавно здравствени мерки од страна на сите граѓани- носење на заштитна маска, одржување на физичка дистанца и хигиена, кои заедно со вакцинацијата ќе овозможат најдобра заштита од Ковид-19 и сузбивање на пандемијата.А.Р.