Шест новозаболени лица во земјава, со што бројот на заразени со корона вирусот се искачи на 18, е информацијата која прва ја соопшти на вечерашната прес конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Денеска биле тестирани 12 лица од коронавирус од кои шестмина се позитивни, петмина од Дебар и една пациентка што стигнала од Шпанија.
– Четворицата од Дебар се донесени на Клиниката во Скопје, што значи дека вкупно 13 се на Клиника, а петмина од новозаболените се од Дебар и се во болницата во Дебар. Таму има кадар. Тие се со лесна клиничка слика, рече Филипче.
Се затвораат сите копнени гранични премини освен Табановце, Ќафасан, Богородица и Деве Баир. Се затвора аеродромот во Охрид и се забранува влез на странски државјани од држави со висок и со среден ризик, освен за оние за кои МВР ќе даде дозвола ако постои посебен државен или економски интерес.
Се затвораат сите продавници во моловите освен супермаркетите, продавниците за храна и аптеките. Единствено може да се врши продажба преку онлајн нарачка и достава.
Филипче соопшти дека се забранува целосно работатата на кафулиња, ресторани, казина и обложувалници. Продажба на храна преку нарачки и достава или самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект.
Објекти што произведуваат храна може да работат, но без гости само со нарачка. Достава на продукти во подрачјето на Дебар и Центар Жупа била тема на разгледување на седницата на владата.
-Не знаеме што може да очекуваме , добро е што имаме само едно место на локална трансмисија, за разлика од другите земји. Сите капацитети се спремни , како и болничките капацитети во овие установи, рече Филипче.
Тој информираше дека Владата формирала Кризен штаб со кој ќе раководи техничкиот премиер, Оливер Спасовски, а ќе го сочинуваат министерот за здравство, за одбрана, за внатрешни работи, за транспорт и врски, за финансии, за образование и наука, надворешни работи, директорот на Центарот за управување со кризи и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување.
Кризниот штаб ќе се состанува на дневна основа претпладне во Владата, веднаш по состанокот на Комисијата за заразни болести во Министерството за здравство.