Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“, покрај филмот за познатиот јапонски филмски композитор, Руичи Сакамото, кој ќе го отвори фестивалот, најавува други филмови во својата програма што ќе започне на 6 јуни во Кинотека на Македонија.
Една од целите на „Скопје Синема Сити“ е да ги прикаже музичките ризници и богатства од различни меридијани, од сите континенти. Еден од филмовите кои ќе бидат прикажани е новиот филм за феноменот со кубанската музика којшто пред неколку години го освои целиот свет – „Буена Виста Соушал Клаб, Адиос“, продолжение на популарниот документарен филм на Вим Вендерс, овој пат во режија на Луси Вокер. „Буена Виста Соушал Клаб, Адиос“ ја раскажува целата приказна за овој проект како од успешен албум и успешен документарен филм прераснал во глобален феномен, притоа раскажувајќи ги животните приказни на членовите на оваа група по постигнатиот глобален успех и нивните кариери.
Филмот „Ханса крај ѕидот: 1976-90“ беше премиерно прикажан на Скај Артс на 10 јануари оваа година, т.е. на годишнината од смртта на Дејвид Боуви. Студиото Ханса во Берлин некогаш било познато како „локација на работ на западната цивилизација“ бидејќи се наоѓало крај самиот Берлински ѕид во времето на Студената војна во поделениот Берлин. Ова студио изнедрило многу изданија и приказни – тука Боуви ги снимил изданијата „Low“ и „Heroes“ од познатата Берлинска фаза, Иги Поп ги снимил „The Idiot“ и „Lust for Life“. По успесите на овие изданија, студиото се здобило со интернационална репутација за потоа да следат многу изданија меѓу кои и култните изданија на Nick Cave and the Bad Seeds, Depeche Mode, Einsturzende Neubauten, REM и U2 кои тука го снимија антологискиот „Achtung Baby“. Филмот за Ханса ги обединува сите овие приказни со главните протагонисти кои раскажуваат детали за работата на ова легендарно место.
Покрај овие филмови, ССС ќе има омаж за уште еден великан на современата музика – Филип Глас. Организаторите наскоро најавуваат повеќе детали и информации за програмата и продажбата на картите за проекциите.