понеделник, ноември 18, 2024
домаФон дер Лајен го осуди нападот на болницата во Газа полна со...

Фон дер Лајен го осуди нападот на болницата во Газа полна со медицински персонал и цивили

Стотици Палестинци беа убиени во напад на болница во Газа во вторникот вечерта, а Израел и Хамас меѓусебно се обвинуваат за нападот. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, остро го осуди гранатирањето на болницата во Газа во средата и повика да се утврдат сите факти и порача дека одговорните мора да одговараат, пренесе „24 сата.хр“.

– Синоќешната нова, бесмислена трагедија не шокираше сите, сцените од болницата Ал Ахли се ужасни и шокантни. Нема оправдување за напад на болница полна со цивили – рече фон дер Лајен, обраќајќи се пред пратениците во Европскиот парламент во Стразбур.

Таа нагласи дека мора да се утврдат сите факти околу настанот и дека „одговорните мора да одговараат“.

Палестинските власти соопштија дека израелски воздушен напад ја погодил болницата, а министерот за здравство на палестинската управа го обвини Израел за „масакр“. Израел за експлозијата во болницата Ал-Ахли ал-Араби го обвини неуспешното лансирање ракета од страна на палестинската група Исламски џихад, која ја негираше одговорноста.

Фон дер Лајен рече дека Израел има право на самоодбрана во согласност со меѓународното право. За време на посетата на Израел минатата недела, таа во своите изјави испушташе да рече дека самоодбраната мора да биде во согласност со меѓународното право, што доведе до критики дека е пристрасна во корист на Израел.

Таа го обвинува Хамас дека е одговорен за терористичките напади и дека нивните жртви не се само Израелци, туку и Палестинци.

– Хамас е терористичка организација, а терор трпат и Палестинците. Ги поддржуваме Палестинците и нема противречност меѓу солидарноста со Израел и хуманитарните акции кон Палестинците – рече таа.

„Она што го направи Хамас нема никаква врска со легитимните аспирации на палестинскиот народ“, рече претседателката на Комисијата, предупредувајќи на зголемување на антисемитските инциденти, вклучително и во Европа.

– Нема место за омраза во Европа, нема толеранција за омраза ниту на интернет, ниту на нашите улици – рече таа.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ