Тестирањата покажаа алармантно високи нивоа на жива во конзерви од туна низ Европа, со некои примероци кои содржат дури четирипати над дозволеното ниво, предупредија две невладини организации. Највисоката концентрација на жива е најдена во производите на францускиот бренд Petit Navire. Тестовите, спроведени од организациите Bloom и Foodwatch, опфатија 148 примероци купени во Франција, Германија, Англија, Шпанија и Италија, сите кои тестирале позитивно на присуство на жива.
Живата е меѓу десетте најопасни супстанции во светот, споредливо со азбест и арсен, наведуваат организациите. Нејзиниот дериват, метилжива, е класифициран како „можен канцероген“ од Меѓународната агенција за истражување на рак (IARC).
Повеќе од половина од тестирани конзерви содржеле нивоа на жива над дозволените за други видови риба. Додека максималната граница за содржина на жива во риби како бакалар или полак е 0.3 мг/кг, за туната оваа граница е значително повисока – поставена на 1 мг/кг.
Оваа разлика беше жестоко критикувана од НВО-ата, кои повикаа властите да ја намалат границата на 0.3 мг/кг и за туната, најконсумираната риба во Европа. Според нив, редовното консумирање на мала доза на овој метал може да предизвика сериозни нарушувања на нервниот систем кај децата и штета на мозочната функција кај возрасните.
Тестовите покажале дека Petit Navire содржи 3.9 мг/кг жива, додека шпанскиот Carrefour следи со 2.5 мг/кг, а италијанскиот бренд As do Mar има до 1.5 мг/кг. Bloom и Foodwatch побараа од надлежните да го забранат продажбата на туна која надминува 0.3 мг/кг жива, особено во детски градинки, болници, породилишта, домови за пензионери и училишни кантини.
Организациите започнаа петиција со која бараат трговците да воведат построги контроли, да престанат со промовирање на туна и да ги информираат потрошувачите за здравствените ризици.
Агенцијата за безбедност на храна на Франција, ANSES, го поддржа овој став, предупредувајќи дека во високи дози метилживата е токсична за централниот нервен систем, особено за време на пренаталниот развој и раното детство. ANSES препорачува ограничување на рибата на максимум два оброка неделно и избегнување на предаторски риби како туна, особено за трудниците.
С.Н.