Германскиот сојузен управен суд денеска ќе ја разгледа одлуката на некои градови за забрана на дизел автомобили за да се намали загадувањето на воздухот, што, како што оценува АП, може да има драстични последици за автомобилската индустрија во оваа земја.
Сојузниот управен суд во Лајпциг ќе ги слушне аргументите по жалбата поднесена од страна на двете германски држави против одлуките на пониските судови кои дадоа позитивно мислење за забрана за возење за особено загадувачките дизел автомобили.
Одлуката може да биде донесена подоцна денеска.
Првобитните судски постапки ги покренаа групи за заштита на животната средина, кои велат дека прекумерните нивоа на загадувањето на воздухот во десетици градови во Германија во голем дел се предизвикани од автомобили со дизел-погон. Тие ја обвинуваат владата дека „ интересите на автомобилската индустрија ги става над здравјето на граѓаните“.
Пред три години беше откриено дека производителот на германски автомобил „Фолксваген“ вградувал во возилата софтвер кој ги лажирал резултатите на американски тестирања на емисиите на гасови, што резултираше со големи парични казни, додава АП.