Здравјето на децата е во голема мера поврзано со нивото на образование на нивните родители, покажа нова германска студија. Не треба докторат за да се биде добар родител. Сепак, образованието може да има поголемо влијание отколку што мислиме. Истражување покажа дека поздрави деца имаат пообразовани родители.
На децата чии родители немаат универзитетски дипломи почесто им се препишуваат лекови и тие почесто одат во болница од децата чии родители се високо образовани, покажува истражувањето за деца и адолесценти што беше спроведено од германската организација за јавно здравствено осигурување „ДАК-Гезундхајт“.
Јазот е особено изразен во расипливост на забите и дебелината, што е забележано трипати повеќе кај децата со помалку образовани родители. Имало и слична поврзаност во поглед на развојот на нарушувања во однесувањето.
Нивото на образование на родителите има поголем ефект отколку што се очекуваше, изјави шефот на „ ДАК-Гезундхајт “ Андреас Сторм кој сугерираше дека болеста на децата често е поврзана со начинот на живот на нивните родители.
Волфганг Грајнер, професор по здравствена економија на Универзитетот во Билфелд и еден од авторите на извештајот, вели дека за здравјето на децата би било покорисно инвестирање во образованието, наместо зголемување на домашниот приход.
Истражувањето се базира на податоци од скоро 590.000 деца и околу 430.000 родители за кои ДАК обезбедува осигурување.