недела, декември 22, 2024
домаЖивотСценаГОРАН СИМЕВСКИ: Јас сум горд беровец, затоа пеам стари беровски песни!

ГОРАН СИМЕВСКИ: Јас сум горд беровец, затоа пеам стари беровски песни!

Кога зборува за своето родно Берово, неговиот тон е мек, а ликот насмеан. Голем вљубеник е во богатата традиција на тој крај, а во секоја прилика пее беровски песни, кои музички ги обоиле неговото детство и младост.

Горан, Вие сте беровец со корен. Од каде потекнувате?

-Потекнувам од самиот центар на Берово, стар беровец сум по татко дедо и баба, а по мајка од Истевник, Делчево.

Бидејќи сте фолк изведувач кој ја сака посебно староградската беровска песна, претпоставувам дека таа била честа гостинка односно домаќинка во Вашиот дом.

– Точно така, постојано дома ги пеевме тие песни. Некои се препеани, некои не се и треба да се обработат и да ѝ се претстават на јавноста. Најпознати песни од мојот крај се “Ајде Милке да бегаме в наше село Малешево”, на план сум неа да ја преработам, како и “Ајде провикнал се Дедо Иљо Малешевски” и “Блажена горо зелена”. Тие се едни од напрепознатливите малешевски песни. Ги имаат препеано познати пејачи,”Ајде Милке да бегаме” на времето ја има препеано Наум Бурназ, “Блажена горо зелено” ја отпеаја Петар Нечовски и Ани Малинкова, а и јас ја имам отпеано. И еве сега сакам да ја преснимам во мој стил “Ајде провикнал се дедо Иљо Малешевски” во етно аранжман. Тие песни се пееле во Берово отсекогаш, дури и во цела Источна Македонија. Ги пеел и ансамблот “Распеани Беровчани”, потоа Културно уметничкото друштво од Берово. Јас за прв пат на 16 години со Друштвото, во градот Брус во Србија ја испеав “Блажена горо зелена”, затоа што Брус и Берово беа збратимени градови. Бев уште во основното училиште “Иљо Малешевски”, кога професорот Петар Ангеловски ме носеше на тие средби да пеам наш и песни, а потоа средно завршив во средното училиште ”Ацо Русковски”.

Кој е дедо Иљо Малешевски?

-Според податоците кои се запишани македонскиот војвода Илија Марков е познат како Дедо Иљо Малешевски или Иљо Војвода, роден е на 28 мај 1822 година во Берово, а починал на 17 април 1898 година во Ќустендил. Кон средината на 19 век со својата дружина дејствувал во областа на Источна Македонија, главно во Малешевијата. Учествувал во востаничкиот продор во Пијанец. Со своја чета од 200 до 300 востаници учествувал во Македонското востание. Се борел заедно со Никола Русински, така што дедо Иљо Малешевски е еден од најпознатите борци во источниот крај.

Зошто го нарекувале “дедо”?

-Можеби му е прекар или бил најстар од тие што се бореле. Опеан е во народните песни, песните за него се обнародени. Мојата преработка мислам да ја направам со аранжман на Мендо Ташковски од Прилеп. Планирам и преработка на “Ајде Милке да бегаме”, но ќе почекам да видам каква ќе биде ситуацијата, оти во нашата држава што и да створиш, што и да направиш не оди некако.

Зошто? На пример еве правите преработки на песните во родниот крај, кога секој би си ја почитувал традицијата од местото каде е роден и би ја негувал традицијата, тие песни нема да згаснат.

-Нема да згаснат, но нема каде да ги промовираме. На радијата ќе ѝм однесеш цеде но нема да ти ги пуштаат оти не си нивни човек. Телевизиите исто така треба да ги молиш за да настапуваш, така што бесцелно е се што правиме. А песната ќе заживее само ако има каде да се емитува.

Кои се познати музичари во Вашиот крај, тој е познат музички крај?

-Можам да кажам Славка и Томе Чрчеви е најпознат дует уште за време на снимките во продукција на Македонската радио и телевизија, тука е и Жаклина Узунова, моминско Коловска, една од најдобрите вокали од источниот регион. Потоа нејзиниот братучед Бранко Коловски од оркестарот на АРМ, неговиот син Александар Коловски е еден од најпознатите светски виртуози на хармоника заедно со неговата сопруга, Русинката Ања. Горан Алачки добар виртуоз на хармоника, добар композитор пред сѐ. Една од најубавите песни од Алачки која мене ми се допаѓа е “Дојди ми Лено на перниче бело” и да не ги набројувам другите, на пример “Денес свадба се прави” што ја пееја Андријана и Ирена, така што, имаме многу добри музичари од Берово.

Има ли можност да се соберете сите и да снимите една заедничка беровска песна, како тим?

-Дај Боже. Јас сметам дека сѐ е можно ако се сака, ако се почитуваме и се дружиме, може да се направи една добра песна, една добра стара песна со господинот Горан Алачки, доколку направи се разбира како и секогаш добра музика и аранжман, и со добар автентичен текст. Јас не сум пејач, не сум естраден уметник…

Морам да Ве поправам, имате многу песни и фестивалски настапи, значи сте естраден уметник…

-Да, но јас имам друга работа, во текстилната индустрија, за која земам некоја минимална плата, но музиката ми е во срце. Ние дома си слушаме само македонска музика, и бидејќи сум настапувал и надвор од границите на Македонија сфаќам што значи презентација со народна песна, така што задоволен би бил кога би се собрале овие познати уметници, но и групата “Штекици” една од најпознатите групи која има убава песна за Берово, за која Алачки има направено аранжман. Во нашиот крај преовладуваат тапани и зурли и со овие инструменти може да се направи нешто многу интересно и певливо.

Неодамна во неговата музичка куќа- музеј во Владимирово запознав еден квалитетен млад човек Методи Скендерски од Берово, кој е максимално посветен и професионално работи во областа на фолклорот, работи во уметничко друштво и прават турнеи.

-Тоа е КУД “Димитар Поп Георгиев Беровски”, ме радува што повторно заживува друштвото и со нови членов и мислам ќе успее. Јас бев член на тоа културно уметничко друшво, на времето кога бев средношколец, настапував со нив со преработки на стари беровски песни и ората од Малешевијата, затоа што Берово не е Берово ако не кажеш Берово и Малешевијата, и тука се вклучуваат сите села од Малешевијата, секое село си има свое оро, а Методи Скендерски од сите села обработува по едно оро.

Кое е најтипичо оро?

-Познатото ”Малешевка”, шест напред три назад, многу убаво звучи кога го свират малешевски музичари тој малешевски мелос, и го играат малешевски играорци, зошто ние го играме поинаку од другите.

По кого е насловено ова Културно уметничко друштво?

-По “Димитар Поп Георгиев Беровски”, борец за Македонија, револуционерен деец.

Кај вас традицијата се чувствува и во рестораните, бев неодамна, посетив дел од нив.

-Тоа нѝ е традицијата да си го сочуваме нашето малешевското, преубавиот хотел “Манастир“ е во етно малешевски стил, тука е ресторан “Бачило“, во поново време имаме ресторан “Бастион” и најпознаиот “Аурора” и тој е во некој добар етно стил, но најавтентичен е Хотел “Манастир”, мора да го посетите.

На што сте беровци најгорди?

-Беровци се најгорди на својот град, чисто место со најчист воздух и убава природа, со гостопримливи луѓе, кои од каде и да дојдеш си добредојден, ќе преспиеш, ќе те нагостат со храна, дали те знаат или не, тоа не менува.

Убаво што нѝ објаснивте некои легенди за Берово, има многу да се зборува. Но, основата на Вашето музицирање се песните од маестро Јанко Узунов, соработката со негова прекрасна сопруга Жаклина, но сте близок и со Гордана Адамов.

-Благодарам што правиме едно добро интервју, во кое сакам јавно да ѝ заблагодарам на сопругата на Јанко Узунов, Жаклина Коловска Узунова за сѐ. Таа ми е многу добра пријателка уште од младоста, таа ме запозна со Јанко и мислам дека сум еден од најголемите обожаватели на Јанко Узунов и воедно бевме големи домашни пријатели. Ме прифати како негово дете. Ги имам сите негови касети и плочи уште кога снимаше за “Југодиск”, затоа што неговата песна за мене била лек за душа. Тоа ми трае до ден денеска. Ги имам и песните кои ги дал на југословенската уметница Гордана Адамов, познатата Лепа Лана, дури имам една праработена песна во целосно авторство на Узунов шо ја има Гордана испеано на славниот фестивал во Илиџа, кога неправедно ѝм ја одзеле првата награда. Јас сум горд на соработката со Јанко Унунов, со Лепа Лана, посебно со Жаклина, која ме спои со Јанко и со кого остваривме некои неговии композиции, некои за жал не успеавме. Но во секое време можам да ги преработам благодарение на Жаклина и на неговиот син Кирил, неговото “Македонче соколе”. А посебно сум горд што бев редовен учесник на неговите годишни концерти кои ги правеше со своите ученици од школото “Узун” на Свети Никола во Скопје. Го сакав како втор татко, а тој никогаш не отстапи од своето, да не ме покани на неговите концерти. Пеев со голема радост и ќеф. Камо да беше сега тука, ах како ќе си запеевме…

Валентина Ѓоргиевска Парго

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ