Изборот на Песна на Евровизија во Ротердам, Холандија нема да се одржи оваа година поради пандемија на коронавирус, објавија организаторите денеска.
„Со жалење најавуваме откажување на изборот на Песна на Евровизија 2020 во Ротердам“, рекоа организаторите, додавајќи дека „невозможно е да се одржи настанот во живо како што беше планирано“.
Евросонгот беше планиран да се одржи од 12 до 16 мај.
Организаторите на натпреварот, Европската радиодифузна унија (ЕБУ), се обидоа да најдат друго решение, но не успеаја.
„Горди сме на натпреварот за песна на Евровизија што ја обединува Европа веќе 64 години. Многу жалиме за оваа ситуација“, рече шефот на ЕБУ, Јон Ола Санд.
Евросонгот е откажан поради ограничувањата наметнати од холандските власти, како и загриженоста за здравјето на учесниците и гледачите.
Бројот на потврдени случаи на коронавирус во Холандија се зголеми за уште 346 денеска на вкупно 2.051, соопштија здравствените власти, што е за 20 проценти повеќе во однос на вчера, а пријавени се 15 нови смртни случаи.
Националниот институт за здравство (РИВМ) објави дека од последните податоци, вкупниот број на смртни случаи е 58. Случаите на заразени се концентрирани во јужната холандска провинција Брабант, а меѓу нив има и 485 здравствени работници. А.Н.