На интернационалниот хорски фестивал и натпревар „Црноморски звуци“ кој од 6 до 10 јуни се одржа во Балчик, Бугарија, претставници на хорот “Драган Шуплевски” при ФМУ – Скопје под раководство на проф. Сашо Татарчевски се закитија со неколку високи награди. Имено, хорот „Драган Шуплевски“ беше победник во категоријата за мешани хорови и доби диплома за одлично севкупно претставување. Маестро Татарчевски пак, доби признание од бугарскиот сојуз на музички уметници за диригентско мајсторство. Освен на натпреварот, хорот зеде учество и на концертите на фестивалот како и на мастеркласите каде се изучуваа нови композиции заедно со другите ансамбли учесници.
Ова, како што соопштуваат од ФМУ, е заокружување на исклучително успешниот летен семестар во кој хорот го изведе капиталното дело „Реквием“ од Моцарт на концерт со македонската филхармонија, а заедно со симфонискиот оркестар при ФМУ под раководство на маестро Сашо Татарчевски одржа два концерти на најголемиот универзитетски фестивал во Европа, ФИМУ во Белфор, Франција при што се здоби со блескави критики и покана за повторно учество.
Учеството на овој фестивал се оствари со делумна поддршка од министерството за култура на Република Македонија.