Храна која најздравите луѓе никогаш не ја јадат

0
5

Најдолговечните луѓе во светот живеат во таканаречените сини зони. Постојат пет сини зони: италијанскиот остров Сардинија, јапонскиот остров Окинава, грчкиот остров Икарија, полуостровот Никоја во Костарика и калифорнискиот град Лома Линда.

Не само што на овие места живее најголемиот број луѓе постари од 100 години, туку таму има и групи луѓе кои остареле без поголеми здравствени проблеми.

Истражувањата на Дан Буетнер, кој прв ги идентификувал сините зони, покажале дека на нивната долговечност влијаат неколку фактори – од позитивен поглед на животот и мала количина на секојдневен стрес до чист воздух, редовно вежбање и квалитетна храна.

Исхраната на најдолговечните луѓе во сините зони главно е од растително потекло. Близу 95 проценти од намирниците ги сочинуваат зеленчук, овошје, житарки, мешунки, јаткасти плодови и семиња.

Во нивните јадења може да се најде месо, риба, јајца и млечни производи, но во помала мера. Тие обично сочинуваат само околу пет проценти од намирниците на чинијата.

Најдолговечните луѓе во сините зони не се прејадуваат. Месо јадат отприлика еднаш неделно и притоа не консумираат салами, виршли и слични преработени производи, туку предност даваат на органски одгледано пилешко, свинско и јагнешко.

Обично јадат порција месо со големина на стисната тупаница.

Рибата е важен дел од нивната исхрана, а на нивното мени ќе се најдат сардини, пастрмки, ослиќ и слични видови неколку пати неделно. Неколку пати неделно ќе јадат и помали количини производи од козјо и овчо млеко како сирење и јогурт, а секој втор ден и по едно јајце.

На нивните чинии никогаш нема да се најде индустриски ултрапроцесирана храна. Ако ја погледнете декларацијата на производот и не ги препознавате состојките на етикетата, станува збор за таков вид производи кои најздравите луѓе во светот ги избегнуваат.

А. С.