Ројтерс пренесе дека 24 од 157 патници кои пристигнале од Скопје во Финска, биле позитивни на ковид-19. Според агенцијата Финска поради тоа ќе воведе задолжителни тестови за коронавирус и карантин за патници од земји со висок ризик. Министерката за семејни работи и социјални услуги Криста Киуру, информира дека на аеродромот Турку во Финска во саботата било организирано доброволно тестирање на сите патници кои пристигнале со летот на Визер од Скопје, откако властите утврдиле дека два авионски летови од Северна Македонија и Романија, се главни извори на нови инфекции со коронавирус во Финска.
– Бројот на нови инфекции претежно доаѓа од Балканот – рече Киуру осврнувајќи се на неодамнешниот пораст на инфекции во Финска.
„Задолжителниот двонеделен карантин и можниот случаен тест за коронавирус по пристигнувањето во Финска ќе бидат применливи за секој што ќе пристигне од земја со повеќе од 8 до 10 нови случаи на ковид-19 на 100.000 жители во последните 14 дена“, соопштија властите.
Неисполнувањето на двонеделниот карантин ќе биде санкционирано со до три месеци затвор или парична казна.
Минатата недела, новите инфекции со коронавирус во Финска биле околу 2,3 на 100,000 жители во текот на последните 7 дена, со вкупно 7.601 случаи и 333 смртни случаи.
А.Н.