петок, мај 24, 2024
домаКујнаИграта со големи влогови може да донесе бајка или пекол 

Играта со големи влогови може да донесе бајка или пекол 

Кон „Покер-кралица“, режија и сценарио: Арон Соркин, улоги: Џесика Честејн, Идриз Елба, Кевин Костнер, музика: Даниел Пембертон, директор на фотографија: Шарлот Брус Кристенсен, монтажа: Баумгартен, Греам и Шефер.

Пишува: Сунчица Уневска

Насловот „Покер-кралица“ на новиот филм на сценаристот Арон Соркин („Неколку добри луѓе“, „Американски претседател“, „Социјална мрежа“, „Стив Џобс“, „Moneyball“, „Војната на Чарли Вилсон“) направен според мемоарите на Моли Блум, кој под тоа име игра во македонските кина, внесува забуна и носи поинакви алузии од она на што се сосредоточува Соркин. Во соседните земји филмот „Molly’s Game“ оди под насловот „Големата игра“, што би бил многу подобар наслов за оваа исклучителна животна приказна, бидејќи атракцијата во неа е само глазурата, под која се крие многу покомплексна, посилна и поранлива приказна за успехот и за поразот, за искушенијата кои можат од животот да ви направат бајка, но и пекол.

Имено, „Покер-кралица“ е сосем неадекватен наслов на филмуваната сторија за поранешната професионална скијачка, која по несреќно завршената спортска кариера ќе влезе во светот на покерот и големите влогови, барајќи ја својата нова животна шанса. Меѓутоа Моли Блум, која повеќе од една деценија ќе води ексклузивен салон за илегално играње покер (во кој ќе доаѓаат холивудски ѕвезди, бизнисмени, спортски легенди, но на крај и руската мафија), првин Во Лос Анџелес, а потоа и во Њујорк, никогаш нема да биде еден од играчите, бидејќи нејзиниот предизвик не е во играта, туку во начинот на игра, во вештината, во мудроста и упорноста со голем влог да се стигне до врвни резултати.

Тоа впрочем е нејзиниот живот, таа е борец на која покерот и сето она што се случува околу масата за играње карти и носи таков предизвик кој е сличен на подготовките за олимписките игри, каде што не е доволна само физичката подготвеност за да се освои врвот, туку психолошката, проценката, анализата, увидот во сите можни пречки… Моли Блум совршено владее со целата ситуација, водејќи таква евиденција и графикони, каде што ништо не може да и се провлече. Таа не е покер-кралица, иако многумина така ја нарекувале, но тоа сигурно е уште една нејзина голема инвестиција во онаа трка кон врвот од која уште како мала стана своевиден зависник.

Фичрс: „Вистинската сила е да одите од еден до друг пораз без да изгубите ентузијазам“

Животот на Моли е вистинска трка и многу необичен предизвик, кој ќе го натера познатиот сценарист Арон Соркин да го претвори во филм, но овој пат, слично како Моли, да се фати во костец со уште поголем предизвик и за првпат да ја потпише и режијата. Таква е таа игра, моќна, заводлива, тешка, но интелигентна, која бара многу способност и некако ве тера да се докажете пред самите себе. Инспиративен е животот, но и самиот приод кон нештата на Моли, кои ве тераат да се преиспитате, ве тераат влогот да биде поголем, ве тераат да немате страв, бидејќи тоа е карактеристика на слабите. Ве тераат да одите понатаму и да докажете, пред се, пред себеси дека можете со тоа да излезете на крај. Можете да победите. Но, и ако не победите, да не се откажете. Во своите мемоари таа го цитира Черчил, дека вистинската сила е да одите од еден пораз до друг без да изгубите ентузијазам.

Можеби тоа е и она што кај Арон Соркин ќе создаде една симпатија кон Моли Блум, за што тој зборува и во самиот филм, преку ликот на младата девојка која му е ќерка на адвокатот. Нејзината фасцинација со Моли ќе биде и пресудна за адвокатот, кој отпрвин не сака да ја застапува, да се нафати со нејзиниот случај и да ја запознае вистинската Моли, која во целата таа приказна ќе успее да го сочува своето достоинство, храброст, решителност, па дури и морал. Во овој филм Арон Соркин ќе отиде многу подалеку од сопствената приказна за Цукерберг, за Стив Џобс или од онаа во „Неколку добри луѓе“. Имено, она што првенствено паѓа в очи е избегнувањето на стереотипите кои беа и тоа како очигледни во претходните сценарија.

Тоа му дава и еден сосем поинаков призвук на овој филм за Моли Блум, бидејќи и приоѓа многу отворено, нетипично, не ставајќи ја во калап, туку разоткривајќи го светот и „играта“ на Моли низ нејзините очи, низ целата онаа стаклена пирамида која ја гради на толку цврсти темели, без притоа ни малку да се штеди себеси. Таа става големи влогови, но со целата своја виртуозност во „играта“, набљудувајќи, анализирајќи, размислувајќи за секој, макар и најмал потег. И во тоа е нејзината умешност, без оглед дали ќе победи или не, но секако следејќи ја и стремејќи се кон зададената цел.

Ликот на Моли Блум е навистина фасцинантен и Арон Соркин така и му приоѓа. Но, она што се забележува и оптоварува е впечатокот дека не можел да избега од приказната на Моли и да се дистанцира од неа, па одбира и самиот приод во филмот да биде наративен, каде што се чини се обидува да опфати се што и самата Моли смета дека е важно. Но, таа прегуста нарација во филм кој трае 140 минути е премногу и непотребно. Навистина гледачот ја добива целосната слика, но филмот е заморен и на моменти паѓа токму поради таа наративност која му ја одзема игривоста, мистеријата, очекувањето, стравот, несигурноста, подготвеноста за ризик, сето она што би го доловило животот за кој зборува.

Инаку, филмот е одлично снимен низ флешбекови и со избор на сцени кои придружени со визуелни и звучни кадри така ја доловуваат атмосферата, како и психолошката состојба, што не можете а да не ја почувствувате. Тука се и одличните улоги на Џесика Честејн и Идриз Елба, музиката, монтажата, динамиката, целиот предизвик на една партија со големи влогови, која може да заврши или на врвот или на дното. Друго нема. Но, она што е најинтересно е дека Соркин тука ќе ја допре и темата за половите, но и за моралот во целото она неморално окружение. Впрочем, така и ќе ја претстави Моли и нејзината животна приказна која е можеби предодредена со притисокот, па дури и малтретирањето на нејзиниот преамбициозен татко, предодредена да се докаже, да успее, да се најде или целосно да се загуби.

Филмот ги избегнува стереотипите, но не и сопствената потреба со нив и со едно позитивно чувство да ја заврши целата оваа приказна. Соркин, сепак, ќе се покаже подобар сценарист од режисер, бидејќи овде недостига искуството, недостига дистанцата и селективноста. Се чини филмот во целина губи исто како што влогот на Моли во недоволно познати води ќе ја однесе во сосем друга крајност. Играта на Моли секако е особена и низ раскажувањето на Соркин станува приказна во која секој од нас може да се препознае, но и да се преиспита колку предизвикот е дел од нашиот живот, кои се оние црвени граници кои ние сами си ги поставуваме и до каде сме подготвени да одиме. Бидејќи, тоа ве прави живи или не, но пред се, одговорни и силни, и покрај се, секогаш да продолжиме понатаму.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ