вторник, ноември 19, 2024
домаКУЛТУРАMузика, Опера, БалетИмпресивна вечер на македонските уметници Вршкова и Тодороски со дела од Григ,...

Импресивна вечер на македонските уметници Вршкова и Тодороски со дела од Григ, Корсаков и Фролов

Прекрасна вечер ѝ приредија на публиката на „Охридско лето“, извонредните македонски уметници, пијанистката Марија Вршкова и виолинистот Климент Тодороски.Под сводовите на акустичната црква „Света Софија“, тие ја изведоа „Сонатата оп. 45 c-moll“ од Едвард Григ, а потоа продолжија со преработка на делото „Шехерезада“ за виолина и пијано од рускиот композитор Николај Римски Корсаков и „Концертна фантазија на теми од Гершвиновата „Порги и Бес“ оп. 19“ од Игор Фролов, композиција која, според пијанистката Вршкова, досега најверојатно не е изведувана кај нас во ваков музички формат. Вршкова и Тодоровски со своето беспрекорно музицирање, овојпат во дуо, уште еднаш го потврдија нивното високо место на списокот од најдобри македонски изведувачи кои се миленици на публиката. Ова не е прва нивна соработка , ниту пак е прв настап на фестивалот „Охридско лето“.

-Климент буквално уште од мал музички растеше со мене, а го паметам и неговиот прв настап кога имаше десеттина-дванаесет години. Но по една долга пауза, ова ни е прв заеднички концерт. Многу сум радосна што музициравме и воочи празникот „Свети Климент и Пантелејмон“. Програмата со која настапивме беше фантастична. Што се однесува до фестивалот „Охридско лето“, си го сакам како дел од мојот музички живот и секогаш со огромно задоволство ги прифаќам поканите да свирам овде, вели пијанистката Вршкова.

Вршкова дипломирала на Факултетот за музичка уметност – Скопје со највисоката оцена cum laude, во класата на проф. Т. Светиев каде ги завршува и магистерските студии по пијано. Во текот на образованието е добитник на повеќе награди во рамките на поранешна Југославија, а нејзината најзначајна меѓународна награда е Трета награда на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим, Италија. Учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати е единствениот претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар каде соработува со врвни диригенти и солисти. Таа е доцент на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Виолинистот Тодороски е добитник на повеќе државни и интернационални награди меѓу кои трета награда на натпреварот „Петар Коњовиќ” во Белград, втора награда на натпреварот „Корнелија Бронзети” во Романија и прва специјална награда на Меѓународниот натпревар „Охридски бисери”. Како солист настапува со Македонската филхармонија, Камерниот и Симфонискиот оркестар при ФМУ во Скопје на „Охридско лето”, „Хераклејски вечери“… Учествувал во реализација на неколку проекти со еминентниот виолинист Јован Колунџија, Националниот камерен оркестар од Тулуз и Симфонискиот.Работи како концерт-мајстор во Националната опера и балет од 2009 година.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ