Инцентативни патувања – Награда за труд и посветеност

0
16

Инцентативните патувања во основа се состојат од незаборавни и забавни патувања финансирани од страна на работодавачот, со основна цел да ги охрабрат вработените да ги надминат предизвиците на компанијата преку постигнување на индивидуални и/или групни цели. Инцентативните патувања најчесто се користат со цел зголемување на продажбата.

Една од најчесто цитираните дефиниции е дадена од Society of Incentive Travel Excellence (SITE), каде инцентативните патувања се дефинираат како: „Глобална алатка за управување која користи извонредно патувачко искуство за да ги мотивира и/или награди учесниците за нивниот зголемен труд во постигнување на организациските цели“.

За разлика од останатите видови на MICE туризам (состанци, конференции, инцентиви, настани), инцентативните патувања се повеќе фокусирани на забава, храна и активности, отколку на едукација и работа.

Исто така, зависно од културните и социјалните фактори, постојат разлики во примена и разбирање на инцентативните патувања во некои земји.

На некои развиени пазари (како Индија), инцентативните патувања вклучуваат едноставен аранжман или само авионски билет со обезбедено сместување. Во Америка, на пример, постојат значителен број индивидуални инцентативи, кои користат каталошки понуди како дел од инцентативните програми.

Сепак, поголем дел од традиционалните инцентативни патувања вклучуваат група луѓе за кои се создаваат посебни програми со активности и забава.

Индустриите кои најмногу ги користат инцентативните патувања се оние што работат во екстремно конкурентни сектори, каде што задржувањето или зголемувањето на пазарниот удел бара постојан напор во продажба и управување, па затоа се природни корисници на овие патувања.

Интересно е да се забележи дека Французите, Италијанците и Германците обично ги организираат овие патувања на домашниот пазар, додека во Велика Британија, домашниот пазар е релативно мал бидејќи повеќето компании сметаат дека не е соодветен за инцентативни патувања.

Големи корисници на инцентативни програми се: автомобилската индустрија, финансиски услуги, фармацевтска индустрија, канцелариска опрема, електроника, телекомуникации, прехранбена и тутунска индустрија итн.

Ефективност на инцентативните патувања

Предности за работодавачот:

  • Овозможуваат полесна комуникација и можности за мрежно поврзување, особено со повисокото раководство.
  • Поттикнуваат корпоративна култура и социјална интеракција.
  • Ја зајакнуваат лојалноста кон компанијата.
  • Создаваат ентузијазам за следниот деловен период.

Инцентативните патувања влијаат и на вработените кои не биле наградени. Кога наградените колеги се враќаат со фасцинантни описи на патувањето и искуството, останатите колеги ќе бидат мотивирани да работат повеќе за да ја освојат следната награда.

Предности за вработените Секој има потреба од признание и припадност. Кога некој е награден со патување за постигнати резултати, тоа создава чувство на гордост и успех. Постои и чувство на посебност, бидејќи токму тој/таа бил(а) препознаен(а) како врвен продавач и еден/една од малкутемина што ја добиле оваа награда.

Инцентативните патувања денес се како договор помеѓу компанијата и нејзините вработени и/или клиенти: „Ти направи го ова за нас, а ние ќе те наградиме на начин кој нема да го заборавиш“.

Со развојот на конгресната индустрија и културниот напредок, денес критериумите за инцентативни патувања се повисоки. Патувањето не е само обична награда, туку искуство што ги исполнува вработените со енергија, изненадувања и уникатни моменти.

Ф.Спироовски