среда, декември 4, 2024
домаКујнаИНТЕРВЈУ со Натарајан Рамџи: Во Македонија ќе се снимаат 20 боливудски филмови

ИНТЕРВЈУ со Натарајан Рамџи: Во Македонија ќе се снимаат 20 боливудски филмови

Натарајан Рамџи и македонскиот продуцент Дејан Илиев основаа заедничка компанија, чие име „МИНД продукција“ ги спојува Македонија и Индија.

Во Скопје во Македонскиот народен театар деновиве се снима првиот боливудски филм „Vijay 61“. Во нашата земја пристигна голема екипа од Индија, која брои седумдесет луѓе, меѓу кои се и режисерот Арун Кумар – Атле и големата актерска ѕвезда Џозеф Виџеи Чандрашекар, кој ја игра главната улога. Станува збор за голема продукција, зад која стои познатата индиска продуцентска и дистрибутерска куќа „Шри Тенандал Филмс“. Во Скопје е присутен и Натарајан Рамџи, познат во Индија како локациски гуру, кој има обезбедено локации за повеќе од 1.000 филмови. Снимањето во Македонија го овозможија Рамџи и македонскиот продуцент Дејан Илиев преку нивната заедничка „МИНД продукција“, а како што ни рече во нашето интервју, ова е само првиот филм, бидејќи плановите за соработка со Македонија се големи.

Господине Рамџи, Вашата работа е исклучително важна за изгледот на еден филм, но се разбира и многу интересна. Што за вас значи да се биде локациски менаџер и на колку филмови имате работено?

-Во филмската индустрија сум од 1980 година, што значи цели 37 години. На почетокот бев актер, но подоцна започнав да работам со патничка агенција. Нашата желба беше да направиме линк со патувањето и филмската индустрија. Сето тоа почна во 1987 година и можам да кажам дека со оваа работа, како локациски менаџер, се занимавам веќе 30 години. Почнавме со барање локации и до денеска имаме работено на повеќе од 1.000 филма во 70 земји.

Илјада филмови, дали станува збор само за Индија или сте биле ангажирани и на странски продукции?

-Сум работел насекаде во светот, но само на индиски филмови и, секако, во Боливуд, и тоа на сите јазици во Индија.

Од вашето искуство би можеле ли да ни кажете која земја ве импресионирала и колку е тешко да се пронајдат вистинските локации за одреден проект?

-Сум видел многу, над стотина земји, многу е тешко да одредите што е добро, а што не е. Секоја земја може да биде добра, една е добра за ова, друга е добра за нешто друго. Тенка е линијата. Која локација ќе ја избереме зависи од многу фактори.

Каде сте работеле најчесто?

-Во Швајцарија и на Нов Зеланд. На тој начин може најдобро да се искористат временските промени. Во Швајцарија снимаме од април до октомври, а веќе од септември на Нов Зеланд, бидејќи тоа ни овозможува наизменично да ги користиме  временските разлики на северната и на јужната хемисфера.

Дали при изборот на локации првенствено се водите од приказната или, сепак, од финансиските можности?

-Од комбинацијата на двете. Тие ќе ми ја дадат приказната, јас им давам солуции. Мојата работа е да им дадам добри локации, да ставиме се заедно и да направиме и најекономична понуда.

Има ли можеби жанр на кој повеќе сакате да работите?

-Во индискиот филм нема таква класична поделба на жанрови. За боливудскиот филм е карактеристична т.н. масала, во која влегува се заедно, емоции, романтика, акција, комедија, се, што би се рекло „доста зачинето“.

Што е поголем предизвик за вас, каков вид на филмови?

-Предизвик за мене се големите продукции, на кои се работи со огромна логистика, филмови во кои има многу акција, авантура, голем број луѓе, кои се тешки и комплицирани за реализација. Уживам во решавањето на такви секвенци.

Вашата работа, секако, е поврзана со многу патување. Кои се особеностите што ги нудат одредени земји, на кои места често се враќате?

-Јас секогаш се предизвикувам самиот себе. Во мојата сфера на работа важно е да бидеш отворен за сите можности. Како што реков сме работеле во 70 земји, со  65 компании за правење филмови. За мене сето тоа е предизвик и авантура, еве сега за првпат работам во Македонија и многу сум возбуден. Овде се снима, воопшто, првиот боливудски филм, тоа носи големо задоволство и енергија за да се продолжи понатаму.

Зошто ја одбравте Македонија, и тоа не класична локација, туку Македонскиот народен театар?

-Многу луѓе во Индија прашуваа каде е Македонија. Имаме снимено повеќе филмови во Бугарија и лани со еден мој пријател решив да дојдам и да ја видам Македонија, да видам какви можности нуди. Театарот ми остави голем впечаток, неговиот изглед, стил, начинот на кој е изградена оваа зграда, сето тоа изгледа многу атрактивно. И по играта на случајот, по само една година беше побарано од мене да најдам „опера хаус“ за потребите на филмот. И така, дојдовме во Македонија, во Скопје, во овој театар во кој имав голема желба да работам. Мислам дека Боливуд ќе биде голема индина за Македонија!

Мислите?

-Не мислам, туку ќе го направам тоа.

Кажете ни што, всушност, значи Боливуд? Често го споредуваме со Холивуд, можат ли да се споредат?

-Боливуд е многу поголем од Холивуд. Боливуд прави 2.000 филма годишно, може буџетите не се толку големи како во Холивуд, но има огромна продукција, далеку поголема од Холивуд. Моето убедување е дека успехот на Македонија ќе биде со Боливуд. Аспирацијата во Боливуд е да се направи голема работа со помал буџет, и јас мислам дека одговорот е Македонија. Овде се нудат извонредни работи, одличен стил, изглед и историја, се работи добро, има експедитивен менаџмент, а и луѓето се многу пријателски и прекрасни.

Тоа значи дека ќе се вратите во Македонија?

-Може и да не си отидам!! Секако ќе се вратам, следната година овде ќе снимаме 20 боливудски филмови… Знаете, има две многу важни работи кои ги поврзуваат Индија и Македонија. Тоа е Александар Македонски, кој својот поход го започна во Македонија, а го заврши во Индија, а второ е мајка Тереза, голема жена, вистинска мајка за индискиот народ, светица.

Како започна соработката со македонскиот продуцент Дејан Илиев, со кој основавте и заедничка компанија?

-Мислам дека тоа е карма, верувате во карма? Кога дојдов пред една година се сретнавме, тој е многу професионален, има работено на многу проекти и се совпаднаа нашите размислувања, имаме иста визија. Токму поради тоа решивме да основаме заедничка продуцентска куќа која го носи името „Мајнд“ односно „МИНД продукција“, што во себе ги спојува Македонија и Индија и еве, нашата работа веќе се остварува, а верувам уште поинтензивно и ќе продолжи.

Сунчица Уневска

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ