вторник, јули 16, 2024
домаНасловнаИнтервју со Никола Мадиќ: Кој е вистинскиот гробар на македонскиот филм

Интервју со Никола Мадиќ: Кој е вистинскиот гробар на македонскиот филм

Мадиќ е во судските лавиринти поради ДФРМ,  но тужбата е одбиена бидејќи судот „не е надлежен за решавање спорови внатре во здружението, туку за тоа било надлежно Министерство за правда“. „Што е ноторна глупост“, вели Мадиќ, и секако ќе оди на апелација

ДФРМ и Агенција за филм продолжуваат да ги дискредитираат државните институции со најскандалозен речник, што и не е чудно, кога и покрај сите извештаи тие и понатаму си добиваат сè поголема поддршка. Затоа овде, за да не ги повторуваме работите сто пати кажани, направивме разговор со продуцентот Никола Мадиќ, кој е единствен член на ДФРМ што во неговото 70-годишно постоење е исклучен. Зошто? Затоа што се дрзнал да бара увид во трошоците и финансиското работење на друштвото, чии пари доаѓаат од буџетот (значи од сите нас)

Разговара: Сунчица Уневска

ДФРМ во својот „повторен“ обид да ги дискредитира институциите во државата кои се дрзнале да прават инспекција во Агенција за филм, во своето соопштение издадено неколку дена пред да биде сменета министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, отиде дотаму што воопшто не бира зборови, осмелувајќи се да каже дека се работи за „патолошка потреба за одмазда без повод и причина во акција да го погребат македонскиот филм“.

Во обидот да се одбранат тие најарогантно (и покрај сите напишани текстови за истиот проблем, и покрај сите инспекции, препораки, податоци, ревизии итн.) овој извештај што го подготви Работната група формирана од министерката за култура за утврдување на состојбите во Агенција за филм, го нарекуваат „таканаречен извештај“ чија очигледна намена е да изврши директен атак врз кинематографијата, да го компромитира Друштвото на филмски работници, да ја обезвредни работата на фестивалот „Браќа Манаки“ и да ја оцрни филмската ревија „Златна рамка“??? И уште, дека со формирањето на работната група министерката во заминување, повторно потврдува дека доследно и докрај, е „гробар на македонскиот филм и македонската култура“.

Не случајно го пишуваме ова и не случајно велиме повторно, затоа што пред само неколку месеци истото го направи тогашниот директор на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски, напаѓајќи ја Државната комисија за спречување корупција дека работи паушално, тенденциозно, подмолно, срамно, изнесувајќи невистинити и неосновани изјави односно дека Агенцијата за филм е „најдобра, најуспешна и најефикасна во работењето“, а некои си таму институции со „паушални обвинувања“ сакаат да ја дискредитираат. И тоа, да не заборавиме, во момент кога „македонската кинематографија цвета и кога македонското знаме се вее на најголемите светски филмски фестивали“. Да не ви се верува???

Имено, не случајно Агенција за филм и ДФРМ зборуваат исто, бидејќи се одамна во спрега и бидејќи, како што сто пати напишавме, Агенција за филм последниве години е целосно во залог на една шака луѓе од ДФРМ. И немаат срам од ништо. Веројатно веруваат дека имаме кратко паметење, па заборавивме на целиот криминал што го направија заедно ДФРМ и Агенцијата за филм, на сите незаконски постапки, на корупцијата, на конфликтите на интерес, на самоволието, на фаворизирањето на едни автори и продукциски куќи за сметка на други, на дискриминацијата итн., итн. Токму затоа и вакви реакции и вакво бесрамно дискредитирање на сериозни државни институции, токму затоа вакво уличарско и неодговорно однесување, затоа што фактите зборуваат сосема друго. Но, за жал, ние станавме земја во која неказнивоста и корупцијата го достигнаа својот врв и веќе немаат мерка, а ни страв, кога буквално сè што направија досега им помина неказнето.

Ние веќе неколку пати во ФИЛМ+ пишувавме дека нема никаква смисла повеќе да се пишува за овие проблеми, бидејќи не само што ништо не се презема, туку истите луѓе од ДФРМ добиваа сè повеќе проекти и финансиска поддршка. Па испаѓа дека колку повеќе за нив се пишува, тие толку подобро поминуваат. Оттаму ова чувство на моќ и на супериорност, бидејќи кои се тие институции таму што сакаат нивната неверојатно успешна работа да ја дискредитираат. Страшно! Но, навистина веќе нема резон да се повторува истото, па затоа овој пат направивме разговор со продуцентот Никола Мадиќ, кој е единствениот член на ДФРМ што во неговото 70-годишно постоење е исклучен. Зошто? Затоа што се дрзнал да бара увид во трошоците и финансиското работење на друштвото, чии пари доаѓаат од буџетот и за кои по сите правила би требало да има одговорност. Но, да тргнеме со ред.   

Можете ли да ни кажете кога почнаа проблемите меѓу вас и раководството на ДФРМ, што беше она што го создаде јазот меѓу вас?

Никола Мадиќ: Целата работа започна многу пред Милчо Манчевски, пред да се реагира и пишува за работењето на ДФРМ или да се спомнува во било каква конотација. Тоа беше во ноември 2020, кога како претседател на Надзорниот одбор ги побарав финансиските извештаи за работењето на друштвото. А причината зошто ги побаравме, јас и другите членови на Надзорниот одбор, беше што дотогашната комуникација се сведуваше на еден извештај во кој ја пишуваше вкупната сума на потрошени средства, во висина од 1.398.448, а во целиот извештај е наведено само кој платил членарина, кога е платена членарина и некои банкарски провизии. Никаде немаше и не стануваше збор за таа фамозна сума.

Одговорите беа дека нема што ние да се повикуваме на статутот на друштвото, дека позицијата е регулирана и дека нема потреба од извештаи, бидејќи тие веќе поминале на собранието на друштвото. Но, на собрание помина овој извештај со платени членарини, а не извештајот каде што се реално направените трошоци во износ од милион и четиристотини илјади денари. И, тука се отвори Пандорината кутија.

Што преземавте вие, на кој начин дојдовте до извештаите за тоа каде се трошени парите?

-Врз основа на слободен пристап до информации од јавен карактер, Надзорниот одбор достави барање до Агенција за филм и така успеавме да ги добиеме извештаите. Јас не ја водев „војната“ сам, ниту пак станува збор за војна, туку она што нас како членови на Надзорен одбор не интересираше, беше да бидеме чисти, односно ако во некој момент државата побара каде се потрошени тие средства, не сакавме да сносиме одговорност за работи со кои не сме запознаени. Затоа ја започнавме целата оваа постапка, на која сме потпишани 4 од 5 члена, бидејќи Марија Апчевска не беше тука, па потоа се повлече.

Како на сето тоа реагираа челниците на ДФРМ, претседателот, Игор Иванов Изи и генералниот секретар, Томи Салковски?

-Тука веќе почна една непријатна преписка, со навреди, со обвинувања… Како и да е, во меѓувреме ги добивме извештаите од Агенција за филм, меѓу кои беше и меморандумот потпишан меѓу Горјан Тозија, како директор на Агенција за филм и ДФРМ со важност од 2018 до 2023, во кој период Друштвото ќе добива месечен износ од 120.000 ден. за „тековно одржување, организациски развој, членување во меѓународни организации и др. активности за унапредување на филмската дејност“.

Оваа формулација е тотално апсурдна, но ајде да видиме за каков „развој и унапредување“ станува збор? Имено, што друго беше содржано во овие извештаи?

-Списокот е голем и навистина шокантен за тоа за што сè се трошени парите. Тргнувајќи од договори за изнајмување, плаќање адвокат, сметки од Бар Лајка, потоа сметки за Јавна соба и за Паркленд за одржани состаноци, па за ручек со претседателството во висина од 6.750 денари итн. Дури првата година е во ред, но втората година сето тоа веќе оди во други димензии. Како што се гледа од извештаите, тие почнуваат со таа службена картичка да си плаќаат такси, ресторани, престојот на фестивалот во Кан, потоа има суми од „Тинекс“, од студио „Модерна“, од „Уранија“, има сметки за другар на Иванов, кој не е од оваа бранша, туку е доктор/хирург, па хонорар на Бранко Петровски, истиот кој работи во Агенција и е одговорен за финансиските извештаи. Има сметки за патни трошоци, патарини, за ресторани во Битола, така што сè повеќе се чини дека  службената картичка на друштвото станува приватна и се користи за работи за кои очигледно не би требало да се користи.

Можам уште да набројувам, како: Ами ДОО, Наса кафе, Маракана, Орце Николов бензинска пумпа, пица, рента кар… Би рекол, тотално приватизирана, бидејќи тоа се работи кои не влегуваат во ниеден дел од споменатите ставки на договорот (за развој, унапредување…). Инаку, станува збор за извештај од 2020 година, кој се однесува на работењето во 2019 година.

Ме интересира што се случува со ревијата на македонски филмови „Златна рамка“, која ја нарекуваат фестивал, како што впрочем го нарекуваа и одбележувањето 70 години ДФРМ, 50 години анимиран филм, а немаат никаква врска со фестивал. Освен тоа, „Златна рамка“ е ревија на која се прикажуваат домашни филмови што се снимале во изминатата година и каде што нема ни селекција, не се плаќаат ни авторски права итн.?

-Интересно е дека првата година на ревијата „Златна рамка“ нема продуцент, нема ништо, има само креативен директор, за што е назначена Ана Василевска (која беше член на Филмскиот совет, а исто така и рецензент кој читаше сценарија) која добила хонорар од 66.667 дена, потоа има асистент на директор, и координатор. Необичен момент е свеченоста за затворање на „Златна рамка“ за која се потрошени цели 367,778 (6.000 евра) ???, додека за програма, печатење и награди издвоен е износ во висина од 255 илјади денари??? (можеби станува појасно зошто се вика фестивал)

Е, веќе во втората година работите стануваат поконкретни, па така се појавува директор и продуцент на „Златна рамка“, поточно Игор Иванов и Томи Салковски кои земаат еднакво по 132.258 ден., Ана Василевска добива 48.000, Ѓорѓи Јаневски 25.000, Бранко Петровски 48.000 како координатори за игран филм, координатори за краток и документарен филм, за панел дискусии, за собрание. Меѓутоа, тоа се проекции за кои не се плаќа ништо, ни авторски права, филмови не се селектираат, се прикажува сè што е снимено, па затоа се наметнува прашањето за што се тие координатори, за што селектори? Можеби во една најдобра година се снимени 20 македонски филма, но што е со лани кога беше снимен само еден филм, на Златко Калеников, дали годинава имавме координатор за тој еден филм?

Тие го организираа и јубилејот „Три децении независен македонски филм“ и си прикажаа филмови само од една продуцентска куќа

И тука би рекла дека не завршува сè! Покрај хонорарите, тие земаат пари и преку своите продуцентски куќи!?

-Свеченоста за затворање на 2. „Златна рамка“ чини драстично помалку, „само“ 155.000 (за разлика од претходната), бидејќи очигледно си земаа хонорар по 2.000 евра (хонорари што првата година според сето ова очигледно ги повлекле преку свеченото затворање). Потоа имате  подготовки и адаптации за принтање на материјали за кои се потрошени 153.750 ден. преку „Ротко компанија“. Инаку, станува збор за компанија на синот на Игор Иванов, односно како сопственик е наведен Виктор Ирвин Иванов со адреса на станот во кој живее татко му. Но, за да биде братска делба и другиот да не остане покусо, имате иста сума од 153.750 денари платена за реклама на „Црна мачка“ продукција, што се води на Кристијан Буровски, внук од сестра на Томи Салковски, чија адреса е адресата на „Скопје филм студио“, продуцентската куќа на Томи Салковски. И бидејќи сето ова го видовме, ние побаравме од Министерството за култура и од ДКСК, да се утврди дали средствата се наменски потрошени, а копија доставивме и до Агенција за филм.

Како они реагираа на сето тоа?

-Видете, јас не зборувам напамет, еве сите извештаи ги донесов и буквално за сè имам докази. Во тоа време Марија Апчевска поднесе оставка во Надзорниот одбор и набрзо ја именуваа како претставник на здружението во Европската асоцијација на режисери. Што се однесува до документите, сите ги доставував и до членовите на друштвото, но никој на ништо не реагираше. Иванов и Салковски пратија писмо до тогашната министерка за култура, Ирена Стефоска, во кое се жалеа за тоа што го бараме. И сега доаѓаме до тогашниот извештај од Министерство за култура, што тие го добија две недели пред мене, иако јас сум подносител на барањето. Во текстот на инспекцискиот надзор од Министерството е утврдено дека со „Златна рамка“ сè било во ред, дека сè е чисто како солза, со склучени договори и сè е затворено, односно, со други зборови, дека нема никаква злоупотреба на положба.

Во другиот допис, пак, што го испратија до нас рекоа дека тие не се надлежни за следење на финансиската состојба во ДФРМ и не упатија во Државниот завод за ревизија. Се обративме таму, им ги доставивме сите извештаи, но добивме одговор дека тие работат според годишна програма и дека не се во состојба да постапат во моментов, па нашето барање го доставиле до Министерство за внатрешни работи. Тогаш ова министерство ја почна истрагата преку економски криминал и тоа беше оној момент кога почнаа истражните органи да влегуваат во Агенција за филм (2021).

Сè што организира ДФРМ е фестивал, па така и одбележувањето 70 години ДФРМ, а така и одбележувањето 50 години анимиран филм

Кога дојде до вашето исклучување од ДФРМ?

-Набрзо после тоа. Ваквата состојба предизвика огромна нервоза, почнаа закани и веднаш беше закажано собрание во јуни 2021, иако јас не бев тука. Како и да е, на 30 јули добив меил во кој ме известија дека сум исклучен од Друштвото со образложение дека не сум одржувал редовно седници во седиштето на друштвото, како што налагале интерните акти??? А како што видовте они одржуваа седници по ресторани, „Уранија“, „Лира“, ама јас не сум одржувал и не сум поднесувал извештај за работењето до собранието. Наеднаш ми најдоа и судир на интереси, дека сум бил претседател на Надзорен одбор и извршен директор на „Браќа Манаки“, па не сум предлагал соодветни мерки за работењето на друштвото и дека продолжувам да манипулирам со членството со што постапувам спротивно на целите на друштвото… Така што во 70 години на друштвото јас сум прв член исклучен со ваква одлука.

Што се случи потоа, имаше ли ревизија во Друштвото?

-Да, имаше ревизија, објавија дека сè е нерегуларно, нелегитимно, Заводот за ревизија по службена должност поднесе неколку кривични пријави до Бојан Лазаревски за неговото работење (2021), но и за незаконското финансирање на здружението. Имаше и кривични пријави.

Каде се тука другите филмаџии? Како е можно сето ова толку години да трае и да си поминува?

-Проблемот е што имаат силна политичка заштита и тоа ги држи на површина. „Скопје филм студио“ доби тендер од влада во вредност од 8 милиони и 260 илјади денари за реализација на 4 настани за државата, што е срамота. И што можат да направат филмските работници? Тие не реагираат затоа што се зависни, они го раководат цел тој свет, они се боговите кои одлучуваат за сите, кој ќе работи, кој нема да работи.

Ако се осврнеме на добиени проекти заклучно со 2020 година, Томи Салковски добил вкупно 216 милиони денари, од кои по 9 години владеење на ВМРО има добиено  118 милиони, додека за три години со Горјан Тозија добива цели 97 милиони. Тоа е во просек по 30 и нешто милиони годишно.

Додека за „Лист продукција“ на Марија Димитрова (партнерка на Иванов), Тозија има одобрено 27 милиони, а сега и за „Слобода филм“, повторно на Димитрова, со која веќе доби неколку филма и доста големи суми. На пример, сите кратки дебитантски филмови добиваат по 900 милиони и се мачат да излезат на крај, додека за втор филм добиваат околу 1 милион и 500 илјади, а „Слобода филм“ за деби доби милион и нешто, додека за втор краток филм доби 2 милиона и 600 илјади.

Дали нешто во меѓувреме се измени?

-Напротив. Еве, овој извештај што излезе сега од Работната група сметам дека кажува сè како што е. За реализација на новиот филм на Косара Митиќ „17“ на „Црна мачка продукција“ исплатени се средства уште лани во износ од 70 проценти, а веќе две години никој не добил 70 посто за реализација на игран филм, па макар и кога се работи за дебитантски филмови, каде што се помали средствата, од причина што парите се делат на повеќе за да можат сите да работат. Но, не и сега. Лани средства добил само Салковски и споменатиот Калеников, бидејќи негов продуцент е Марија Димитрова. Тоа што го пишува во извештајот за привилегирани продуценти, според фактите што ги имам, е сосема точно.

И, што е најиронично, сега на последниот конкурс ДФРМ за реализација на програма има добиено три милиони од Агенцијата. Како финансиски советник бил ангажиран Роберт Јазаџиски и тој рекол дека тие пари се потребни за друштвото да може да функционира. Веќе не се ни 120 илјади, сега се уште толку зголемени, така што сега ќе добиваат 250 илјади денари месечно. Дупло. Имено, на последниот конкурс за здруженија си поднеле барање со три милиона и тоа им било одобрено.

За прирачници нема проблем, ќе измислат што и да е што носи пари, но затоа Агенција за филм не поддржува списанија и книги, а ова каде спаѓа?

Тоа е она што и ние го пишувавме, дека ништо никаде не стигнува, они само повеќе добиваат, одговорност нема никаква и сега дојдовме до таму да дискредитираме државни институции за тоа што се осмелиле да зборуваат или да праќаат инспекција во Агенција за филм! Што е со одговорноста, како навистина да се измени нешто?

-Последниве 7 години и покрај тоа што одредени лица беа на некои функции, и покрај тоа што беа фатени на дело, не беа ни разрешени, ниту нешто беше поднесено против нив. Неказнивоста очигледно е на високо ниво. Процедурата за барање одговорност од Бојан Лазаревски траеше скоро две години, токму поради сите овие извештаи. Но, барањето не се ставаше на седниците на влада, затоа што се тргаше позади од страна на еден човек.

Целата работа е што има инертност на органите. Да ја немаше таа инертност, ова што е пријавено 2021 до сега требаше да има завршница. Тоа е најголемо разочарување кај луѓево. Ништо не направија за да се разрешат некои работи и да се постават на начин на кој би функционирале реално.

Како што пишува во најновиот извештај, навистина има долгови кон проекти од 2017 и 2018 година кои се неисплатени. Еве, на пример лани, на двата конкурса на  проектите кои се одобрени не им се исплатени ни оние првични пет проценти за почеток на подготовки, а пари нема иако до септември биле префрлени 140 милиони денари од Министерството. За што се потрошени тие пари?

За крај да кажам дека има препорака на Европската комисија да се укине Агенција, и тоа веќе 3-4 години, дека како тело нема потреба таа да функционира и да постои. Моето мислење е дека ако сега не се сменат работите ќе биде тотално погубно, после ќе биде џабе и да се подигне буџетот за култура. Ми се чини дека новата владеачка структура е малку поекспедитивна и поконцизна во одлуките за разлика од претходните. Верувам дека ќе се случи некоја промена, зашто не џабе тргна сето ова, почна да се крева прашина и тоа ќе мора да резултира на некој начин.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ